Култура
Повеќе од 200 илустрации на автори од Хрватска и од Македонија на ЛИТЕРА 2023 во Музеј на град Скопје

Повеќе од 200 илустрации ќе бидат изложени на 5. Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца ЛИТЕРА 2023 кое утревечер (23 мај) во 19 часот ќе биде отворен во Музејот на град Скопје.
Фестивалот годинава ќе се одржи под мотото „Свет со љубов“, а свечено ќе го отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Во рамките на петдневната богата програма, Музејот на град Скопје до сабота (27 мај) ќе биде епицентар каде ќе се одржуваат мастеркласови, работилници за професионалци и за деца, промоции, читање сликовници и многу други настани. Н 25 мај (четврток) ќе се одржи и конференција на темата „Македонска современа сликовица“, што ќе започне на пладне. На ЛИТЕРА 2023 гостуваат тројца врвни илустратори од Хрватска: Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ Врачар и Бранка Холингсворт Нара. Ним им се придружуваат петтемина академски уметници од нашата земја Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калиопи Трпчева и Сања Симоска кои се пријавија на конкурсот на фестивалот и беа селектирани за големата изложба. За поддршка на македонската илустрација фестивалот ќе им откупи по едно дело.
Од тимот на ЛИТЕРА 2023 велат дека овој мал јубилеј на фестивалот ќе го одбележат со петдневно славење на професиoналната илустрација наменета за деца, сликовниците и литературата за деца.
– Во тоа ќе ни помогнат тројцата врвни илустратори и креативци од Хрватска. Нивното присуство на фестивалот е особено важно бидејќи преку мастеркласови и предавања своето искуство ќе го пренесат на младите илустратори и сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија во нашата земја. Особено ни е важно да ги поддржиме македонските професионални илустратори. Нè радува интересот на авторите кои учествуваа на конкурсот. Тоа е знак дека постои интерес за илустрацијата, но треба да им се даде вистинско место на авторите – велат од тимот на ЛИТЕРА 2023.
Фестивалот „Литера“ е фокусиран на новите генерации. Преку квалитетна илустрација за деца ја развиваме визуелната култура на децата. Концептот на фестивалот е од отворен тип. Повелете во Музејот на град Скопје да ја славиме литература и илустрацијата за деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.