Култура
Повик за уметници, илустратори и дизајнери за картите FIERCE WOMEN WOW

Проектот „Жени за жени“ (Women on Women), кој во моментот Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ го имплементира заедно со партнерите Prostor rodne i medijske kulture K-zona од Хрватска, Mesto Žensk од Словенија и Outlandish Theatre Platform од Ирска, има цел да даде видливост на значајните и инспиративни жени што нашето општество го менувале на подобро.
Во 2018 година партнерите од Хрватска развија иновативна игра со карти Fierce Women, која ги запознава нејзините играчи со достигнувањата на жените во сферите на културата, политиката, науката, феминизмот, човековите права и уметноста. Ова е забавен, едукативен и општествено ангажиран производ, кој ја нуди можноста да го отвори прашањето за родовата еднаквост во нашите општествени кругови.
Во рамките на овој проект во план е изработка на дополнителен шпил со 30 нови значајни или, како што ги нарекуваат нашите партнери од Хрватска, страшни жени, од Хрватска, Словенија, Ирска и од Северна Македонија. Вкупно 7 жени од ова поднебје се наоѓаат во селекцијата, и тоа: Роса Плавева, Накие Бајрам, Лилјана Дирјан, Вера Весковиќ-Вангели, Искра Грабул, Мимоза Несторова-Томиќ и Рајна Алексова за кои едвај чекаме да видиме интересни илустрации што ќе ги претстават нивните ликови и достигнувања. Апликант(к)ите треба да изберат од една до три од листата на триесетте избрани жени, од кои не се бара завршена илустрација, туку доволно е само скица.
За таа цел, објавен е повик отворен за уметници, илустратор(к)и и дизајнер(к) од цела Европа! Ги повикуваме креативците од нашата земја да се пријават најдоцна до среда, 24 јуни 2020. Оние автор(к)и чии илустрации ќе бидат избрани да бидат дел од овој шпил, ќе добијат награда од 160 евра (бруто) од илустрација и нивното уметничко дело како дел на овој шпил ќе биде промовирано преку разни канали на проектните партнери, како социјални мрежи, фестивали и други настани. Исто така, победничките и победниците ќе добијат шпил од картите Fierce Women WOW и еден од оригиналниот шпил Fierce Women. Повеќе информации за правилата и можностите што ги нуди овој повик можете да најдете на веб-страницата на „Тиииит! Инк.“ (tiiiitinc.com).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.