Култура
Повик за учество во работилницата за звук на фестивалот „Македокс“
Единаесеттото издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, под мотото „Слеј се со тишината“, ќе се фокусира на дизајнот на звук. Шест проекти во различни фази на продукција ќе бидат одбрани за работилницата за звук „Звукот го обликува филмот, филмот го обликува звукот“ со Владимир Ракич, која ќе биде поделена во фази од крајот на јуни до крајот на август.
Работилницата за звук е наменета за режисери, монтажери и/или дизајнери на звук со документарен проект во фаза на пред-продукција, продукција или постпродукција, продуцирани или ко-продуцирани во една од следните земји: С. Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција.
Доколку проектот е во фаза на пред-продукција, треба да се опише зошто авторите сметаат дека звукот е важен во оваа фаза на развој.
Периодот на аплицирање за учество на работилницата е од 13 јуни до 22 јуни, а резултатите од селекцијата ќе бидат објавени на 26 јуни. Првата групна сесија ќе се одржи на почетокот на јули. Ќе следуваат 3-4 индивидуални работни сесии: во текот на јули и август (датумите ќе бидат дополнително определени во договор со менторот). Последната сесија ќе се одржи за време на Макекопродокс форумот во август (презентација на резултатите од работилницата). Работилницата ќе се одвива на англиски јазик.
Линк до целосниот повик и биографија на менторот: http://makedox.mk/mk/en/open-call-for-sound-workshop-11-makedox/uncategorized/
Крајниот рок за аплицирање е 22 јуни.
Владимир Ракич (1974, Нови Сад) е композитор и дизајнер на звук кој живее и работи во Амстердам. Повеќе од 15 години активно работи на дизајнот на звук и соработувал со повеќе познати документаристи. Држи работилници за звук на Холандската академија за филм во Амстердам.
Важно за учесниците: Како да аплицирате?
Пријавете се на работилницата за звук со пополнување на формуларот.
Во формуларот треба да прикачите:
*Линк до последната монтирана верзија од филмот
*Линк до видеопријава во која треба да одговорите на следните прашања:
1. На кратко претставете се и опишете го вашиот проект.
2. Како започнавте да го развивате овој проект?
3. Во која фаза на продукција е проектот моментално?
4. Ве молиме опишете зошто сметате дека оваа работилница е важна за вашиот проект и кои се вашите очекувања од неа?
5. Дали вашиот проект има некој посебен проблем со дизајнот на звук и кои се нештата што би сакале да ги потенцирате за време на работилницата?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Браќата Дарден, македонска копродукција и концерти вечерва на „Синедејс“
Со вечерашниот репертоар започнува официјалната натпреварувачка програма на 24 CINEDAYS. Во двете селекции, Официјална конкуренција и СЕЕ се натпреваруваат европски филмови и копродукции кои ја претставуваат флуидноста и непосредноста на можни соработки меѓу филмските работници.
Филмот ЕРА, во режија на Парта Келменди е првата македонска копродукција која ја гледаме на овогодинешниот фестивал, а е селектиран во СЕЕ програма.
„За мене, копродукцијата на филмот ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, бидејќи филмот навлегува во чувствителен историски период кој бара искрено, прецизно и автентично раскажување. Рекреирањето на деведесеттите во денешна Приштина беше комплексна задача, но под водство на режисерката и сценаристка Парта Келменди и со посветената работа на македонскиот тим – сценографот Кирил Спасовски, директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата останата креативна и техничка и екипа од Македонија и Косово – успеавме да создадеме филм со кој искрено се гордееме. Извонредните актерски интерпретации на Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и многу други, ја носат тежината и значењето на приказната со длабока свесност за нејзината културна важност. Соработката меѓу Косово и Северна Македонија во филмската уметност секогаш доаѓа природно и лесно, благодарение на блиското разбирање на нашите култури. Верувам дека ЕРА е уште еден силен пример за тоа колку успешни и вредни дела произлегуваат од ова партнерство“ – вели Марија Димитрова, која е македонски копродуцент во оваа Косовско – македонска продукција.
Во клуб МКЦ од 20:30 часот е закажан Синедејс музичкиот блок, во кој публиката ќе има можност бесплатно да ги проследи концертите на музичките групи Stoinost (Бугарија), Elizabeta Bam (Хрватска), Ubili su batlera (Србија) и Sunblinds (Бугарија). Музичката програма на фестивалот е финансирана од програмата Лајвјуроп.
Во останатиот репертоар на вечерашниов 24. CINEDAYS ќе гледате:
Кратки филмови
17 часот – режија: Флака Коколи – 19 часот 25 Мај
Пријатни летни денови – режија: Невена Десивојевиќ – 19 часот 25 Мај
АМРА – режија: Васил Христов – 20 часот Кино Фросина
Состојба на умот – режија: Александра Кардалевска – 20 часот Кино Фросина
Официјална конкуренција
Кралот Кат – режија: Ури Маранц – 19:30 часот 25 Мај
Нашата прекрасна кланица за свињи – режија: Адам Мартинец – 21 часот Кинотека
СЕЕ
ЕРА – режија: Парта Келменди – 20:20 часот Кино Фросина
Месо – режија: Димитрис Накос – 19:00 часот Кинотека
ГАЛА
Млади мајки – режија: браќата Дарден – 22:00 часот Кино Фросина
Македонија
Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Николоски ќе учествува на настанот “Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и еконoмска граница на Европа” организирана од страна на “Пријатели на Европа” каде ќе има и свое обраќање. На панел дискусијата посветена на проширување на Европската Унија, покрај вицепремиерот Николоски, свое обраќање ќе имаат и Еди Рама, премиер на Албанија, Ана Брнабиќ претседател на Националното Собрание на Србија, Кристина Герасимов вицепремиер за европска интеграција на Молдавија и Герт Јан Купман, Генерален директор за источно соседство и проширување на Европската Комисија.
Николоски во петок ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница. На состанокот на кој ќе претседава Комесарот за одржлив транспорт на Европската Комисија, Апостолис Цицикостас, ќе се разговара за напредокот на земјите од Западен Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
На министерскиот совет, вицепремиерот Николоски ќе говори за транспортните политики на Македонија, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8 и 10 и 10 -д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот совет ќе присуствуваат министри за транспорт и владини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Исто така предвидени се и значајни средби со претставници од Европската Комисија.
Култура
Со два филма на репертоарот вечерва почнува 24. „Синедејс“
Со добитникот на Златаната палма на Канскиот фестивал „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи и биографискиот документарец „Човек лавина“ за Драгољуб Ѓуриќиќ, првиот тапанар на Леб и сол во режија на Слободанка Радун, вечерва се отвара 24. Фестивал на европски филм „Синедејс“.
„Многу вешто го создадовме ова издание на фестивалот, кое ќе нé однесе на платно пред врвот на европската кинематографија, пред најновите и наградувани филмови со кои Скопје ќе дише следниве денови. Возбудени сме затоа што отвораме со два феноменални филма, кои го најавуваат програмскиот ракурс на фестивалот“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на „Синедејс“.
Киното Фросина е резервирано за филмскиот мајстор Џафар Панахи, кој со „Тоа беше само несреќа“ создава длабоко човечки морален трилер, каде што високата напнатост се испреплетува со ненадејни напливи на хумор и содржајни, напати болни, прашања за прогонство и одмазда. Феноменален филм кој филм што е снимен тајно, ги одразува неговите искуства во затвор и неговите искуства со државната репресијa. Филмот е избран како француски кандидат за наградата Оскар во 2026 година во категоријата Најдобар меѓународен долгометражен филм.
А во Салата 25 мај ќе се прикаже филмот „Човек лавина“ на Слободанка Радун. Филм-портрет чие што прикажување пред скопската публика носи особена возбуда, бидејќи тапанарот Ѓуриќиќ, дел од својот живот го дава токму на оваа музика и народ.
„Скопје е важен град во животот на Драгољуб Џуричиќ и затоа и се радувам на македонската, скопската публика. Со филмот сакав да ја прикажам комплексната слика за Драгољуб Џуричиќ, музичар со необична кариера од една страна и човек со негов систем на вредности, карактер и енергија. Се трудев да избегнам негова митологизација и да го насочам филмот кон емоции, а не патетика. На таа линија беа и сите соговорници со кој Драгољуб соработувал како Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Дејан Цукиќ, Лав Братуша, Никола Чутурило и многу други – вели Слободанка Радун, режисерка на филмот „Човек лавина“.
Под слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се случува 24. „Синедејс“.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај.
Билетите за овогодишното издание ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk, како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Останати финансиски покровители се Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали како и мрежата Лајвјуроп.

