Култура
Поетско читање на археолошкиот локалитет Билазора кај Свети Николе

На 20 март во 12 часот ќе се одржи поетско читање на археолошкиот локалитет Билазора кај Свети Николе.
Со поетското читање ќе се одбележи Светскиот ден на поезијата, а организатори на настанот се: Друштвото на писателите на Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ, Општината Свети Николе и Меѓународниот славјански универзитет од Свети Николе.
На манифестацијата „Билазорски видувања 2023“ ќе настапат поети – членови на ДПМ и автори од Свети Николе и соседните градови. А со свои поздравни обраќања ќе земат учество: проф. д-р Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет – Скопје, амбасадорот Јордан Плевнеш, основач на Интернационалниот универзитет Европа Прима – Скопје, господин Дејан Владев, градоначалник на општина Свети Николе, и проф. д-р Јордан Ѓорчев, основач и директор на Меѓународниот славјански универзитет – Свети Николе.
Инаку, се планира манифестацијата „Билазорски видувања“ во иднина да биде традиционална и секоја година да се распишува конкурс за најдобра песна од учениците во основните и средните училишта во Републиката на тема „Билазора“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Костадиновска-Стојчевска на чествување на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов во седиштето на УНЕСКО во Париз

Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, утре (21 март) ќе започне програмата за чествување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов, што е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО.
По тој повод, ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во рамките на посетата е предвидена средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
Славејќи ги творештвото и поезијата на Ацо Шопов, на настанот ќе се одржи меѓународен симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамките на програмата ќе се одржи и проекција на анимираниот филм „Грозомор“, работен според истоимената песна на Ацо Шопов, инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а ќе биде отворена и изложба посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов, „Патот по кој чекорам“.
Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното 62. издание на Струшките вечери на поезијата, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.
Настанот е дел од националната програма „2023 – година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
Култура
Двајца македонски претставници во десетте млади музички професионалци избрани на „Нови лица 2023“

Првпат регионалната иницијатива „Нови лица 2023“ (NEW FACES 2023), по минатомесечниот отворен повик, ги избра десетте надежни млади музички професионалци (под 30 години), кои активно се вклучени во музичката индустрија во регионот на поранешна Југославија. Меѓу десетте избрани професионалци на четири регионални фестивали и конференции, македонската музичка индустрија ќе ја претставуваат Нела Пешовска од „Пасворд продукција“ и Ерик Омерагиќ од Младинскиот културен центар.
Со овој отворен повик, на кој пристигнаа над 100 пријави, македонската музичка конференција ПИН, како и фестивалите и конференциите „МЕНТ Љубљана“ (Словенија), „Контакт“ (Србија) и ШИП (Хрватска), се стремат да ги поттикнат младите професионалци, кои се клучен дел од растот на регионалната музичка сцена.
„Се надеваме дека иницијативата ‘Нови лица’ ќе стане годишен настан. Со тоа што им нудиме на младите можност дополнително да ги развиваат своите знаења и вештини, а ние исто така даваме значење на нашата работа. Често забораваме дека музичката сцена не е само за изведувачите на бина, туку и за многу други што вредно работат зад сцената. Тука спаѓаат промотери на настани, новинари, издавачи, менаџери и многу други понекогаш скриени протагонисти на музичкиот бизнис“, велат од партнер-фестивалите.
Десетте избрани млади музички професионалци ќе добијат влезници за регионалните конференции и фестивали, пристап до онлајн дата-база на делегати, како и покриени трошоци за патување и престој на партнер-конференциите.
Новите лица за 2023 се:
Дино Гругиќ (промотер; Velvet Festival, Хрватска)
Ерик Омерагиќ (светло и дизајнер на звук, сценски менаџер; МКЦ, Македонија)
Лана Бауман (промотер; Lacha, Словенија)
Лука Задро (менаџер, букинг-агент, промотер; yem, Хрватска)
Моника Гава (продуцент; Krokodil studio, Србија)
Нела Пешовска (букер; ПИН-конференција, „Таксират“, „Д фестивал“, Македонија)
Ник Грозд (промотер; Kino Šiška, Channel Zero, Словенија)
Растко Томиќ (музички уредник; Highwaystar magazine, Србија)
Станислав Дрча (куратор, промотер, продуцент; европски град на културата „Нови Сад 2022“, KC Lab, Србија)
Тена Шарчевиќ (музички уредник, glazba.hr, Хрватска)
Култура
Недела на франкофонскиот филм во Кинотеката

Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, Амбасадата на Романија и Романскиот културен институт, Амбасадата на Швајцарија, Амбасадата на Белгија во Софија и „Валони – Брисел интернационал“, Амбасадата на Луксембург и Кинотеката на Северна Македонија, во рамките на Месецот на франкофонијата, организираат Недела на франкофонскиот филм во Кинотеката.
Неделата на франкофонскиот филм ќе се отвори в четврток, 23 март, во 20 часот, со прикажувањето на романскиот филм „Радио Метроном“.
Манифестацијата свечено ќе ја отвори Моника Аксинте, амбасадор на Романија.
Отворањето ќе биде проследено со коктел.
Потоа следуваат:
– петок, 24.3. – швајцарскиот филм „Последниот танц“ на Делфин Лерисе (2022, 1h24), со Франсоа Берлеан и Касеј Моте Клајн;
– сабота, 25.3. – белгискиот филм „Последното искушение на Белгијците“ на Жак Бикоа (2021,1h16), со Алис Дитоа, Вим Вилер и Алекс Визорек ; по проекцијата, следува коктел овозможен од Амбасадата на Белгија во Софија и „Валони – Брисел инрернационал“:
– понеделник, 27.3. – францускиот документарен филм „Деца на татковината“ на Тјери Демезјер и Албан Терле (2022, 1h50), со Елса ле Петрек, Тјери Демезјер;
– вторник, 28 март, со луксембуршкиот анимиран филм „Неверојатната приказна на Фрици“ на Раиф Кукула и Матијас Брин се затвора Неделата на франкофонскиот филм.
Сите проекции се одржуваат во Кинотеката на Северна Македонија, со почеток во 20 часот.
Сите филмови се со превод на македонски јазик.