Култура
Почнува вториот дел на „КРИК 05“ – фестивал за критичка култура
Од утре, 15 септември, до 18 септември во Музејот на современата уметност во Скопје, ќе се одржи вториот дел на „КРИК 05“ – фестивал за критичка култура во организација на „Контрапункт“. Темата на фестивалот е „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“.
На 15 септември, со почеток од 19.30 часот, ќе се одржи предавање на Елизабета Шелева во разговор со Мања Величковска – „Тропи на ранливоста (потеклото како долг или бегство од биографија)
Истата вечер од 21 часот џез-составот „Кадабајас“ ќе одржи концерт.
Наредниот ден, 16 септември, од 19.30 часот во МСУ ќе се одржи „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“ – предавање на Славчо Димитров во разговор со Артан Садику. Во истиот термин на 17 септември ќе има дијалог на Артан Садику и Станимир Панајотов од Бугарија со наслов „Смртта и сексуалноста“.
На финалниот ден, 18 септември, од 19.30 часот, ќе биде премиерно прикажан краткиот филм на Иван Блажев – All time is all time, по што ќе се одржи „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“ – предавање на Небојша Вилиќ, проследено со излагања и разговор со Натали Р. Павлеска и Јованка Попова.
Годинашното петто издание својата програма ја почна во јуни (во јунската програма гости беа Франко Берарди Бифо, Џули Реше, Светлана Слапшак, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо) и ќе се одвива до декември.
Тимот на КРИК истакнува дека се фокусира на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување, кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот.
„КРИК оваа година ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите капиталистички наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, солидарни заедници. Каков вид на политички, социо-културен и економски поредок би бил идеален/оправдувачки за нас како битија кои се соочуваат и не можат да ја прифатат сопствената смртност? Каков начин на живот треба да живееме и што треба да направиме колективно/заеднички за да се овозможи коренита промена во идејата за заедниците? Како можеме да ги преиспитаме и повторно да ги земеме предвид концептите за слобода и еднаквост? Какви движења можеме да поттикнеме, кои ќе го конфронтираат досегашниот концепт на заедници и ќе понудат праведни општествени концепти и практики?“, соопштува тимот на КРИК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Серијата „Адолесценција“ би можела да добие продолжение
Серијата „Адолесценција“ (Adolescence) би можела да добие продолжение, иако првично беше замислена како мини-серија. Стивен Грејам, еден од авторите и актери во серијата, потврди дека заедно со коавторот Џек Торн веќе водат првични, неформални разговори за можна втора сезона.
Грејам, кој во серијата го толкува ликот на Еди Милер, татко на главниот лик Џејми, изјави дека идејата е сè уште во многу рана фаза и дека, доколку дојде до реализација, новите епизоди нема да бидат подготвени наскоро.
„Тоа е нешто што е длабоко во нашите мисли и можеби ќе го извлечеме за три или четири години“, рече Грејам зад сцената на доделувањето на Златните глобуси.
„Адолесценција“ ја следи приказната за проблематичен тинејџер обвинет за убиство на соученичка, фокусирајќи се на последиците од злосторството, семејните односи и психолошките процеси кај младите. Серијата доби бројни награди, меѓу кои и Златен глобус за најдобра мини-серија, како и признанија за актерските остварувања.
Иако нема официјална потврда за продолжение, меѓу фановите веќе се појавија шпекулации дека втората сезона би можела да биде раскажана од нов агол или серијата да прерасне во антологија со нова приказна.
Култура
„Една битка по друга“, „Хамнет“ и „Адолесценција“ доминираа на Златните глобуси
Во неделата беа доделени престижните награди Златен глобус. Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) беше прогласен за најдобар филм – мјузикл или комедија, што е една од вкупно четирите награди што ги освои, додека „Хамнет“ (Hamnet) ја доби наградата за најдобар филм – драма.
Тимоти Шаламе триумфираше во една од најконкурентните категории, освојувајќи ја наградата за најдобар актер во филм – мјузикл или комедија за улогата на професионален пингпонг-играч во филмот „Марти Суприм“ (Marty Supreme).
Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another), продукција на „Ворнер Брос Дискавери“, кој ја следи приказната за група пропаднати револуционери, се смета за фаворит и за Оскар за најдобар филм. На доделувањето, режисерот Пол Томас Андерсон ги освои наградите за најдобар режисер и најдобро сценарио, додека Тејана Тејлор ја доби наградата за најдобра споредна актерка.
Филмот „Хамнет“ (Hamnet) нуди замислена приказна за тоа како Вилијам Шекспир и неговата сопруга се справувале со смртта на нивниот 11-годишен син Хамнет. Историчарите веруваат дека токму оваа трагедија го инспирирала драматургот да ја напише драмата „Хамлет“ (Hamlet).
Бразилскиот филм „Тајниот агент“ (The Secret Agent) беше прогласен за најдобар филм на странски јазик, а неговата ѕвезда Вагнер Моура ја освои наградата за најдобар актер во филм – драма.
Стелан Скарсгард го доби Златниот глобус за најдобра споредна машка улога во норвешката семејна драма „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value).
„Не бев подготвен за ова, бидејќи, секако, мислев дека сум престар“, изјави 74-годишниот актер на сцената.
Песната „Злато“ (Golden), од анимираниот феномен „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters), беше прогласена за најдобра оригинална песна.
Во телевизиските категории, серијата „Пит“ (The Pitt) ја освои наградата за најдобра ТВ серија – драма, додека „Студиото“ (The Studio) беше прогласена за најдобра ТВ серија – мјузикл или комедија.
Мини-серијата „Адолесценција“ (Adolescence), која ја раскажува шокантната приказна за тринаесетгодишно момче обвинето за убиство на соученик, ја освои наградата за најдобра мини-серија или антологиска серија.
Актерите Стивен Грејам, Овен Купер и Ерин Доерти ги освоија наградите за најдобар актер во мини-серија, најдобар спореден актер на телевизија и најдобра споредна актерка на телевизија.
Култура
„Парусион“ во МКЦ: Авторски фјужн звук во срцето на живиот ритам
Групата „Парусион“ на 28 јануари, со почеток во 20:15 часот, ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, најавувајќи вечер посветена на авторската музика, современиот фјужн израз и ритамот како главен носител на музичката мисла.
Формиран во 2003 година во Скопје, ансамблот „Парусион“ е предводен од Михаил Парушев – композитор и тапанар чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви, од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн пристап што ги спојува импровизацијата, јасната форма и живата сценска енергија. По повеќе од две децении активна концертна работа, „Парусион“ функционира како отворен колектив во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.
Во актуелната концертна постава, покрај Михаил Парушев на тапани, како постојан член од 2003 година се издвојува гитаристот Зоран Костадиновски, чиј израз комбинира ритмичка стабилност и експериментален пристап. Останатите музичари се приклучуваат на „Парусион“ во различни периоди, носејќи свои индивидуални сензибилитети и проширувајќи ја звучната палета на ансамблот преку труба, саксофон, пијано, бас и перкусии.
Звучната слика на ансамблот ја надградува трубата на Трајче Велков, која внесува јасни мелодиски линии и динамична боја, додека саксофонот на Петар Колевски се движи меѓу џез-фрази и слободна импровизација. Гитарскиот слој на Костадиновски се движи меѓу прецизна ритмика и истражувачки пристап, а пијаното на Јован Цветковиќ претставува хармонски и структурен столб на ансамблот. Бас линијата на Иван Бејков ја заокружува целината со длабока и стабилна основа, додека Горан Трајков со тарабука и перкусии дополнително го проширува ритмичкиот спектар, внесувајќи етно и ориентални нијанси во фјужн контекстот.
![]()
Роден во 1976 година во Скопје, во семејство на музичари, Михаил Парушев уште од најрана возраст го гради својот однос со ударните инструменти. Ритамот станува негов прв јазик уште на четиригодишна возраст, а на шест години тапаните веќе се негов примарен израз. Своето формално музичко образование го заокружува со дипломирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, што му овозможува стабилна основа врз која развива слободен, истражувачки и авторски пристап.
Неговиот талент е рано препознаен – во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок фестивал, а од 1989 година па сè до денес континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, искуство што директно се влева во звукот и сценската енергија на „Парусион“.
Авторскиот фокус на Парушев е потврден и со солистичкиот албум „Агол“, издаден во 2022 година, кој дополнително го нагласува неговиот интерес за ритамот како самостоен, но и фјужн елемент во поширок музички контекст. Во рамки на концертот во МКЦ, ансамблот ќе изведе авторски композиции што постојано се трансформираат на сцена, оставајќи простор за импровизација, дијалог и жив контакт со публиката.
Паралелно со тековните настапи, „Парусион“ продолжува да работи на нов авторски материјал и современи обработки на традиционални македонски песни, истражувајќи ја тенката линија меѓу музичкото наследство и модерниот фјужн израз.
Концертот во МКЦ е наменет за публиката што бара авторска, современа и жива музика – каде фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот колективен јазик што се создава во моментот.

