Култура
Почнува филмската ревија – Денови на SEE Film Festival на „Бит-фест“

Од денес во киното „Манаки“ како дел од програмата на битолското културно лето почнува филмската ревија Денови на SEE Film Festival, која ќе трае до 15 јули. Проекциите почнуваат во 20 часот и се бесплатни, а ќе бидат прикажани дел од најдобрите наградени филмови од дванаесеттото издание на фестивалот на кинематограферите од Југоисточна Европа во Париз, Берлин и во Вашингтон.
Вечерва, ќе биде прикажан филмот КЕИФ (Македонска чалгиска традиција) во времетраење од 94 минути, во режија на Блаже Дулев, а по сценарио на Ристо Солунчев.
Филмот ги следи историјата и почетоците на чалгијата од Цариград (Истанбул) до Македонија во текот на еден век. Ја следи историјата на старите македонски музички групи (тајфи) основани во Скопје, Охрид, Велес, Кавадарци, Битола, но исто така и турската класична музика, преку академски професори од Турција. Во филмот се користат стари архивски снимки од изведбите на бардовите на овој вид музика, што носи на површина важен сегмент од македонските музички традиции за идните генерации.
Филмот ги следи развојот на чалгијата во Македонија, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и, секако, нејзиното појавување во денешниот контекст преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници, како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сѐ е подготвено за „ 99 мегастарс“ – ден за музика, ден за награди, ден за незаборавни моменти

Одбројувањето за „99 МЕГАСТАРС“ почна. Во тек се финалните подготовки пред утрешниот МЕГАден за МЕГАсреќа и „99 МЕГАСТАРС“ – денот кога ќе си ги освежиме најубавите музички спомени, но и денот кога ќе споделиме незаборавни моменти на среќа, забава, дарување…
30 ноември е ден кога среќата ќе биде насекаде, а токму таа, исто како и музиката, им дава душа на универзумот, крилја на умот, лет на имагинацијата, а магија и радост на нашите животи. Затоа подгответе се МЕГАквалитетно и МЕГАуникатно искуство со добра македонска музика и една поинаква, позабавна лотарија − Државна лотарија, којашто за вас ги овозможи Мегавин и „99 Мегастарс “!
На 30 ноември во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20:00 часот ќе се слави музиката, успехот, ќе се одбележи најновата мегапобеда megawin.мк, новата визија, новиот симбол, една убава 15-годишнина, но и пишувањето на новите страници за уште 26 нови среќни приказни од наградната игра „Биди ин, регистрирај се на мегавин“…
Она што треба да го запомните е дека влезници за оваа вечер НЕМА во продажба – единствен начин да се дојде до нив е со регистрација на платформата megawin.mk (пријавувањето за влезница ќе биде возможно до самиот почеток на настанот), а секој оној кој ќе се регистрира на платформа www.megawin.mk заклучно со денес до 23:59 часот ќе учествува и во наградната игра „Биди ин, регистрирај се на Мегавин“. Вкупниот фонд за награди и подароци изнесува 12 000 000 денари. Наградниот фонд е: 5 луксузни патувања за двајца во Дубаи, 10 гејминг лаптопи Lenovo, 10 iPhone 14 Pro и еден автомобил BMW. Првите 50.000 регистрирани на www.megawin.mk добиваат промотивни вредносни ваучери од 100 до 10.000 денари, што ќе можат да се искористат за играње на платформата megawin.mk.
Во улога на водители на настанот присутните ќе ги видат неповторливиот Игор Џамбазов, Маријана Станојковска, Мартин 99 Трпчевски и Миа Костова, а како звучеше македонската музика на времето ќе нѐ потсетат: Искра Трпева, Peace Brothers, Куку Леле, Марјан Стојановски, Кристина Арнаудова, Ребека, Маја Гроздановска-Панчева, Ристо Самарџиев, Бени Шаќири, Андријана Јаневска, Верица Пандиловска, Александар Тарабунов, Арчи, Сара Мејс, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Нови дечки, Тони Зен, Ивона Јо, Ластовица, Дуо Дис, Наде Талевска, Теа Трајковска, Дарко Гроздановски, Мила Николовска-Ѓумар, Александар Ристовски – Принц…
И тоа не е сѐ, освен аудио ве очекува и неверојатно визуелно доживување – бина со големина од 120 квадратни метри, повеќе од 100 квадратни метри ЛЕД екрани, „зелена соба“ со сите изведувачи, а уреден ќе биде и надворешниот дел, односно просторот пред салата – инаку наменет за сите оние кои нема да бидат во можност да влезат во салата. И пред СЦ „Јане Сандански“ ќе бидат поставени ЛЕД екрани и шатори каде бесплатно ќе се дели топол чај. Настанот ќе биде емитуван и на профилите на социјалните медиуми на Државна Лотарија, како поддржувач на проектот – во чија реализација учествуваат повеќе од 200 луѓе, а дел од dreamream-от се Дарко Панчевски и Емилија Илиевска, проект-менаџери; Мартин Трпчевски, уметнички директор; Александра Тимковска, лице задолжено за односи со јавност, Божидар Божиновски, сценарист; Зоран Тошевски, сценограф; Advanced Solution Group – Маркетинг кампања и Ангелина Китановска, стилист.
Најголемиот пријател Државна лотарија за оваа вечер вели дека е влог во заедничката среќа, затоа не пропуштајте ја можноста – дојдете утревечер во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20:00 часот – зашто не е ин само да се биде фин, туку ин си ако се регистрираш на Мегавин“…
ПР
Култура
Томислав Османли добитник на книжевната награда „Донат“ за животно дело

Награди „Донат“ за литературни придонеси им се доделени на македонските писатели Даниела Андовска-Трајковска и Борче Панов, како и на невладината организација Хрватско-македонска тангента со седиште во Шибеник, а наградата „Горан Буиќ“ ѝ е доделена на Марина Мијаковска.
На литературна свеченост одржана во Задар беа доделени годишните награди „Донат“ и „Горан Буиќ“, кои ги доделува задарскиот одел на Хрватското книжевно друштво – оддел Задар. Лауреати на тие награди се и четворица македонски писатели: на Томислав Османли награда за животно дело и на книжевните творци Борче Панов, Даниела Андовска-Трајкова и Марина Мијаковска, како и невладината организација Хрватско-македонска тангента, сите наградени за видни книжевни придонеси. Предлозите за награди до жирито пристигале од сите пет ограноци на ХКД, а конечните одлуки ги донело жири од 21 член, на чело со претседателот на задарскиот разгранок на Хрватската книжевна асоцијација, предводен од писателот Никола Шимиќ-Тонин, поет, романописец, драмски автор и преведувач.
„‘Донат’ за животно дело ќе му се врачи на Томислав Османли, македонски писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиуми, филмски и театарски критичар, новинар и есеист – стои во дел од подолгото образложение за високото хрватско книжевно признание – автор е на 28 книги публицистика, драмски текстови, сценарија и прози. Неговата теоретска студија ‘Филмот и политичкото’ (1981) е првата книга во Македонија посветена на седмата уметност, онака како што ‘Стрип, запис со човечки лик’ (1987, 2002) е првата книга посветена на деветтата уметност во таа земја“. Подетаљните творечки биографии на македонските добитници се објавени во септемврискиот број на списанието Kvaka: https://www.casopiskvaka.com.hr/2023/09/poznati-lauerati-devete-po-redu.html#more
Инаку, високите признанија именувани „Донат“ и „Горан Буиќ – книжевници и новинари“ се доделуваат во знак на почит и сеќавање на ранозаминатиот задарски творец, новинар, писател, критичар и уредник Горан Буиќ (род. 1955) секоја година на 28 декември, роденденот на творецот. Годинава со двете награди се почестени четворицата македонски автори и асоцијацијата што создава многубројни културни мостови меѓу Хрватска и Македонија, предводена од политикологот Сашо Георгиевски. На овој начин асоцијацијата на задарските книжевни дејци, дел на Хрватското книжевно друштво, ја потврди својата отвореност и респектот кон македонските литературни творци во доменот на романескното, поетското, мултимедиското и теоретското творештво. Најзаслужен за тоа уважување е првиот човек на задарскиот разгранок, писателот Никола Шимиќ, како и неговите соработници од управата и независните интелектуалци од многубројниот состав на годинашното жири на наградите „Донат“ и „Горан Буиќ“.
Заблагодарувајќи се од името на лауреатот на највисокото признание, наградата „Донат“ за животно дело на Томислав Османли ја прими секретарот на Хрватско-македонската тангента, Милена Георгиевска, новинарка и уредничка на списанието „Македонски глас“ од Хрватска.
Други добитници се словенечкиот автор Марјан Пунгартник и Ана Чагаљ
Наградите се состојат од диплома, медалјон со ликот на Горан Буиќ и уметничка слика/фотографија дела на еминентни задарски уметници.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ја поддржуваме креативноста која носи промени и е двигател на економијата

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот меѓународен форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“ нагласи дека Министерството за култура, институционално го поддржува развојот на креативните индустрии, а културата, чии потенцијали се огромни и универзални, сакаме да биде двигател на новите процеси и фактор за одржлив развој.
−Kреативноста, иновативноста и оригиналноста се „тројство“ што културата ја издигнува на пиедесталот во новата, наречена и „портокалова економија“, рече Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека креативноста прераснува во голем двигател кој ѝ дава насока на сегашната турбулентна и непредвидлива економија на која и се неопходни промени.
− Според бројни релевантни истражувања, носители на тие промени се токму креативните луѓе. Затоа вложувањето во нив е императив, порака на која мора да се одговори, порача министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Владата и Министерството за култура не само што ја препознаа големата улога на креативните индустрии, туку силно и конкретно ги поддржуваат. Таа информираше дека Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии, за што рече дека е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија.
Меѓудругото, Костадиновска-Стојчевска потсети дека креативните и културните индустрии се опфатени и во Националната стратегија за развој на културата, како и со новиот предлог Закон за култура, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, се редефинираат дејностите во културата заради пошироко сфаќање на културата, а со тоа и воведување на нови културни дејности од областа на креативните индустрии.
На меѓународниот форум, министерката за култура нагласи дека реализацијата на овој настан е еден од приоритетите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а развојот на културните и креативните индустрии стана приоритет и на Европската Унија која своите стратешки политики сè повеќе ги насочува во полза на културното и креативното претприемништво.
Меѓународниот форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“, кој се реализира заедно со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии- УМПАКИ, е трето продолжение на форумите од изминатите две години кои се фокусираа на културното и креативното претприемништво како и на женското претприемништво во креативните индустрии и влијанието врз економијата. На форумот учествуваат домашни и странски учесници ( особено од земјите од Југоисточна Европа), професионалци и организации, креатори на политики и владини претставници.