Култура
Првото издание на Интернационалниот поетски фестивал „Екс Либрис Скопје“ вечерва ќе може да се следи онлајн

Вечерва во 19 часот започнува првото издание на Интернационалниот поетски фестивал Екс Либрис Скопје. Заради околностите предивикани од Ковид-19 под мотото „FESTIVAL IN PROGRESS“ во текот на неколку месеци ќе се одржат десетина настани како дел од програмата на првото издание, кои покрај поетски читања, опфаќаат и преведувачки работилници, дискусии, предавања, промоција на изданија на значајни светски и домашни автори.
Вечерашниот настан со кој започнува фестивалот Екс Либрис Скопје е партнерски организиран со Шкотскиот поетски фестивал Станца – преведувачката работилница „Најдено во преводот“ – дискусија и поетско читање на македонски и британски поети и преведувачи, меѓу кои и Питер Мекеј, Тања Хершман, Катица Ќулавкова, Митко Гогов и Никола Ѓелинчески.
Тие соработуваа во текот на шест месеци на работилници на кои ги дискутираа нивните поетики и создаваа нови креативни препеви на нивните дела кои ќе бидат презентирани вечерва. Проектот е поддржан од програмата на Британскиот совет за финансирање меѓународни проекти од полето на книжевноста.
Публиката ќе може да го следи настанот онлај на платформата ЗУМ (ZOOM) на следниот линк:
https://us05web.zoom.us/j/7916684365?pwd=L2FrTHlvTVFaaXFmWGlJMFEyc1d4QT09
Meeting ID: 791 668 4365 – Passcode: 1RwUBK
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Мојот последен здив“ на Буњуел во Кинотека

Кинотеката на Македонија во среда, на 29 март, во 12 часот во киносалата ќе го промовира своето најново печатено издание на автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел , насловена „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело конечно ќе стане достапно на македонски јазик.
Издавањето на книгата е овозможено од страна на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.
Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната, „француска“ етапа во кариерата. Автобиографијата, која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови, првпат е објавена на француски јазик, во Париз, во 1982 г., нецела година пред смртта на Буњуел. Она што е специфика на оваа автобиографија е тоа што во неа Буњуел многу често употребува множина, како да зборува во името на целата своја генерација, онаа генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 г., или генерацијата на надреалистите во Париз, неколку години подоцна или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна. Се разбира, тоа не е случајно затоа што оваа книга, иако е лична исповед на еден исклучителен човек, на еден голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха, која се протега речиси преку целиот XX век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани, со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите – со еден збор, во неа, разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот, пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на изданието.
Книгата ќе ја промовираат историчарот на уметност и заменик-амбасадор во Шпанската амбасада во Скопје – Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот Еуропа Прима, кој воедно е автор на предговорот.
Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски.
Инаку, ова е само едно во низата изданија што Кинотеката ги објави последниве месеци, меѓу кои се веќе промовираната филмолошко-наратолошката студија на Атанас Чупоски – „Иницијација и Покајание. Доминантни топоси во наративниот дискурс на современиот руски филм“ и филмолошката студија на реномираната бугарско-британска историчарка на филмот Дина Јорданова – „Кинематографијата на другата Европа. Дејноста и уметноста на источноевропскиот и средноевропскиот филм“, која наскоро ќе биде промовирана заедно со стручното списание за филм што Кинотеката редовно го објавува – „Кинопис“.
Култура
По повод Светскиот ден на театарот, 27 март, МНТ ги отвора вратите за сите граѓани

По повод Светскиот ден на театарот, 27 март, Македонскиот народен театар ги отвора вратите за сите граѓани.
Публиката ќе има можност бесплатно да ја гледа претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, во која играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Дејан Битровски.
Пред почетокот на изведбата ќе бидат прочитани светската порака од Самиха Ајуб, египетска актерка, и македонската порака од Теута Ајдини-Јегени, актерка.
Билетите се подигнуваат на денот на изведбата од 14:00 часот на билетарницата на МНТ.
Култура
Прво па женско 11 почнува со ПичПрич на тема „Бев Сама“

На 6 април во Кино Фросина (МКЦ – Скопје) во 20 часот, Тиииит!Инк. го најави единаесеттото издание на единствениот фестивал за промоција на феминистичката култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО со ПичПрич на тема „Бев Сама“.
ПичПрич ја промовира женската усна историја, нормализирајќи ги женските искуства и преземајќи го јавниот простор и е авторски концепт на Ана Василева и Румена Бужаровска.
Како и секоја година, ПичПрич се обидува да отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во нашата земја и поширокиот регион, особено со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот.
Токму затоа оваа година темата е „Бев сама“ за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување.Освен тоа, модерната психологија тврди дека токму напуштеноста е оној сублиминален простор во кој се јавува траумата.
Истовремено, пошироко гледано темата претставува и коментар на недостатокот на системска поддршка со кој се соочуваат жените во исполнувањето на многубројните улоги во општеството – од најтрадиционалните (работа во домот, одгледување на деца и негување на стари лица, лица со попреченост), па сѐ до оние кои се сметаат за нетипични (раководни и политички функции, спорт итн.).
Гледано од спротивната перспектива, бидувањето сама во смисла на сопствената соба на Вулф е оној простор на слобода неопходен за еманципација и ослободување на женската креативност. Повеќе за разновидните толкувања на оваа тема ќе слушнеме од нашите раскажувачки.
По настанот следи диџеј сет на Diah во бифето на Фросина.
Билетите за настанот се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн на https://bileti.mkc.mk/ во висина од 200 денари.
Настанот е реализиран со поддршка од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.