Култура
Прво место за Женскиот младински хор при МКЦ во Варшава
Женскиот младински хор го освои првото место во категоријата на еднородни хорови на меѓународниот акапела натпревар Varsovia Cantat на кој настапија голем број квалитетни хорови од Европа и Азија.
Освен во натпреварувачкиот дел, хорот одржа и два концерта во катедрали во Варшава и Згиерж и настапи на гала-концертот на сцената на големата концертна сала на музичкиот универзитет „Фредерик Шопен“.
Оваа награда е последна во низата од 6 први награди, 6 специјални награди и гранд при титула освоени од маестро Татарчевски и Женскиот младински хор при МКЦ во последните три години на натпревари во Романија, Полска и во Словачка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Беседата под шифра „Тивериопол“ избрана за најдобра за 2026
Во конкуренција од 17 пристигнати беседи вчера Комисијата за спроведување на конкурсот за избор на најдобра беседа посветена на големиот поет и преродбеник Прличев на тема: „По песната птиците се разликуваат“ едногласно одлучи наградата за најдобра беседа за 2026 година да ја додели на беседата под шифра „Тивериопол“, соопштија од НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, установата покренувач и организатор на Конкурсот кој се организира по четврти пат.
Од Библиотеката очекуваат за брзо да го дознааат и името на добитникот со соодветна потврда на идентитетот и напишаната беседа.
„По песната птиците се разликуваат“ е една од мислите кои Прличев често ја употребувал во своите беседи пред охриѓани.
Со традиционалниот конкурс Библиотеката сака да го поттикне творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот израз.
На авторот на најдобрата беседа на почетокот на февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ ќе му биде доделена парична награда од 9000 денари и признание со ликот на Прличев.
На Конкурсот можеа да се пријават млади автори од 15 до 35 годишна возраст од РС Македонија.
Тричлената Комисија составена од докажани искусни професори по македонски јазик и литература ја оценуваше вкупната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина на беседите.
Култура
Незаконски e суспендирана првата обоистка Татијана Петрушевска од МОБ, објави Синдикатот на културата кој повика на заштита од министерот Љутков
Обоистката од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) Татијана Петрушевска незаконски е суспендирана од работа од страна на генералниот директор Оливер Арсовски, соопшти Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ).
Од СКРМ информираат дека ја добиле изјавата на Петрушевска, која повеќе од 30 години е вработена како оркестарски уметник – прва обоа во Македонска опера и балет, и суспензијата е изречена спротивно на законските процедури, без правна основа и со грубо кршење на работничките права.
Во соопштението, СКРМ наведува дека документацијата и исказот на Петрушевска отвораат сериозни и алармантни прашања за начинот на кој директорот Арсовски раководи со институцијата, оценувајќи дека, наместо законито и одговорно управување, се создава слика на институција управувана преку притисоци, страв и злоупотреба на функцијата.
Петрушевска во својот допис до СКРМ наведува дека суспензијата ѝ била врачена по настан на проба на 16 јануари 2026 година за балетот „Мадам Бовари“, кога, според нејзиниот исказ, била таргетирана од диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан дека не свири во темпо.
„Диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан пред оркестарот ме обвини дека не свирам во темпо, во реакција како свесно да сака да влезе во конфликт конкретно со мене, а јас како да бев однапред зацртан таргет. Јас му одговорив дека тоа не е точно и дека „јас свирам онака како што вие диригирате“, по што тој изјави дека можел да биде и многу лош и многу добар, но сега ќе бил многу лош и ме повика да ја напуштам просторијата, по што јас побарав објаснување зошто тоа да го направам и дали го прекршив работниот процес“, раскажува.
По нејзината реакција и по забелешката на концерт-мајсторот Јане Бакевски, како што додава, пробата била прекината, а диригентот ја напуштил салата.
Според Петрушевска, истиот ден таа, заедно со Бакевски и првиот фаготист Марјан Милошевски, поднела пријава до дирекцијата за однесувањето на диригентот. Набргу по поднесувањето на пријавата, како што наведува, добила решение за суспензија со образложение за дисциплински престап од потежок карактер.
Во дописот се наведува дека решението за суспензија, според неа, е невалидно од повеќе аспекти, меѓу кои и тоа што е потпишано со факсимил, како и дека содржи изјава на диригентот датирана од 2025 година, за настан во кој, како што тврди, таа воопшто не учествувала. Петрушевска наведува дека подоцна ѝ бил врачeн и предлог за покренување дисциплинска постапка со изменети датуми, што, според неа, укажува на обид за накнадно „поправање“ на документацијата.
СКРМ во своето соопштение прашува дали е точно дека директорот вршел притисок врз вработените да продолжат со работа „по секоја цена“, и покрај, како што наведуваат, незаконската суспензија на нивната колешка и изјавите од вработени дека се под силен психолошки притисок и не се во состојба да го продолжат работниот процес.
Синдикатот оценува дека случајот повеќе не е внатрешно прашање на МОБ, туку сериозен институционален скандал, и јавно го повикува министерот за култура Зоран Љутков да одговори дали е запознаен со случувањата во институцијата, дали ќе ги заштити вработените и дали ќе преземе мерки.
„Дали воопшто знаете што се случува во Македонската опера и балет или ресорот со кој раководите е целосно надвор од ваша контрола?
Дали ќе ги заштитите вработените во културата кои се жртви на вакво однесување, или ќе застанете во одбрана на директорот со кого, очигледно, имате долгогодишна соработка уште од 2016 година, кога тој бил генерален директор на „Охридско лето“, а вие директор на Драмата на фестивалот?
Дали е вистина дека директорот на МОБ, кој веќе еднаш ја извршувал функцијата во периодот 2006–2010 година, непосредно пред неговото повторно именување цели седум години, според кажувањата на вработените, не се појавувал на своето работно место? И ако е вистина — зошто повторно е поставен?
Дали ќе ги разрешите директорите кои отворено ги кршат законите, малтретираат вработени и ја претвораат културата во поле на лична моќ и страв?“, се прашањата што Синдикатот му ги упати на министерот Љутков.
Од СКРМ соопштуваат дека принципиелно и доследно ќе застанат зад сите вработени во културата кои се изложени на притисоци и незаконски постапки и дека даваат јасна и недвосмислена правна и морална поддршка на својата членка Татијана Петрушевска во, како што наведуваат, борбата против незаконската суспензија и целиот неправеден процес.
Петрушевска најави дека утре во 10 часот ќе даде изјава за медиумите.
Култура
Љутков на отворањето на Меѓународниот саем за туризам во Мадрид „ФИТУР 2026“
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја предводи македонската делегација во работна посета во Кралството Шпанија, денеска во Мадрид присуствуваше на свеченото отвoрање на 46. издание на Меѓународниот саем за туризам „ФИТУР 2026“. Саемот, кој ќе трае до 25 јануари, го отворија шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција. На отворањето присустваа и координаторот за туризам во Владата на РМ, Акан Махмут и македонскиот амбасадор во Кралството Шпанија, Едмонд Адеми.
На оваа највлијателна глобална туристичка платформа што ги поврзува пазарите и дестинациите, со силен фокус на одржливост, иновации и дигитализација, оваа година учествуваат над 9.500 компании од 156 земји, со 155 000 акредитирани професионалци и околу 100 000 посетители од пошироката јавност, што ја потврдува водечката улога на Саемот за глобалниот туристички сектор.
Оваа година Македонија на Саемот во Мадрид учествува со свој национален штанд, преку кој од 21 до 25 јануари се промовира земјата како автентична туристичка дестинација, со посебен акцент на културниот туризам, ено-гастро туризмот и одржливите форми на туризам.
Инаку, во текот на вчерашниот ден министерот Љутков оствари средби со Шаика Aл Нoваис, генерален секретар за туризам на ОН и со Фуад Нагхијев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан. На средбите, министерот Љутков информираше за резултатите во туризмот во изминатите години, како и за плановите за оваа година.

