Култура
Премиера на претставата „Ало! Ало!“ во режија на Синиша Евтимов во Театар „Комедија“

На 20 октомври, со почеток во 20 часот, на сцената на Театар „Комедија“ во Скопје, ќе биде премиерно изведена претставата „Ало! Ало!“, во режија на режисерот Синиша Евтимов.
„Ало! Ало!“ е духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството. Дејството е сместено во скопската кафеана ‘Кај Јорго’ во окупираното Скопје за време на Втората светска војна. ‘Кај Јорго’ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на Отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги менаџира односите со двете страни и да се одржи жив среде војната. Но, неретко се заплеткува во компромитирачки ситуации обидувајќи се да ги балансира барањата на Отпорот и на фашистичките чиновници, што резултира со напнати и комични расплети. Хуморот во претставата го формираат многубројни зборовни игри, двосмислености, каламбури, јазични сплетки и сатиризирање разни стереотипи и клишеа поврзани со минатото, но и со сегашноста во Македонија.
Во претставата играат Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски-Тино, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски. Во подготовката на претставата учествуваа: Илина Ангеловска (сценограф), Александар Ношпал (костимограф), Борјан Стојков (асистент на режија), Марија Ѓорѓиевска (асистент на сценографот) и Ивана Каранфиловска (асистент на костимографот). Одговорен зад сцената е инспициентот Александар Јорданов, текстуална поддршка на актерите им дава суфлерката Зорица Манаскова-Станковиќ, а за тонот и светлото се задолжени тон-мајсторот Георгиј Полизов и светло-мајсторите Слободан Илиоски и Виктор Лазаревски.
Претставата ќе биде дел од редовниот репертоар на Театар „Комедија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.