Култура
Премиера на претставата „Земја на штркови“

Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до кое дереџе сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума! Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини.
Премиерата на претставта е закажана на 18 ноември во НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, а следните изведби се на 22.11. во Свети Николе, 26.12. во Пробиштип, 06.12. во Велес, 10.12. во Охрид (реприза), 11.12. премиерно во Скопје во Младинскиот културен центар. Изведбите започнуваат во 20 часот.
Претставата е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а е во режија на Роберт Ристов, кој се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата на „Земја на штркови“.
Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука.
Автор на музиката е на Оливер Јосифовски (Љубојна), а кореографијата е на Кренаре Невзати – Кери.
Играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании.
Продукција: Театар Провокација – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.