Култура
Претставено жирито на „Браќа Манаки“, Лакман вели дека изборот ќе биде тежок

Денешниот фестивалски ден на „Браќа Манаки“ почна со претставувањето на жирито, кое ќе одлучува за добитниците на наградите „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена камера 300“.
Годинава членови на жирито се: Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ и, како што можете да забележите, доминираат кинематограферите, рече селекторот на главната програмата на Фестивалот и уметнички директор, Благоја Куновски – Доре, при претставувањето на жирито.
За впечатоците и досега гледаните филмови, како и за критериумите на нивните одлуки при изборот на трите најдобри остварување во главната конкуренција, тие беа согласни дека не може да се издвојат сликите од содржината.
„Критериумот за доделување на секоја награда е тешко да се одреди бидејќи е тешко да се одделат сликите од самата содржина на филмот. Кинематограферот може да создаде поетични или автентични слики кои раскажуваат приказна, но ако изостанува актерството, тоа ќе се изгуби. Значи, сепак ја гледате големата слика. Сте избрале силни филмови и изборот ќе биде тежок, но нема да има влијание од тоа што повеќето од филмовите се наградени во Кан или Берлин. Затоа е важно да има фестивал од овој тип бидејќи се дава признание конкретно за начинот на кој ја раскажувате приказната. Проблемот со „Оскарите“, барем за камерата, е што 80 проценти од Академијата се актери и тие не разбираа реално што е камера. Тие гледаат само убави слики. Не разбираат дали е дигитализирано и затоа филмот како „Пи“ и „Аватар“ на Камерон добија награда за најдобра камера, а тие се целосна анимација“, рече Лакман, кој е и претседател на жирито.
Според членовите на комисијата, ако нема добра соработка со актерите и режисерите, тогаш нема ниту финален резултат и рекоа дека ќе се обидат да дадат сè од себе да го препознаат реквалитетот на добрата слика во најдобрите филмови.
Слаѓан Пенев, селекторот на програмата „Европски перспективи“, ги претстави авторите од Филмскиот центар од Црна Гора, Иван Мариновиќ и Сехад Чекиќ. Оваа година има 5 филма од Црна Гора на фестивалот. Тоа е земја во фокус.
„Нашиот центар за филм поддржува филмска продукција, членови сме на ‘Медија деск’ и ‘Еуримаж’. Има големи промени во последните години, постигнавме многу. Имаме поголем буџет, што е многу важно за Центарот, преговараме и да го зголемиме буџетот, почнавме со копродукција“, рече Чекиќ.
Иван Мариновиќ е кинематографер на филмот „Игла под прагот“ и рече дека филмот е одлично примен и покрај предизвикот дека црниот хумор што преовладува во филмот нема да биде целосно сфатен во странство бидејќи е специфичен за овие простори.
Кинематограферот на филмот „Ним им е добро“, Силван Хилман од Швајцарија, на денешната средба со новинарите рече дека се приклучил една година пред да почне снимањето.
„Режисерот сакаше да направи филм за Цирих, кој е градот во кој и двајцата живееме и на некој начин ова е портрет на градот. Идејата за статични кадри беше заедничка, имавме мал буџет, но најдовме перспектива која нема да биде воајеристичка, туку опсервирачка“, рече Хилман.
Специјалната проекција на филмот „Џезмен“ на Алјоша Симјановски беше предмет на денешниот разговор помеѓу авторот и директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска. Тие разговараа за џезот како едно духовно секојдневие, за Велибор Педевски, голем љубител на џезот, кому му е посветен филмот, за Скопскиот џез-фестивал.
„Филмот премиерно беше прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“, а скопската премиера ќе се одржи во рамките на Скопскиот џез-фестивал“. Снимен е на неколку локации – Скопје, Њујорк, Софија, Белград. Во овој момент создена е идејата да се направи филм за Велибор Педевски, едната линија на филмот е live story, другата е џезот како форма и третата е новите технологии во музиката и џезот. Снимивме 10 големи ѕвезди на џезот и сите одговорија на сценаристичката замисла. Имаме квалитетна фотографија, имаме техника која е врвна, а МРТ, благодарение на Велибор Педевски, ја има најголемата архива за џезот“, рече Симјановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.