Култура
Проекции на филмови и концерти со филмска музика во Тетово, Битола и Скопје по повод 30 години независност
Како дел од планираните активности по повод одбележувањето на 30 години од осамостојувањето на Северна Македонија, во периодот од 20 до 26 август 2021 година ќе биде реализирана културна манифестација именувана како „Филмска култура“.
Домаќини на овој настан, кој се реализира со поддршка на Владата на Република Северна Македонија, ќе бидат Тетово (20 – 22 август), Битола (20 – 22 август) и Скопје (22, 25, 26 август), во чии рамки ќе биде прикажана селекција од краткометражни, документарни и играни филмови од македонска продукција.
За време на манифестацијата ќе биде одржана и свечена академија на тема „Македонскиот игран филм во следната декада“ каде акцентот ќе биде ставен на интеркултурната димензија и универзалниот јазик на филмската уметност. Како дополнителна програма ќе бидат одржани и три концерти, во секој град, насловени „Филмот може да се слуша“, во чии рамки ќе биде интерпретирана филмска музика.
„Денес, кога се пребројуваат и се апсолвираат сите премрежија, транзиции, успеси и падови и се слави 30-годишнината од независноста, исклучително е важно да се обрне внимание на културата, односно да се евалуира создаденото. Не е нескромно ако се каже дека техничкиот и креативниот развој на филмот, денес е со највидливи резултати од сите области на културата. Затоа, владината поддршка на настанот ‘Филмска култура’ е особено важна за граѓаните, за афирмација на нашите културолошки вредности и за филмската уметност. Во три града, во три дена ќе се слави модерната кинематографија, но и ќе се потсетиме на развојниот синеастички пат, на авторите кои се дел од оваа значајна тридецениска историја”, изјави Томи Салковски, продуцент.
Посетителите ќе можат да ги проследат настаните на следните локации: „Центар за култура“ Тетово, „Центар за култура“ Битола и Кинотека на Северна Македонија – Летно кино „Мирно лето“ во Скопје. Културната манифестација „Филмска култура“ ќе биде организирана според сите пропишани протоколи за заштита од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

