Култура
Промоција на книгата „Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски

Денеска, со почеток од 19.19 часот, во „Салон 19:19 – Културно-информативен центар“ – Скопје, ќе се одржи промоција на новата книга „Среќен мртовец“ на Марјан Анѓеловски.
„Среќен мртовец“ е сатирична драма за живиот мртовец Живко, кој поради системска грешкам добива решение дека починал. Од тој момент неговиот живот се претвора во пекол и борба со нефункционалниот државен систем, бирократија и административни лавиринри. Преку еден апсурден начин во својата борба да докаже дека е жив, Живко го соголува до гола кожа државниот апарат, како и сите негови слабости.
Издавањето на книгата „Среќен мртовец“ е поддржано од Министерството за култура како преокт од национален интерес од областа на литературната и издавачката дејност за 2022 година. Драмата „Среќен мртовец“ освои европска трета награда на „Евродрам“ – Европската мрежа за современа драма и превод во изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година.
Промотор и рецензент на книгата е Снежана Стојчевска, а театарски перформанс во форма на драмско читање ќе имаат актерите од ансамблот на алтернативниот театар „Отпишани“: Петра Ивановска, Јасмин Рамани, Ивана Стамевска, Сара Николовска, Огнен Велевски, Ристе Мицевски и Елена Ѓорѓевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Со филмот „Мими“ вечерва се отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Со изложба на постери и филмот „Мими“ на Даријан Пејовски вечерва се отвора 21. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“.
Репертоарот на стартот на „Синедејс“ започнува со отворање на изложбата на плакати во 19:30 часот во МКЦ именувана „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“. Куратор на изложбата е Влатко Галевски, кој вели „Колекцијата на плакати која фестивалот ја става на увид е на свој начин приказна за раѓањето на ‘Синедејс’ во МКЦ. Факт е дека во 70-тите и 80-тите овде се промовира филмската уметност со сериозна фреквентност, а плакатот е комплексен печатен тизер кој ги содржи повеќето битни визуелни, па и наративни компоненти на филмската приказна. Со оваа изложба се потврдува блискоисториската вредност на некогашниот филмски репертоар на МКЦ.
По изложбата следува официјалното отворање со светска премиера на филмот „Мими“ на Даријан Пејовски на ГТЦ кров.
„Мими ги напушта своите родители и болното минато од родното место за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.
Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиевска како Мими, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.
Филмот е копродукција на Скопје филм студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора“.
Култура
Три фестивалски награди за претставата „Кармен” на Драмски театар

Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Кармен ја доби наградата за најдобра актерка на фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Р Албанија.
Дејан Пројковски ја доби наградата за најдобра режија на монодрамата „Кармен”, која воедно е прогласена и за најдобра претстава на Фестивалот.
На 15. издание на фестивалот „Македонско културно лето“ што се одржа од 1 до 5 јули пред многубројна публика од целиот регион на Пустец настапија неколку македонски професионални театри и хорот Св. Злата Мегленска.
Култура
Почнува меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Mеѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“, со слоганот „Од високо подобро се гледа“, ќе се одржи од утре до 14 овој месец на повеќе локации во Скопје – на покривот на ГТЦ, на покривот на Домот наградежниците, Музејот на современата уметност, Автокиното на Водно, во МКЦ-парк, во киното „Милениум“ и во Кинотеката.
Отворањето и затворањето на 21. „Синедејс“ е во знак на македонските режисерски имиња.
Филмот „Мими“ на Даријан Пејовски својата светска премиера ќе ја има в четврток на отворање на фестивалот, а затворањето на фестивалот е со „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на „Синедејс“.
Годинешната програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер и во неа граѓаните ќе имаат можност да видат светски и македонски филмови и копродукции што гравитираат во неколку нови и веќе познати програмски целини: официјална селекција, SEE-програма, МК Shorts (кратки филмови), ретроспектива на Фатих Акин, како и гала-програмата на фестивалот, во која доминираат филмови од годинешното издание на Канскиот фестивал.
Во насока на поддршка и развој на филмската уметност, Град Скопје е подржувач на меѓународниот фестивал, кој со години е неизоставен дел од културната програма на Скопје.