Култура
Промоција на култната книга за деца „Бушава азбука“
Kултната книга за деца „Бушава азбука“ од Горан Стефановски и Душан Петричиќ конечно го доживеа своето реиздание, во рамки на едицијата за деца и млади на издавачката куќа „Чудна шума“.
Поминаа повеќе од 35 години откако беше создадена култната ТВ-серија за деца, а по неа и сликовницата „Бушава азбука“ на Горан Стефановски, со илустрации на Душан Петричиќ. Со „бушавите букви“ растеа генерации и генерации, учејќи го македонскиот јазик и скапоцените подзаборавени, архаични зборчиња кои се одраз на неповторливата македонска книжевност, култура и традиција.
Промотор ќе биде книжевната критичарка и теоретичарка Александра Јуруковска, модератор на настанот Билјана Црвенковска, а делови од книгата ќе чита актерката Тина Трпкоска.
Промоцијата на култната книга за деца „Бушава азбука“ од Горан Стефановски и Душан Петричиќ на издавачката куќа Чудна Шума, ќе се случи на 8 јуни 2022 година, со почеток во 19:19 часот, во Култ парк (паркот пред КИЦ-Скопје).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вечерва последниот концерт на овогодишните „Есенски музички свечености“ – „Впечатоци од Шпанија“
Последниот концерт на овогодишните „Есенски музички свечености“ насловен „Впечатоци од Шпанија“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културно информативен центар). Ќе настапат Миреиа Пинто – мецосопран и Владислав Броневецки – пијано, од Шпанија.
Миреиа Пинто (родена во Манреса , Барселона – Шпанија) е добитничка на највисоки награди на неколку натпревари за пеење во Шпанија и Италија. Нејзиниот обемен репертоар, кој се движи од барок до современа музика, ги опфаќа жанровите: опера, ораториум и лид.
Настапувала како солист со бројни камерни ансамбли и оркестри, под диригентство на познати маестра како Л. Мазел, Г. Дудамел, П. Мааг, Р. Бонинџ, Х. Рилинг, П. Гудвин, Е. Ериксон, А. Зеда, Ж. К. Малгоир, О. Дантони, М. Армилијато, Р. Фрица, С. Мелки, М. Бенини, Ф. Хајдер, М. Мариоти, Ф. П. Декер, Б. де Били, Д. Јуровски, С. Фуџиока, С. Вајгле, Ј. Трауб, А. Анисимов, Г. Носеда, М. Гвидарини, А. Алеманди, Р. Толомели и многу други. Учествува на бројни концертни циклуси, музички фестивали и оперски изведби во Италија, Русија, Холандија, Германија, Грција, Андора, Франција, Монако, Јапонија, Чешка, Колумбија и Шпанија, со значајни настапи во водечките концертни сали и оперски театри.
Во однос на Лидер концертите, од 1992 година таа има дуо со пијанистот Владислав Броневецки, со кого развива богата концертна активност низ повеќе земји, на фестивали и концертни циклуси (вклучувајќи ги и престижните концертни сали како „Гран Театре дел Лисеу“ – Барселона, „Рахманинов Хол“ – Москва, „Хамариќју Асахи Хол“ – Токио и многу други).
Тие изведуваат широк репертоар што опфаќа германски лид, француска мелодија, англиски песни, руски романси, италијански, шпански и каталонски песни. Има снимено опери како „Sly“ од Волф-Ферари (со Хосе Карерас), „Il Viaggio a Reims“ од Росини, „Die Walküre“ од Вагнер и „Babel 46“ од Монсалваж (во Операта Лисеу – Барселона). Исто така има издадено и CD „One Life to Live“, заедно со Манел Камп (пијано), со дела од К. Вајл и Гершвин, како и CD „Pushkin in Music“, со Владислав Броневецки (пијано).
Таа е професор по соло пеење на Високата школа за музика на Каталонија (ESMuC – Шпанија), вокален советник и професор по пеење на Меѓународната оперска академија (IOA – Гент, Белгија), како и на бројни мастеркурсови во различни земји. Во 2011 година е наградена од Òmnium Cultural со „Наградата за култура Бажес“, а во мај 2017 година ја добива и „Наградата за култура Regió 7“. Таа е Амбасадор на Манреса за 2022 година. Сите овие признанија се за нејзината уметничка кариера и нејзиниот значаен културен придонес кон земјата преку фестивалот на класична музика кој го основала и го организира од 1995 година.
Владислав Броневецки, пијанист од Владивосток, Русија, дипломирал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде студирал кај Елисo Вирсаладзе. Добитник е на наградата „Tchaikovsky Grant“ и признанија од меѓународни натпревари, меѓу кои „Robert Schumann Competition“ во Германија. Настапува на бројни концерти и фестивали низ светот и соработува со истакнати уметници како Наталија Гутман и Хуан Диего Флорез. Денес е професор по пијано на Високата музичка школа на Каталонија (ESMUC) во Барселона.
Култура
Премиера на театарската претстава „Хелверовата ноќ“ во Охрид
На 17 ноември 2025 година, со почеток во 20:00 часот, на малата сцена на НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Хелверовата ноќ“, во продукција на ЗУКЦ МЕДИА АРТЕС Охрид.
Претставата е во режија на Александар Јовановски, а во неа играат Даријан Петров и Јасмина Билаловиќ.
Базирана на истоимената драма на најпознатиот современ полски драматург, режисер и професор Ингмар Вилквист (алијас Јарослав Свијершч), напишана во 1999 година, претставата на суптилен и потресен начин ја прикажува чудната врска помеѓу мајка и посинок – млад човек со посебни потреби. Преку слоевитиот однос мајка-дете, старател-штитеник, брат-сестра, маж-жена, џелат-жртва, авторот гради интимна приказна за две различни суштества кои се обидуваат да најдат смисла и сигурност во свет кој секоја „различност“ ја дочекува со насилство и осуда.
Во атмосферата на тоталитарниот, фашистички занес од 1930-тите, „Хелверовата ноќ“ ја разоткрива трагичната судбина на оние кои не припаѓаат на мнозинството – оние за кои едноставно нема место во таков свет.
Култура
Премиерата на „Магбет“ ќе го отвори фестивалот „Шекспир“ и ќе го одбележи 81. роденден на Битолскиот театар
Со премиерата на „Магбет“ во режија на унгарскиот режисер Сабо Иштван, на 14 ноември ќе биде свечено отворено 11. издание на Шекспир фестивалот во Битола, кој оваа година се совпаѓа со 81. роденден на Народниот театар Битола.
На денешната прес-конференција директорот на театарот, Васко Мавровски, истакна дека одлуката фестивалот да се одржи во есенски период е донесена затоа што културата не смее да биде резервирана само за летните месеци.
Тој се осврна и на успесите на Битолскиот театар во изминатиот период: „Ричард Трети“ доби специјална награда за најдобра претстава на фестивалот „Ристо Шишков“, „Снежана и седумте џуџиња“ гостуваше на фестивалите „Силјан Штркот“ и „Малиот принц“, „Рибарски караници“ беа дел од Денови на комедијата, „Отворено море“ гостуваше во Полска. „Магбет“ со екипа од 39 членови: спектакл што отвора нова димензија на Шекспир.
Мавровски ја најави „Магбет“ како спектакл од тип што одамна не се видел во Битолскиот театар, со екипа од 39 лица.
„Ова е претстава што отвора нови димензии на размислување како може да се постави Шекспир – трагедијата на работ меѓу комедија, гротеска и епска драма“, рече тој, додавајќи дека Иштван создал „епохално дело што ќе се памети“.
Тој истакна дека успеале да ја вклопат целата програма во буџетот добиен од Министерството за култура и Општина Битола.
Бесплатен влез за сите претстави
„Додека сум менаџер на овој театар, влезниците за Шекспир фестивалот ќе бидат бесплатни“, најави Мавровски, нагласувајќи дека салата повторно е преполна, а публиката зголемена за 60–70 проценти.
„Учениците и гимназијалците се вратија, не држат на сцената со 15-минутен аплауз. Тоа е магијата на театарот“, додаде тој.
Екипата на „Магбет“ ја сочинуваат асистент на режија: Јован Ристовски, сценограф: Валентин Светозарев, костимограф: Благој Мицевски, композитор: Ерно Веребес, видео дизајн: Сергеј Светозарев, светло: Горан Петровски, тон: Николче Терзиевски, видео оператор: Владимир Переловски, инспициент: Димитар Михајловски / Оливер Петровски, суфлер: Мирјана Христовска.
Улогите ги толкуваат: Александар Димитровски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска Дранговска, Мартин Митровски, Филип Мирчевски, Александар Стефановски, Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Живко Борисовски, Соња Михајлова, Ана Грамосли, Марија Стефановска, Марија Цветановска, Ива Лазарова.
Режисерот Сабо Иштван истакна дека работата била „прекрасно искуство“ со талентирана екипа:
„Мајерхолд рекол дека вистинскиот начин да се прави театар е гротеската, затоа што човековата природа е гротескна сама по себе. Тоа го истражуваме во оваа претстава.“
Актерот Мартин Мирчевски,вели дека процесот бил „поинаков и инспиративен“, а актерката Јулијана Мирчевска, која ја игра Лејди Магбет, истакна дека за време на пробите „пораснале и како актери и како луѓе“.
Меѓународни гости и богата програма
Уметнички раководител на фестивалот е Благој Мицевски, кој потенцира дека Битолскиот театар е познат по интернационални соработки и дека ова издание носи нови можности за промоција во странство. Меѓу гостите се: Филип Пар, претседател на Европската асоцијација на Шекспир фестивали, Џон Блондејл, уметнички директор на фестивалот во Верона, Влад Драголеску од фестивалот во Крајова.
Програма на фестивалот (14–21 ноември)
15.11 – „Дванаесеттата ноќ“ – Драмски театар „Александар Венгерко“, Полска
17.11 – „Крал Лир“ – „Lit Moon Theatre“, САД
18.11 – „Еволуцијата на распадот“ – АРТЕМА, Скопје
19.11 – „Само ти(и)ја / Only You (and I)“ – Тим Театрос К, Скопје
19.11 – „Ричард III“ – Народен театар Битола
20.11 – „Јас Писблосом“ / „I, Peaseblossom“ – Хрватска/Англија
21.11 – „Како што милувате / As You Like It“ – ДТ „Стојан Бачваров“, Варна
Битолскиот театар ги поканува граѓаните да прослават 81 година театарска магија.

