Култура
Разговор со режисерот на „Путиновите сведоци“, Витали Мански, на „Киненова“

„Путиновите сведоци“ на Витали Мански вечерва во 20 часот ќе биде прикажан на „Киненова“ во Кинотека. Режисерот ќе присуствува на проекцијата и потоа ќе биде на располагање на публиката да одговара на прашања.
Настаните во филмот почнуваат на 31 декември 1999 година, кoга во Русија се избра нов претседател. Документарниот филм е базиран врз уникатните документирани сведоштва за вистинските причини и последици од операцијата „Наследник“, по кои Русија го испрати во заборав претседателот кој владееше со земјата. Главни протагонисти во филмот се Борис Елцин, Михаил Горбачов, Владимир Путин и руската нација, која отсекогаш била нем сведок на својата судбина. Филмот е Мански е редок автентичен поглед врз младиот Путин и големата политичка машинерија зад него која му донесе огромна моќ.
улоги: Владимир Путин, Михаил Горбачов, Витали Мански.
Денешниот фестивалски ден ќе почне со проекција на филмот „Сомнеж“, чија проекција е закажана за 18 часот во Кинотека. Филмот едел од програмата „Посветено на…“ и се прикажува во чест на Јесин Устаоглу, мошне плодна и успешна турска авторка, која годинава е член на жирито на фестивалот.
„Сомнеж“ е засега последниот и најзрел филм на Устаоглу од 2016 година, во кој таа на супериорен начин ја плете приказната околу две Турчинки, едната притисната од традиционалните вредности во општеството, а другата модерна и ослободена од сите морални стеги. Сепак, тие делат многу повеќе заеднички нешта отколку што се чини на почетокот од нивното пријателство.
За крај на фестивалскиот ден уште еден филм од официјалната селекција. Станува збор за „Сократес“, бразилски филм во режија на Алешандре Морато. По ненадејната смрт на неговата мајка, 15-годишниот Сократес се обидува да се снајде на маргините на Сао Паоло, избегнувајќи ја службата за малолетни лица и прифаќајќи разни работи за да може да преживее. Во оваа наградувана драма на режисерот Алешандре Морато ќе се сретнете со темната страна на велеградот и тајните катчиња кои кријат стапици што треба да се избегнат по секоја цена. Во тие моменти на сцена стапува и потиснуваното либидо, кое сака да вреска и да се ослободи од прангите!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.