Култура
Режисерката Бузалковска поднесе оставка од Советот за култура поради распределбата на парите
Режисерката Зоја Бузалковска поднесе оставка од Советот за култура по повод резултатите од конкурсот за годишната програма за проекти од национален интерес во културата.
„Да си скромен (а тоа поинаку се нарекува и – да си будала) и да пријавиш само една претстава за 2019 година во Прилеп затоа што минатата година си работел претстава во Драмски во Скопје (само една) и затоа што треба и други, нели, да работат и да не ти се одобри и таа една претстава, е тоа е навистина скандалозно! Јас, ете, не ја разбирам оваа одлука, чија и да е и од кои и да е причини и барам да ми се објасни!
Веќе подолго време сакам да му се обратам на премиерот, но си велам ајде да помине гласањево во парламентот, ајде да помине НАТО, ајде да помине… Ама помина животот, а ова денес ја прелеа чашата, па затоа, еве, и да го испратам ова што веќе некое време го имам во компјутер“, напиша Бузалковска на „Фејсбук“.
Во продолжение ја пренесуваме интегрално нејзината објава на социјалната мрежа „Фејсбук“.
ОТВОРЕНО ПИСМО ДО Г. ЗАЕВ, ПРЕМИЕР НА РМ
Почитуван премиере, г. Заев,
Кога во септември 2016 година ме поканивте како експерт од културата на трибина со тема: ,,Кои треба да бидат итните реформи кои новата влада ќе ги преземе во првите шест месеци?”, претпоставувајќи или надевајќи се дека токму Вие ќе ја предводите новата влада, зборував во 5 точки. Таму меѓу другото реков:
„Потребна е итна ревизија на Законот за култура, во насока на ослободување на институциите во културата од политичко влијание, како и донесување одлуки за уметнички прашања. Да се спроведе децентрализација како системско решение.
Министерот не смее да избира и да поставува директори на институциите од културата, особено што тоа во изминативе скоро две децении се прави по партиски клуч.
Културата мора да ѝ се врати на самата фела. Менаџерското и уметничко раководство, како и креирањето на политиката на куќата со која тие раководат, мора да бидат во рацете на самите професионалци, на самите вработени“.
Но НАЈВАЖНОТО што на таа трибина го реков, беше:
„Најсуштинското прашање за мене е, дали оној кој ќе практикува власт во Република Македонија во наредниот период, ќе ја разбере улогата на уметноста? Дали ќе разбере дека ова што се случува во моментов во државата, ова што ѝ се случува во повеќедецениски период и особено во последните десет години е директно врзано со едни тенденции за маргинализација на културата и уметноста во однос на економијата во раните фази на развој на државава и злоупотреба на културата и уметноста во подоцнежната фаза која трае до денес? Културната матрица во која се формираат личности во изминатиов период е застрашувачка и сосема погрешна, оди до размери на губење на идентитетот и се привикнува на стиропор, лавчиња и невкус. Каде е местото на културата во образованието? Каде е местото на културата во медиумите? … Сакаме јасна порака дека некој во оваа држава разбира колку е важно децата да влезат во театар – вистински театар од најмала возраст и тоа да не е полчасовно правење муабет со нив од сцената, туку вистинска претстава, која ќе ги маѓепса и ќе ги натера тука веднаш да се вљубат во театарот; сакаме јасна порака дека разбирате колку е важно децата да влезат на изложба (еве во моментов можам да се сетам само на една во Скопје по осамостојувањето, која ме потсетила на Париз – онаа на Личеноски во МСУ), после која ќе посакаат повторно да дојдат, а да не бидат присилени на тоа… и да не набројувам во сите области…
Сѐ додека не разбереме дека културата не смее да биде ставена под ТОЧКА – РАЗНО, ќе имаме вакво гласачко тело и ќе мора да ги живееме своите животи на улица, а не онаму каде што ни е местото и каде што сме попродуктивни“.
И како постапивте Вие, г-дине Заев, откако „се консултиравте“, меѓу другите, и со мене? Вие г-дине Заев, не ја ставивте културата ПОД ТОЧКА РАЗНО, вие ЈА ЖРТВУВАВТЕ! Секогаш кога Ви е потребен „пазар“ за одлуки и гласови, прво посегнувате по КУЛТУРАТА и по ОБРАЗОВАНИЕТО! Тоа само говори за тоа, колку Вие и не го разбирате нивното огромно, суштествено значење за една држава, и посебно за нашава, која претендира да биде дел од едно пошироко европско семејство (бидејќи, сфаќам, тоа Ви е во моментов најважно). Многу е важно да разберете дека над тие два министерски ресора треба деноноќно да бдеете и да стравувате за секоја погрешна одлука или невнимателно направен чекор, уште од изборот на министрите, па сè до нивните вакви или онакви одлуки и потези! Резултатите од погрешните политики ги трпат сите граѓани, а јас, пак, имам среќа/несреќа да бидам дел и од двете засегнати области и да поднесувам небулози секаде каде што се обидувам и самата да придонесам во насока на конструктивни промени!!!
За крај, погледнете ја, г-дине Заев, вака попладневно, по дома, на раат, Годишната програма на проекти од културата од национален интерес за Театарска дејност (можете да ги отворите и другите дејности, исто е) – како да немате ништо со неа, како Вас да не ве засега. Не е тешко да забележите, и со букви, и со бројки, за каков национализам и проценување пред сè по критериум „етничка припадност“, а не по квалитет на предложеното, се работи. Кога ова ќе ви го каже некој што веќе повеќе од 15 години се бори на страната на човековите права и разрешувањето меѓуетнички конфликти, а учествува и во програмите на школите за толеранција, тогаш значи дека ептен сте ја закашкале работава! А на од Вас избраниот министер за култура имам само да му порачам – немам намера да Ви пишувам посебен допис – ДАВАМ ОСТАВКА во Советот за култура, Ваше советодавно тело, кое практично и не постои, бидејќи Вам не Ви требаат совети, Вие сè си знаете и самиот.
Премиере, имав голема до/верба во Вас. Но, вашата политика е неконсеквентна. Денес нешто одлично, утре нешто катастрофално. Изградете систем! Вака, сè зависи од некаков етно-базиран компромис или меѓупартиски договор, а не од стручност и компетенција. Сè додека не покажете дека Вие ја водите Владата и дека Вие сте одговорен за секој министер и за неговите постапки, зашто изборот е Ваш, позитивните резултати ќе бидат инцидент, а не систем, ќе бидат пријатно изненадување, а не секојдневие на добро работење. Вие од мене побаравте поддршка и мислење. Јас од Вас сега барам јасни, конкретни, бескомпромисни постапки, од кои ќе ми стане видливо дека сте ме разбрале! Такви постапки засега правите само на едно поле, само по едно прашање, за што Ви се восхитувам, но за тоа да биде така, жрвувавте многу, а има опасност да жртвувате и сè”, се вели во писмото на Зоја Бузалковска, театарски режисер, професор по Актерска игра на ФДУ Скопје и активен учесник во Шарената револуција.
Лавина реакции и обвинувања за селективност и отсуство на критериуми за потребите во културата кога Министерството за култура на веб-страницата ги објави резултатите од годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година.
Претходно и актерот Оливер Митковски, еден од четирите членови на комисијата што даде препораки и мислења за распределба на буџетот во Министерството за култура, доставил издвоено мислење до Министерството поради несогласувања со изборот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

