Култура
Речиси распродадени билетите за 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, вечерва почнува со „Хеда Габлер“ на Драмски

Голем интерес владее за влезниците за речиси сите 11 претстави што се селектирани на програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што ќе биде отворен вечерва. Редици прилепчани од првиот ден кога беа пуштени влезниците во продажба, покажаа голем интерес за својот фестивал и можноста да ја видат најновата продукција. Поголемиот дел од претставите од програмата на 58. издание се продадени пред да започне фестивалот, што покажува колкав е интересот за фестивалот што годинава се одржува по мотото „Промени се, промени сè“.
Изложбата „Горан Стефановски и книгите“ што ќе биде отворена во 19 часот во Градската библиотека „Борка Талески“, ќе биде првата содржина на отворањето на фестивалот. Изложбата се реализира во соработка со прилепската библиотека. Половина час подоцна ќе следува изведбата на „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов, а продукција на Драмскиот театар од Скопје. На изведбата на актерите од Драмскиот театар ќе претходи врачувањето на наградите за животно дело, за актерите Мими Таневска Србиновска и Јордан Витанов.
Оваа година наградата за животно дело е изработена од автентичен прилепски мермер од страна на „Крин производство“. Во Прилеп фестивалот е тема за која се зборува. Фестивалските зони што се низ целиот град го прават шарено место каде се слави театарот, а зголемениот интерес на средношколците да бидат дел од волонтерскиот тим, укажува колку расте љубовта за театарот и за фестивалот. Во Прилеп веќе пристигнаа и членовите на меѓународното жири – д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора. -Сакам да имаме фестивал кој ќе се менува, но и ќе го менува театарскиот контекст, кој ќе иницира промени кај секој што избрал да се занимава со театар. И видливо е тоа, посебно деновиве во Прилеп дека успеваме на некој начин да ја почнеме промената. Тргнавме од начинот на организација, да ги поедноставиме и осовремениме сите активности во самиот процес, да ја креираме поинаквата естетика, па дури и да почнеме со онлајн продажбата на билетите за прв пат оваа година. Фестивалот сакам да го поставиме на мапата на сериозни театарски фестивали и да го задржи статусот на најстариот и најважниот театарски фестивал во Македонија – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.
Вкупно 11 претстави во продукција на националните театри и пет претстави во придружната програма ќе бидат одиграни до 14 јуни во Прилеп, обединети под концептот „Ново читање“ што ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“. Во потпрограмата „Новото читање на драмите од авторот на фокус – Горан Стефановски“, селектирани се: 1. „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; 2. „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албански театар – Скопје; 3. „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип; 4. „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ – Струмица. Во „Ново читање на класиците“ го гледаме авангардниот пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни, а истовремено и потенцијалниот нов моментум во третирањето на театарот. 1. „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмски театар – Скопје; 2. „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на Ц.К „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес; 3. „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар; 4. „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турски театар – Скопје; 5. „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народен театар – Битола; 6. „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија; 7. „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, продукција на Театар за деца и младинци – Скопје. Во придружната програма ќе бидат презентирани неколку претстави кои се во контекст на концептот на комплетната селекција: 1. „Кенди“ од Лук Дејвис, во режија на Тамара Стојаноска, продукција на Театар „Златен Елец“; 2. „Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Motion Network и НТ Штип; 3. „Црна дупка“ од Горан Стефановски, дипломска претстава по театарска режија на
Александар Јовановски, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска, ФДУ Скопје; 4. „Натчовек“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, продукција на Драмски театар „Стојан Бочваров“ – Варна; 5. „Поол“ од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, продукција на МКЦ и Хибрид. 9 јуни ќе биде ден посветен на Авторот во фокус – Горан Стефановски, на кој ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура. Ќе бидат одржани пет работилници, освен презентацијата на едукативната програма: Работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, Работилницата за новинарско следење на фестивал што ја води тимот на Умно.мк, Работилница за тело – говор – простор што ја води Искра Шукарова и Работилницата за костимографија што ја води Александар Ношпал. Ќе бидат одржани промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори. Ќе бидат активни сите фестивалски зони како минатата година, ќе имаме и некои нови кои ќе ги откриваме постепено во текот на следните денови на фестивалот. Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се: Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: Пакомак, Витаминка, Прилепска пиварница. Пријатели на фестивалот се: Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, Театар за сите, Самоглас, Умно.мк, Јавен простор – Прилеп, Гледај.мк, Театроск, Факултет за драмски уметности, Донирај компјутер, Урбан ера. Пријатели на фестивалот се: Бит крафт, Карé и Смарт Ливинг, Македонија осигурување, Крин производство Прилеп, Аура, Клуб Калинка, Кафе-бар Тротоар, Кафе бар Чоше, Кафе бар Лувр, Брос бургерс, Монарка гастробар, пекара Алекс, Национален ресторан „Македонска куќа“, Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, Такси 5, Лусио Стор и хотелите Кристал Палас, Атлас и Салида. Медиумски покровители се Македонската радио-телевизија и Трн.мк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.