Култура
Русјаков за поетот Марко: Ми недостига уште еден разговор со тебе за Вуди Ален и за шериф Меклауд

Актерот и поет, филмски творец, критичар, есеист, радиоводител и преведувач Марко Петрушевски почина пред неколку дена во Скопје на 47 години.
По објавувањето на веста за неговата смрт, писателот Александар Русјаков вчера со емотивни стихови се прости од Петрушевски:
ПЕТ МИНУТИ
– на Марко
Сношти, кога ми јавија
Дека си дал неотповиклива оставка
Од животната функција
Посакав да измолам од Бога
Да ни подари пет минути
За да испушиме една цигара
Онаа иста цигара…
Што животот го скратува за пет минути
Ама ако ги заштедиш
(непалејќи ја цигарата)
Сигурно ќе ти врне на главата
Како што знаеше да каже
Оној луд Евреин кој ги имаше
Сите одговори за сексот
На прашањата што не смее да се постават
Сега, кога си појден на пат
За кој сите ние барем еднаш сме фантазирале
По толку години во кои
Ниту еднаш чекорите не ни се разминаа
Ми недостасува уште еден разговор со тебе
За Вуди Ален и Шериф Меклауд
За Чарлс Буковски и солзите на неостварената љубов
За клубот на Фројд и Гручо Маркс
Каде не би влегле ако примаат членови како нас
Не знам дали
Во куферот за пакување сеќавања
Во папката за неостварени љубовни мечтаења
Ја понесе и онаа наша
До солзи смешна
Од тажни насмевки исткаена приказна
Во која јас и ти љубиме иста девојка
А таа не мисли на ниту еден од нас двајцата
Па во оние бескрајни прошетки
Низ кои ја меревме душата на градот
Собирајќи ги туѓите воздишки
Измешани со отпадоците на светот
Водевме двобој
Пукавме болни стихови еден во друг
Згрчени зборови што отвараат рани на душата
Љубивни песни за неа
Мислевме дека во нас
Никогаш нема да се вљуби убавината
Не онаа на Достоевски што требаше
Светот да го спасува
Туку убавината околу женска душа спакувана
Дотерана, нашминкана, фризирана
Извадена на ачик пред машката похота
Безобразно расприкажана
Додека во совршен ритам ни го врти грбот
За да видиме како тие гради и колкови
Пет сантиметри одлепени од земјата
Заминуваат во потрага по убавина слична на својата
Ние… се сеќаваш ли… ?
Моравме да зборуваме, гласно да сонуваме,
Да малтретираме со мечти и стихови
Душевен стриптиз што предизвикува
Емотивни оргазми во женската утроба
Биди поет, така си велевме
За нив ѕвездите претвори ги во зборови
Направи им го срцето книга
Во која ќе ја запишеш својата поезија
Каде таа е муза одовде, па до вечноста
Укради им ја душата,
Всели им се под кожата
За да ја добиеш… во еден миг
Телесната убавина што ќе го спаси светот
На твојата самотија
А потоа, секој од нас
Тргна да го бара својот ќор-сокак
Јас се најдов во битка со демоните
И битката секако ја загубив
За тебе…
Одвреме навреме слушав зборови
Избегнував да ги сместам
Среде стварноста, моите чекори
Пијани и надувани соништа
Оргии со страсти и недопишани романи
Жени на кои им ја изневерував љубовта
Ниски удари, високи очекувања
Очекувања, исчекувања
Кои секако не се случија
И некако како да заборавив
На сето она што сме го пееле заедно
Под ѕвездите на налудничавата вселена
И така сè до сношти
Кога ми јавија дека си дал
Неотповиклива оставка од животната функција
Еден ден и јас ќе мора да си поднесам оставка
Можеби веќе утре
Но, којзнае што ми спремила иднината
Ама кога ќе дојде тој ден
Ноќ кога ќе се збогувам со приказнава
Се надевам ќе те најдам
На некоја клупа каде може да се избега
Од времето, просторот и вечноста
За да седнеме, барем пет минути
На една цигара, па да ми раскажеш
Дали и во пеколот не пуштаат на врата
Ако крај тебе не врви згодна девојка
Има ли во чистилиштето барем еден
Чистач на чевли
Што знае шеги за Данте и осаменоста
Најде ли во рајот муза
На која стихот може да и ја возбуди утробата
Веста за смртта на Петрушевски ја објави порталот „Окно“, од каде што напишаа: Марко беше длабок и аналитичен (и кога се зборува за него, ова навистина не се флоскули), но на непретенциозен, духовит начин. Беше од оние луѓе што секогаш ќе се одлучат и најсериозните работи да ги раскажат со голема доза хумор и смеа. Неговиот хумор беше луциден, пробиваше и истовремено просветлуваше. Секако, тоа се однесуваше и на самиот него, па себеси никогаш не се поштедуваше и со задоволство се прикажуваше во истото комично светло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.