Култура
„Секоја нова селекција ме исполнува со радост“ – филмот на Цветановски патува на два нови фестивали во САД
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на јубилејното 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“, кој ќе се одржи од 24 февруари до 3 март во Аризона. Мисијата на организаторите е поддршка на независните филмски дела од целиот свет, потребата да се разбере човековата природа и препознавањето на вистинските вредности преку филмот.
Филмот на Цветановски исто така ќе биде еден од осумте филма во официјалната селекција на „Фарго филм фестивал“, кој ќе се одржи од 19 до 23 март. Публиката ќе може да го проследи во историската кино сала Фарго во Северна Дакота. Фестивалот постои 24 години, а неговата програма низ годините е збогатена со присуството на бројни еминентни имиња од светот на филмот.
![]()
Членовите на жирито на Фарго Филм Фестивал, во писмото за официјалната селекција истакнаа: „Добивме многу квалитетни апликации оваа година, но жирито сметаше дека вашиот филм е навистина впечатлив и суштински ја доловува кризната и трагична состојба во светот. Навистина сме возбудени што ќе го споделиме овој филм со нашата публика.“
Режисерот Цветановски го радува тоа што филмот и годинава продолжува со успешната фестивалска турнеја.
„Секоја нова селекција ме исполнува со радост и возбуда. Со нетрпение го чекам на пролет прикажувањето во македонските кино сали. Реакциите низ светот се позитивни, верувам дека и на македонската публика ќе и‘ се допадне оваа приказна“, вели Цветановски.
![]()
Филмот лани успешно се претстави на „Орландо Филм Фестивал“ во САД, каде имаше номинации во пет категории. Потоа го затвори 34. издание на филмскиот фестивал „Синеворлд филм фестивал“ на Флорида.
„Бизнисот на задоволството“ досега беше селектиран на дваесеттина фестивали, а се закити со пет награди.
Поддржан е од Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

