Култура
„Скопје синема сити“: Полски музички документарни филмови и разговор со авторот Грегор Брзозович

Филмот на Брзозович, за композиторот Станислав Сиревич, не е само приказна за кариерата на еден извонреден уметник, туку е и приказна за тешките времиња низ кои минувал главниот протагонист од овој филм и наспроти тешките околности да успее да твори.
Во рамките на програмата на фестивалот „Скопје синема сити“, вечерва, со почеток од 20.15 часот, ќе бидат прикажани два музички документарни филма од полскиот музички новинар и режисер Грегор Брзозович. Оваа програма е дел целината „Земја во фокус“ и е реализирана во соработката со Амбасадата на Полска.
Авторот Брзозович е гостин на фестивалот и по проекциите, публиката ќе има можност за Q&A-сесија.
Со почеток од 20.15 часот ќе биде прикажан филмот „Пријатели на 33 вртежи“, кој ја раскажува приказната за необичното пријателство меѓу двајца графички дизајнери Рослав Сајбо и Станислав Загорски, кое траело над 60 години. Почетна точка за овој филм е изложба на повеќе од 50 корици за винили и разговорот на овие двајца уметници за годините поминати на студии на Академијата за фини уметности во Варшава, Полската школа за постери и нивните соработки со уметници, како Кшиштов Комеда, Velvet Underground, Cream, The Clash, Пол Сајмон и Арт Гарфанкел.
Од 22 часот ќе биде прикажан филмот за композиторот Станислав Сиревич, кој јa раскажува приказнатa за кариерата на Станислав Сиревич, извонреден филмски композитор чиешто творештво е малку познато во Полска. Роден е во советски логор. На 9-годишна возраст е прогласен за клавирско чудо, но по завршувањето на музичката академија го напушта концертирањето. Започнува студии на отсекот режија на театарската школа во Варшава и го компонира, меѓу другото, и хитот “Śpiewać każdy może”. Воениот пуч на 13 декември 1981 годинаго затекнува во Париз. За време на егзилот, соработува со Џо Кокер, Мариен Феитфул, глумицата Дајан Китон и бендот The Rolling Stones. Истовремено компонира музика за преку сто филмови во Франција, Велика Британија и САД. Сиревич соработува и со полски режисери (“Папирна брак”, “Тестостерон”, серијата “Дом над разлевiskiem”). Во 1994 година Едита Горњак го освојува второто место на Евровизијата таа година со неговата песна “To nie ja!”. Една година пред тоа, Сиревич јадобива престижната награда Ace Award. Еден ден после гала вечерта треба да започне преговори за работа во Холивуд. Ноќта, во Лос Анџелес, се случува силен земетрес. Се враќа во Лондон, каде што го започнува најплодниот уметнички период во кариерата. На премиерите на филмовите со неговата музика се гости принцот Чарлс, принцезата Дијана и кралицата Елизабета II. Неговите плочи се издаваат ширум светот, а саундтракот за серијата “The Choir” стигнува до третото место меѓу најпопуларните изданија во Велика Британија.
Филмот на Брзозович не е само приказна за кариерата на извонреден уметник, туку е и приказна за тешките времиња низ кои минувал главниот протагонист од овој филм и наспроти тешките околности да успее да твори.
Сите проекции на „Скопје синема сити“ ќе бидат во Кинотека на Македонија. Помеѓу овие два филма, гостинот Брзозович ќе има разговор со публиката. Главен покровител на оваа вечер е Амбасадата на Полска во Македонија.
Да потсетиме дека на отворањето на фестивалот со видеообраќање публиката ја поздрави годинешниот лауреат, големиот Прајснер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.