Култура
Скопје филм фестивал почнува на 17 април со „Втора шанса“

В среда (17 април), во 20 часот, во киното „Милениум“ почетокот на годинашното 22. издание на Скопје филм фестивал ќе го означи македонската и светска премиера на новиот игран филм „Втора шанса“, кој е прв игран филм на режисерката Марија Џиџева, по сценарио на Огнен Георгиевски, а во продукција на Small Moves Films и „Биберче продукција“.
Се работи за копродукција помеѓу Македонија и Србија. Во главните улоги н оваа современа драма настапуваат: Мирјана Карановиќ, Даниела Ивановска, Наталија Теодосиева, Јорданчо Чевревски, Дениз Абдула, Златко Митрески. Директор на фотографија е Дејан Димески. „Втора шанса“ ги испреплетува приказните за три жени кои живеат во ист станбен комплекс за да создаде калеидоскопско набљудување на уникатното искуство на мајчинството, како и на самопожртвуваноста на носењето нов живот во овој свет. Секоја од овие жени се обидува да ја пронајде смислата на своето постоење за време на апсурдното и бесмислено време кога Македонија е на граница на граѓанска војна во 2001 година, и секоја од нив се соочува со свои лични демони, обидувајќи се да ја зачува својата хуманост.
„Среќни сме што Скопскиот филмски фестивал успеа да опстои и што го отвораме 22. издание. И оваа година ќе имаме богата програма, со голем број важни филмови. Исто така, се гордееме што за 22 години ова е првпат фестивалот да се отвора со филм на жена режисерка. А мора да го издвојам и омажот за еден од најголемите македонски филмски актери Мето Јовановски, програма што ја подготвивме заеднички со Кинотеката“, вели Татјана Јаневска, директорка на фестивалот.
Скопје филм фестивал за своето 22. издание донесе богата и разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди вкупно 58 играни, кратки, документарни филмови, како и работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, презентации и дискусии.
Филмовите се распоредени во 11 програми, меѓу кои се: Филм за отворање, гала-програма, посебни проекции, фокус на француски филм, програма на европски филм, денови на квир-кино, панорама на светски филм, македонска продукција, кратки филмови, документарни филмови и омаж на Мето Јовановски.
Во атрактивната гала-програма годинава публиката ќе ја види премиерата на „Фаренхајт 11/9“ на Мајкл Мур, кој овој пат се занимава со политичкото влијание од победата на Трамп. Тука е и новиот филм на Емир Кустурица „Ел Пепе, еден возвишен живот“ посветен на поранешниот уругвајски претседател Хозе „Пепе“ Мухика.
Во оваа програма се уште три значајни остварувања – „Тврдина“ на Игор Зајцев – филм за владеењето на Петар Први, „Хотел Мумбаи“ на Антони Марас, кој зборува за терористичките напади во Мумбаи во 2008 година, и новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи – „Три лица“.
Годинава фестивалската публика ќе може да ги види и најдобрите француски филмови во програмата фокус на францускот филм, чијшто селектор е Навид Сарем, меѓу кои и новиот филм на Гаспар Ное, „Климакс“. Во програмата европски филм на ова фестивалско издание ќе прикажеме шест филмови од најнова продукција. Селектор на програмата кратки филмови е Алексеј Дмитров, кој избра 16 репрезентативни остварувања.
Од минатата година Скопје филм фестивал започна со реализација на програмата денови на квир-кино во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми кои извираат од квир-културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.
Во програмата македонска продукција фестивалот ќе прикаже три нови краткометражни филмови на режисерите Сезер Салихи, Ана Јакимска и Антонио Велјановски. Ретроспективата во чест на големиот Мето Јовановски свечено ќе започне на 18 април во Кинотеката со филмот „Кога ќе осамне денот“ во режија на Горан Паскаљевиќ. Во рамки на оваа програма ќе бидат прикажани осум филмови, меѓу кои култниот „Тетовирање“ (1991), и поновиот „Пресуда“(2014) на режисерот Стефан Командарев.
Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал ќе се одржи тренинг-програма „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса” со Брајан Мекгил. Оваа работилница се одржува во соработка со „Creative Europe“ Desk MEDIA MK и Агенција за филм.
Втората работилница е за основните филмски техники, по која ќе има јавна презентација на резултатите.
По проекцијата на филмот „Фрик и шик“ за Жан Пол Готје ќе се одржи дискусија за модата и родовите, сексуалноста и перформативноста. Специјална гостинка е Луиз Валенберг, професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм.
Гости на фестивалот се и селекторот Навид Сарем од Франција, актерката од филмот „Киселина“, Анастасиа Евграфова и Кахејн Куперман, режисерка на филмот „Виолината на Џо“.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер Зоран Кардула. Програмите на 22. издание на Скопје филм фестивал, од 17 до 25 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотеката, кино „Фросина“ и Котур.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.