Култура
Сонати за виолина и пијано на „Охридско лето“

Во рамките на музчката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот концерт ќе одржат германскиот виолинист Руденс Турку и германско- украинската пијанистка Милана Чернјавска.
Германско-украинското дуо ќе изведе сонати за виолина и пијано од Лудвиг ван Бетовен, Едвард Григ и Антонин Дворжак.
Виолинистот Рубенс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија.
На овие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар заедно со изведувачите: Јулија Фишер, Албан Герхард, Ана Чумаченко, Милана Чернјавска, и голем број значајни музички ансамбли и оркестри. Неговата дискографија опфаќа неколку компакт-дискови одлично прифатени од слушателите и стручната јавност. Успешен е и на полето на образовната дејност. Имено, Турку е професор на Државниот конзерваториум во Форарлберг, Австрија, на Академијата Пероси во Биела, Италија, а редовно одржува и мајсторски курсеви во повеќе земји во светот.
Германската пијанистка со украинско потекло, Милана Чернјавска, се смета за една од водечките пијанистки на денешницата. Постојано е присутна на светската сцена, на интернационалните фестивали во речиси сите големи музички центри. Нејзините артистички достигнувања се наградени со бројни национални и интернационални награди. Покрај солистичката дејност, Чернјавска е позната и како камерен изведувач. Во нејзината дискографија се сретнуваат повеќе десетици компакт-дискови, направени во соработка со познати издавачки куќи. За нив Чернјавска има добиено повеќе награди. Често одржува и мајсторски курсеви, а може да се сретне и како член на жирито на повеќе престижни пијано натпревари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.