Култура
Со концерт на Ори Даган вечерва ќе се затвори манифестацијата „Скопско лето“

Со концерт на канадскиот џез вокалист Ори Даган, кој ќе го промовира својот албум „Click right here“, на платото на Ист гејт мол вечерва во 21 часот ќе биде затворена манифестацијата „Скопско лето“.
Ори Драган на концертот во Скопје ќе настапи со Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт саксофон, Иван Иванов -тенорсаксофон, Сашко Николовски – тромбон, Гордан Спасовски – пијано, Зоран Костадиновски – гитара, Кирил Туфекчиевски – контрабас, Виктор Филиповски – тапани.
Ори Даган е џез пејач и текстописец, кој има привлечено публика, не само од своето родно место Торонто, Канада, туку и ширум светот. Во се што прави внесува иронија и агилност, дали е тоа кога треба да протолкува некој стандард или пак кога ја претставува својата оригинална музика и текст. Неговиот бас-баритон е уникатен; неговиот саркастичен начин на пишување песни може да се поврзе со Нет Кол, Боб Дороу и Дејв Фришберг.
Во 2022 година го издава својот нов албум „Click Right Here“, комична сатира за дигиталната ера на животот, кој содржи октет и е режиран од врвниот гитарист Нејтан Хилц. Неговите претходни албуми, „S’Cat Got My Tongue“(2009) и „Less Than Three <3“(2012), го зацементирале неговиот напредно размислувачки и артистички глас. Во 2017 година, со подршката на повече од 200 учесници, го прави визуелниот албум „Nathaniel: A Tribute to Nat King Cole“, кој е прв од овој тип во жанрот, џез.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Повеќе од 550 учесници од девет земји на 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“

Нов сегмент на фестивалот е ЕПИК – проект за промоција на мирот преку креативност кај младите, поддржан од Министерство за надворешни работи и со меѓународна соработка на Италија
Повеќе од 550 учесници од девет земји од утре ќе бидат дел од 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. На добро познатите локации – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ – до 10 октомври „џифонци“ ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учествуваат на креативни работилници. Фестивалот ќе биде отворен утревечер (5 октомври) во 19.30 часот во киното „Милениум“, со прикажување на филмот „Вратената“ (L’Arminuta) во режија на Џузепе Бонито, снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио. На отворањето ќе се обрати амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри.
На прес-конференцијата, што се одржа денеска, Дарко Башески, директор на фестивалот, и Деа Крстевска, програмски директор, го споделија задоволството што интересот за фестивалот е сè поголем. Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од: Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.
Петнаесет долгометражни филма во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (од 6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV) ќе проследат 35 краткометражни и анимирани филмови.
„Годинава имаме 40-ина учесници од странство. Ние би сакале тој број да биде и поголем и се обидуваме да ги поттикнеме семејствата од Македонија да ги отворат своите домови за децата од странство. Не е секогаш едноставно зашто не секој имал такво искуство. Годинава првпат тоа го правиме и со основците и можам да кажам дека изненадувачки е колку имавме убав одек при повикот. Родителите на основците беа одушевени од можноста и се надевам дека во наредните години ќе можеме тој број и да го удвоиме. Учесници и од далечни земји, како Бразил и Индија, сакаат да дојдат кај нас, слушнале за ‘Џифони Македонија’, имаме многу побарувања од странски фестивали да дојдат кај нас, но првин мораме да имаме доволно семејства. Ова нека биде и апел за семејствата, кои годинава се двоумеле, но в година да се осмелат и да примат дете во својот дом“, истакна Крстевска.
Ние сакаме да пречекаме што е можно повеќе учесници, меѓутоа и киносалите ни се со ограничен капацитет, истакна Башески.
„Како здружение, повремено организираме и други проекти. ‘Џифони патува’ веќе помина 25 општини, а за жал, годинава тој проект не беше поддржан. Имавме уште една активност што ја почнавме минатата година, ‘Џифони филмски денови’, со идеја да ги вратиме децата во киносалите по паузата за време на пандемијата. Одржавме 10 такви настани. Сакам да напоменам дека сите активности што ги организира нашето здружение се комплетно бесплатни за сите млади. Сите се добредојдени да уживаат“, истакна Башески.
Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе може да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите). Ќе бидат реализирани девет работилници – 3 за јуниори и 6 за кадети и сениори.
Програмата на фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проектот за промоција на мирот преку креативност кај младите (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата, која има цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.
ЕПИК предвидува серија активности, особено во рамките на 11. издание на „Џифони Македонија“, насочени кон промовирање на мирот, европските вредности и човековите права, преку филм, уметност и култура и активно вклучување на младите во создавањето филмски и уметнички остварувања, кои имаат моќ да пренесат пораки за мир наменети за младата публика.
Во рамките на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филма, кои ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел-дискусии на тема ЕПИК со претставници од филмски фестивали за деца од регионот, а в понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учениците од Умберто Примо“.
Дел од програмата ќе бидат и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од Македонија, „Метаморфозис“ ќе одржи презентација на тема медиумска писменост, а ќе се реализира и средба со основачите на брендот Filmthusiast. Крстевска истакна дека како фестивал, „Џифони Македонија“ индиректно им помага на младите да дознаат со какви сè професии може да се занимаваат преку успешни примери од луѓе што се осмелиле да го следат својот сон.
„Сакаме да им покажеме на децата што се во публика дека нема невозможни професии, дека сè што ги интересира, необична работа што ним им претставува задоволство, може да им стане професија. Дека во креативната индустрија има милион работи со кои може да се занимаваат. На пример, сите тие луѓе што работат на филмовите, чии имиња ги гледаме на завршните кајрони на филмовите, тоа се сè убави професии иако можеби на родителите не им изгледаат како посакувана иднина за нивното дете. Честопати имаме примери на деца што велат: моите родители сакаат да студирам право, а јас сакам филм. На Џ’ифони’ дознаваат дека тоа е возможно“.
Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: „Џифони експириенс“, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и со меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотеката на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и многубројни институционални и приватни поддржувачи.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Драмски со РУТА е уште еден мост за поврзување на регионот

Со домашна премиера, претстава на скопскиот Драмски театар, почна второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА во земјата.
„Фирма“, по текст на реномираниот германски автор Роланд Шимелфенинг и во режија на Нела Витошевиќ, со избрана актерска екипа, е првата претстава на фестивалот што го поврзува театарскиот живот на регионот.
На отворањето на неколкудневниот театарски празник во Скопје, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги поздрави актерите и гостите од сцената на Драмскиот театар, која, како што рече, буди посебна емоција и додаде дека преку театарот уметниците успеаја да го подигнат и да го одржат мостот наречен РУТА.
„Ви благодарам што давајќи дел од себе, нè опоменувате и нè потсетувате на последиците од алчноста, од отуѓеноста, од кусогледоста, од непромисленоста. Нè потсетувате на повторливоста на смртоносните пандемии, на бавното ослободување на жената, на еволутивните слабости на човештвото.
Вашата улога, веројатно, најдобро ја опиша уникатниот режисер Јагош Марковиќ, кој, за жал, веќе не е меѓу нас: „Мораме да сведочиме. Мораме едни на други да кажеме – за да не помислиме дека сè е во ред“ – рече Костадиновска-Стојчевска.
Заблагодарувајќи им се за гостувањето на сите ансамбли на ова издание на фестивалот РУТА, министерката Костадиновска-Стојчевска ги покани театрите од регионот со особено внимание да се вклучат преку РУТА и во 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата.
„Регионот му е потребен на Скопје. Скопје му е потребно на регионот“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Фестивалот продолжува со „Декамерон“ на Градско позориште од Подгорица во копродукција со Народно позориште од Ниш, на режисерот Пројковски, и со „Нора“ на Местно гледалишче од Љубљана, Словенија, во режија на Нела Витошевиќ. Потоа следуваат: „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево, во режија на Дино Мустафиќ, и „Самрак на боговите“ на Београдско драмско позориште, во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.
Со претставата „Отело“, пак, театарот Улисис од Хрватска го затвора фестивалот РУТА в недела (8 октомври). Режијата е на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите, освен на актерите на Улисис, е направена и со членовите на Сараевски ратни театар од Сараево.
Култура
Концерти на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ во Софија, Бугарија

Оваа среда, 5 октомври, во Софија, со почеток во 20 часот, во клубот „Синглс“, лоциран во Националната палата за култура, со концерт во живо ќе се претстават македонските бендови „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“.
Концертите на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ се реализираат како дел од концертната серија на дводневниот музички настан организиран од „Аларма панк-џез“ од Софија во соработка со музичката програма „Христо Ботев“ при Бугарското национално радио.
Првиот ден (5 октомври) е македонска музичка вечер, а со концертите на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ го претставуваме и македонскиот фестивал за џез и светска музика „Крај Вардарот џез“ пред тамошната публика. Со ова гостување воспоставуваме континуитет на меѓународната соработката во полето на современата, џез и светската музика помеѓу музичари, продуценти и културни актери од Македонија и Бугарија почната во 2022 година со гостувањето на бугарскиот состав „Спејс трио“ како дел од програмата на третото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ во Скопје.
Со континуирана работа повеќе од 30 години „Сетстат“ е нашиот најквалитетен и најдолготраен џез-состав. Зад себе имаат 10 студиски албуми. Освен од љубовта на публиката, успехот на бендот се гледа и од добиените признанија од критиката. Композиција MVP во 2004 беше број 1 на Top Downloads 200-листата на реномираниот џез-портал All About Jazz websit. Во 2015 култното радио „Канал 103“ го прогласи како албум на годината „Се плашам од Македонци“ (соработка со Никола Коџабашија и Мирко Попов). Албумот во живо White Night, снимен од настапот на „ПМГ рекордингс фестивал“ во 2021 година, издаден за „ПМГ џез“, влезе во селекцијата на најдобрите џез-изданија на музичката платформа Bandcamp во јануари 2022 година. Бендот има динамична концертна активност како во домашен така и во меѓународен контекст, а во Софија ќе се претстават со последниот студиски албум „Соба 107“, издаден во 2022 година за „ПМГ џез/ПМГ рекордингс“.
„ПМГ колектив оркестар“ е уште еден состав со исклучителна дискографија и активна работа повеќе од 20 години. Нивниот звук носи софистицирани танцови линии, прилично уникатни и речиси поп-мелодични. 9 студиски албуми, двоен винил со најголемите хитови, многубројни ЕП, синглови, компилации, видеозаписи, ремикси и неколку македонски и европски турнеи. Моментниот состав на бендот е прилично авантуристички микс на танцов ритам базиран на современа електронска продукција, тапани во живо, бас, гитара, дувачка секција, вокали и синтисајзери. Вистински оркестар составен од некои од најдобрите и најталентирани македонски музичари споени со цел да донесат правда и зрели аранжмани на добро познатите ПМГ-песни („Скопјанка“, „Манекенки“, „80-ти“, „90-ти“, „Ти си мојот свет“, „Луѓе од градови“, „Деца на два века“…), патем максимално задоволувајќи ја публиката на концертите.
Концертното гостување на „Сетстат“ и „ПМГ колектив оркестар“ е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија и се реализира во партнерска соработка со Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија.