Култура
Театарската претстава „Синиот портокал“ гостува во Софија

По повод Меѓународниот ден на театарот, во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија на 29 март (четврток) од 18:30 часот гостува велешки театар „Јордан Х. К. Џинот“ со театарската претстава „Синиот портокал“ од Џо Пенхол. Режисер на претставата е Александар Ивановски, драматург – Kатерина Момева, сценографија – Филип Коруновски, автор на музика – Сашко Костов, со учество на Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски и Жарко Спасовски.
Во време на глобализација кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националност и културните наследства што ги носиме во себе, оваа драма топло ја брани неправдата која ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација. Во оригиналната драма централен лик е афроамериканец, кој доаѓа од црнечкото гето и е болен од шизофренија. Оваа драма е уште и за современата психијатрија, со застарени методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Ликови се Брус, Кристофер и Роберт. Брус е психијатар со помало искуство од Роберт, но многу е приврзан за својот пациент. Иако на двата еминентни психијатри би требало да им биде поважен животот на пациентот, бирократските правила, колегијалните местенки и ривалството во еден момент стануваат поважни од сè.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Со спуштање на бајракот затворена „Десет дена Крушевска Република“

Со спуштање и засолнување на бајракот и почесна стрелба, официјално се затвори Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“.
„Изминатите 10 дена имавме богата програма, опфативме повеќе културни области и привлековме многу туристи. Достоинствено го одбележивме Илинден и покрај тоа што Манифестацијата понуди забава, се вративме назад да ја доживееме историјата. Се заблагодарувам на сите што присуствуваа во Крушево“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
На затворањето на „Десет дена Крушевска Република“ концертот на Дац и Александар беше прекинат поради дожд кој се појави во текот на настапот, информира организаторот.
Култура
13-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли ан, платото на Музејот на Македонија пред Куршумли ан, МКЦ и Europe House Скопје. Четвртото издание на „МакеКоПроДокс форумот“ ќе се одржи во МКЦ на 22 и 23 август.
Со мотото „Лупење идеи“, фокус на 13. „Македокс“ е развојот на идеи, а прес-конференцијата за програмата на фестивалот се одржа денес (10 август) на платото пред МКЦ во Скопје.
„По две бурни години за целиот свет, време е повторно да си дадеме сила за реализирање на идеите. Но, овој пат од нова перспектива, да ги излупиме старите лушпи и одново да создаваме на новите бели слоеви. Сметаме дека делот на процесот на развој на документарниот филм е многу значаен, особено за регионот каде што на овој процес од создавањето на филмот обрнуваме многу малку внимание. Затоа оваа година развојот на идеи го поставивме во фокусот на фестивалот. Среќни сме што по две години, ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости“, истакна Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „Македокс“.
Годинава на фестивалот ќе пристигнат 70-ина гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со „МакеКоПроДокс форумот“, кои делумно ќе се одржат онлајн.
Филмската програма на 13. „Македокс“ содржи 71 документарно остварување во пет натпреварувачки категории – главна програма, нови автори, кратки документарни филмови и студентска програма, а сите филмови се дел од компетицијата за наградата „Етички идеи“. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми, се „Земјата во фокус“ – годинава тоа е Чешка, и Програмата за деца и младинци.
Фестивалот ќе биде отворен на 18 август во Куршумли ан, со документарниот филм „Сè што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водна палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).
Главната програма содржи 9 филма, во селекцијата нови автори има 11 филма, во програмата на кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во студентската програма ќе бидат прикажани 8 филма. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 18 филма. Земја во фокус е Чешката Република и ќе бидат прикажани 8 нови документарни филма.
„Среќни сме што оваа година на адресата на ‘Македокс’ пристигнаа филмови од сите пет континенти на планетата Земја. Гледавме филмови со месеци и ја лупевме програмата за да ја добиеме нејзината најавтентична форма и содржина, која ќе ја одрази креативната сила на ‘Македокс’ како фестивал на креативен документарен филм. Мислам дека успеавме во тоа, а се надевам и публиката ќе биде задоволна од нашиот избор.
Фестивалот ќе го отвориме со филмот ‘Сè што дише’ на режисерот Шаунак Сен, а пред него ќе го прикажеме белгискиот краток документарен филм ‘Иднината е водна палата’ на режисерката Хуанита Онзага. Втората вечер е веќе традиционално резервирана за отворање на програмата ‘Земја во фокус’, оваа година посветена на Чешка, и радосни сме што имаме чест да ја отвориме со филмот ‘Рене – затвореник на слободата’ (Rene – The Prisoner of Freedom) на нашата почесна гостинка Хелена Тшештикова (Helena Treshtikova), мајката на тајм-лапс документарецот, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден ќе одржи и мастер-клас за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело. Време е за лупење на старите закоравени размислувања и идеи, а верувам дека ‘Македокс’ со својата програма ќе помогне, а притоа и ќе направи простор за нови… подобри, посветли!“, потенцира Петрула Вељановска, дел од програмскиот сектор на „Македокс“.
Во индустрискиот сегмент на фестивалот предвиден е мастер-клас со Хелена Тшештикова, почесна гостинка на „Македокс“ 2022, која ќе говори на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“. „Чешката режисерка и документаристка Хелена Тшештикова е повеќе од режисерка и документаристка. Може да се каже дека таа е своевиден феномен, од оние што ги поместуваат границите за она што го знаеме за документарниот филм“, изјавил Михаил Железников. Разговорот со Хелена Тшештикова ќе го води Туе Стен Милер.
Исто така, Туе Стен Милер, консултант за документарци и критичар од Данска, ќе одржи работилница за развој на идеи од 20 до 22 август. Учесници на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани на Балканот.
Централно место во индустрискиот сегмент зазема четвртото издание на „МакеКоПроДокс форумот“, што ќе се одржи од 22 до 24 август.
„За вториот дел од форумот, годинава имаме одлична и разновидна селекција од 11 проекти, кои се продуцирани или се снимаат на Балканот (Албанија, Косово, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Турција…). Тие ќе ги претстават своите проекти на 23 август и ќе имаат еден-на-еден состаноци со одлучувачите. ‘МакеКоПроДокс форумот’ е реализиран во соработка со Агенцијата за филм на РСМ, ‘Медија деск МК’, Грчкиот филмски центар, Град Скопје, ‘Вардар филм’ и МКЦ“, објасни Сара Ферро, координаторка на „МакеКоПроДокс форумот“.
Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли ан. На 21 август ќе биде отворена фотоизложба на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.
По завршувањето на фестивалот, „Македокс“ ќе ги продолжи своите активности и во текот на годината. Во септември екипата ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне програмата „Зимски Македокс“, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа Doc Around Europe.
Тринаесеттото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, програмата „Медија“ на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, чешката амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, „Сеавус Скопје“ – Групација Арикома, Грчкиот културен центар, „Медија деск МК“, Музејот на РСМ, Археолошкиот музеј, Музејот на современата уметност, такси „Глобал“.
Билетите може да се набават онлајн преку продажната мрежа на „мк.тикетс“ (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музејот на РСМ може да се набави за цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворањето на 18 август и церемонијата на доделувањето награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.
Култура
„Флипбук филм фестивал“ – ќе бидат прикажани повеќе од сто кратки авторски анимирани филмови

На годинешното издание на „Флипбук филм фестивал“, од 11 до 14 август, ќе бидат прикажани повеќе од сто кратки авторски анимирани филмови. Првата вечер традиционално е резервирана за селекција на филмови од најголемите фестивали за анимиран филм, а годинава ќе биде прикажано најдоброто од двата најголеми светски фестивала, „Анеси“ (Франција) и „Анимафест“ (Хрватска).
Во следните три вечери ќе бидат прикажани филмовите од главната селекција, студентската, селекцијата на анимиран документарен филм и селекцијата на анимирани музички спотови. Од пријавените повеќе од илјада наслови, сите селектирани филмови ги менуваат правилата на игра и ги поместуваат границите на медиумот анимација, носат новитет и во тематска и во технолошка смисла: визуелна иновативност, силна приказна, која обработува некоја современа тема, остра социјална критика, софистициран хумор, експериментирање со формата и содржината итн. И годинава ќе бидат прикажани најдобрите европски наслови, кои во изминатиот период ги освоија најважните награди на светските фестивали: во главната селекција на словенечката режисерка Шпела Чадеж – Steakhouse, на хрватската режисерка Луција Бужанчиќ – Saturation, англискиот Hide на Данел Греј, во селекцијата на анимирани документарци The Garbage Man на португалката Лаура Гонсалвес и My father’s damn camera на српскиот режисер Милош Томиќ, студентските Slouch и Toothless и македонскиот Torch од младиот автор Калин Маловски. Во селекцијата, пак, на анимирани музички спотови, меѓу другите, ќе прикажеме анимации од двајца македонски автори: Никола Дрвошанов и Филип Митров.
За најдобрите филмови ќе одлучуваат две жирија. Во жирито на главната и на селекцијата на анимирани музички видеа членови се: Себастијан Сперер, селекторот на фестивалот „Анеси“, Даниел Шуљиќ, уметничкиот директор на „Анимафест“, кој ќе ја претстави монографијата по повод 50 години од фестивалот, и Олга Бобровска, професорка по историја на анимиран филм во Краков и директорка на фестивалот „Стоптрик“. Во жирито на анимирани документарци и студентски филмови членови се: Педро Риверо, професор по сценарио за анимиран филм и директор на фестивалот Анимаком во Билбао, кој ќе одржи работилница Storytelling for Animation, Петрула Велјановска, програмски координатор на фестивалот за документарен филм „Македокс“, и Милан Милосављевиќ, директор на фестивалот „Балканима“ во Белград, кој ќе ја промовира книгата со есеи за анимиран филм The Last Turn at Albuquerque. Промоција на книга од областа на теоријата на анимираниот филм ќе имаат и полскиот теоретичар Михал Бобровски и авторот на анимиран филм, Иван Ивановски, промоција на книгата „До празнината и назад“, проследена со изложба. Во соработка со организацијата „Екосвест“ ќе биде одржана тематска работилница за анимиран филм во техника стоп-анимација и изработка на флип бук-тетратки со учениците од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“.