Култура
Турскиот „Крадци на гулаби“ и втора вечер на краткометражни филмови на ФФФ
На програмата на деветтото издание на Филозофски филмски фестивал (ФФФ), кој се одржува од 9 до 16 мај во Кинотека, денеска е втората вечер од компетитивната програма на краткометражни филмови (18:30).
Како што информираат од организаторот, Филозофското друштво на Македонија, посебноста на селекцијата на овој фестивал е изборот на филмовите според два критериума: уметничкиот квалитет и филозофската релевантност и/или податливост.
Вечерва ќе бидат прикажани уште десет филмови од Полска, САД/Полска/Германија, Костарика/Доминиканска република/Шпанија/Португалија, Германија, Португалија, Франција, Русија, Индија и два македонски филма – „Кога нè нема“ на Стефан Палитов и „Почетокот“ на Агим Абдула.
Ревијално ќе биде прикажана и филмската етида „Осаменост“ на Мирослав Илиќ изработена во рамките на Работилницата за филозофија и филм на Фестивалот со професор Стефан Сидовски.
Во 21:30 во терминот за компетитивната селекција на долгометражни филмови, ќе биде прикажан петтиот филм, турскиот „Крадци на гулаби“. Оваа топла приказна, првенец на режисерот Осман Наил Доган беше дел од Официјалната селекција на 24. Сараевски филмски фестивал. Филмот ја отвора темата на егзистенцијата на чесниот човек во светот којшто ретко кога е благонаклонет на добредетелните. Или, поинаку кажано: Како може еден човек да биде добар ако животот е беспоштеден и суров, луѓето се немилосрдни и себични, а светот е студен и туѓ?
Филозофскиот филмски фестивал по третпат во својата деветгодишна традиција има интернационална димензија. Фестивалот институционално е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура и Градот Скопје, а за неговата реализација помагаат и повеќе соработници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Културно лето на Чаир“ – еден месец настани во Општината
Општина Чаир го претставува „Културно лето на Чаир 2026“, едномесечна програма со културни, уметнички, спортски и забавни активности за сите генерации.
Од 1 до 30 јуни, Чаршијата и повеќе локации на територијата на општината ќе се претворат во центри на културата, традицијата, музиката и креативноста, преку низа активности кои имаат за цел збогатување на јавниот живот и промоција на културните вредности.
„Културно лето на Чаир 2026“ претставува манифестација што ги обединува граѓаните и го претвора Чаир во простор на средби, славење и културно доживување во текот на целиот месец јуни.
Култура
Момент за Мориконе – музичко-поетска италијанска вечер во Филхармонија на „Скопје Брас Фестивал“
На 29 мај (петок), во Камерната сала на Филхармонија во 19 часот, ќе се одржи долгоочекуваната музичко-поетска италијанска вечер под наслов: „Поетиката на музиката и музикалноста на поезијата: големата италијанска традиција“, која ќе ја обедини магијата на филмската музика, поезијата и врвната изведувачка уметност.
Во Скопје пристигнува еден од најреномираните италијански трубачи, Марко Пиеробон, кој ќе настапи како солист заедно со ИД Камерниот оркестар, под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска.
На програмата се дела од легендарните композитори Енио Мориконе и Нино Рота — музичките визионери кои оставија длабока трага во италијанската и светската филмска уметност, создавајќи незаборавни звучни пејзажи кои и денес ја освојуваат публиката ширум светот.
Посебна уметничка димензија на вечерта ќе ѝ дадат поетските сегменти инспирирани од творештвото на Франциск Асишки (годинава се одбележуваат 800 години од неговата смрт) и Луиџи Пирандело, кои ја збогатуваат програмата со филозофска и духовна длабочина, а ќе биде прочитана и една поема од Мајка Тереза. Како рецитатор ќе се претстави Тина Иванова, музиколог и писателка.
Темата „Љубовта и сите нејзини облици“ ја води културната програма за 2026 година на Амбасадата на Италија во Скопје. Станува збор за универзална и безвременска тема која низ историјата инспирирала бројни значајни дела од италијанската литература.
2026 година одбележува 90 години од смртта на Пирандело, добитник на Нобелова награда за литература во 1934 година и еден од најзначајните италијански писатели на сите времиња. Неговите размисли за љубовта го отвораат тематскиот контекст на вечерта.
„Песната на созданијата“, пак, на Франциск Асишки е напишана околу 1224 година, две години пред неговата смрт. Делото претставува прв поетски текст во народен италијански јазик и возвишена пофалба на природата, создадениот свет и братството со сите елементи на животот. Поемата на Мајка Тереза носи наслов „Сакај го животот“ и таа е посветена на возвишеноста на љубовта и на животот.
Концертот е дел од годинешното издание на „Скопски Брас Фестивал“ и се реализира со значајна поддршка од Италијанската амбасада во Скопје и Италијанскиот институт за култура во Белград.
Публиката ќе има можност да доживее вечер исполнета со емоција, медитерански дух и уметничка префинетост, каде музиката и поезијата се спојуваат во едно единствено сценско доживување.
Култура
Промоција на книгата „Раскажани стихови: историја на една љубов“ од Марина Димитриева – Ѓорѓиевска
На 26. мај 2026 година, во 19:19 часот, во Културно информативниот центар – Скопје, Салон 19:19, ќе биде промовирана книгата „Раскажани стихови: историја на една љубов“ од Марина Димитриева- Ѓорѓиевска во издание на издавачката куќа „Македоника литера“.
Книгата ќе ја промовираат Нове Цветановски и Ранко Младеноски, стихови ќе чита Ева Стојчевска
Книгата содржи суптилна и издржана лирика во која главни теми се љубовта и човечките доблести и слабости. Книгата содржи близу 80 песни во кои доминантни теми се љубовта, чесноста, почитта, човекољубието, праведноста, женската вистина во општествените, партнерските и семејните односи. Секој лирски текст звучи како лична размисла која алудира на автореференцијалност, најмногу поради првото лице, но од друга страна, тоа е поезија која зафаќа проблеми од секојдневието на урбаниот човек, односно на жената: вредностите на животот и вредностите на љубовта.
Марина Димитриева – Ѓорѓиевска е родена во Скопје во 1978 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна го завршила и магистерски и докторски студии. Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).
