Култура
Утре и задутре проекции на филмовите со Чарли Чаплин во дворот на Кинотеката

Временските (не)прилики изминативе денови ги одложија проекциите на три филма од циклусот посветен на Чарли Чаплин под отворено небо во дворот на Кинотеката.
Затоа насловите Детето, Светлините на велеградот и Светлините на сцената ќе бидат прикажани во нови термини, на 28 јули (вторник) и 29 јули (среда).
28 јули (вторник), 21:00 ч.
Детето
(The Kid)
Игран филм, САД
1921, 68 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Една Первианс, Џеки Куган (Charlie Chaplin, Edna Purviance, Jackie Coogan)
Една жена (Пурвианс) се породува и бебето го остава во автомобилот пред една богата куќа. Двајца крадци го крадат автомобилот, а потоа, кога го забележуваат бебето, го оставаат на улица. Еден скитник (Чаплин) случајно поминува тука и го наоѓа бебето. Најпрвин, тој се обидува да се ослободи од бебето, но притиснат од полицаецот, на крајот е принуден да го земе бебето дома и да се грижи за него. Во меѓувреме, мајката на бебето станува голема ѕвезда, која одвреме-навреме им помага на сиромашните. Еднаш, таа доаѓа во сиромашниот кварт и таму го среќава својот син, не претпоставувајќи дека се работи за нејзиното дете.
Скитникот му кажува на лекарот како го пронашол детето и му ја покажува хартијата со пораката на мајката на детето во која таа замолува за нега на бебето. Лекарот пријавува во социјалната служба и во домот на скитникот доаѓаат социјалните работници, кои сакаат да го однесат детето во домот за сираци. Скитникот со сета сила се бори со нив и со полицаецот и успева да го земе детето, но не смее да се врати дома. Мајката на детето повторно доаѓа во сиромашниот кварт и таму го среќава лекарот, кој ѝ ја покажува белешката што ја напишала таа. Преспиваат во едно евтино преноќиште, каде што сопственикот дознава од весникот за изгубеното дете. Ноќта, тој го грабнува детето и го носи во полициската станица, а утредента доаѓа мајката за да си го земе. Очајниот скитник доаѓа пред својот дом и заспива на тротоарот, сонувајќи дека е во рајот. Тогаш, него го буди полицаецот и го носи во куќата на мајката на детето…
Возрасна категорија: за сите возрасти
28 ЈУЛИ (вторник), 22:15 ч.
Светлините на велеградот
(City Lights)
Игран филм, САД
1931, 87 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Вирџинија Черил, Флоренс Ли, Хари Мајерс (Charlie Chaplin, Virginia Cherrill, Florence Lee, Harry Myers)
Скитникот (Чаплин), скитајќи низ градот, наидува на слепа девојка (Черил) која продава цвеќиња за да се прехрани себеси и својата баба (Ли). Со последната паричка тој купува еден цвет, а девојката си помислува дека се работи за некој убав и богат господин. Подоцна, скитникот случајно се среќава со пијаниот ексцентричен милионер (Маерс) кој сака да изврши самоубиство затоа што го напуштила сопругата. Скитникот го спречува во намерата и милионерот го прифаќа како свој најдобар пријател. Меѓутоа, проблемот се состои во тоа што откако ќе се отрезни милионерот воопшто не се сеќава на скитникот.
Во меѓувреме, скитникот ја посетува девојката и таму дознава дека таа ќе биде присилно избркана од куќата ако не ја плати киријата. Истовремено, тој дознава дека некој познат лекар во Виена открил лек за слепилото, па затоа, скитникот ѝ ветува на девојката дека ќе обезбеди пари за киријата и за операцијата на очите.
За таа цел, тој најпрвин се вработува како чистач на улиците, а еднаш се пријавува и да боксува за пари, меѓутоа ја губи борбата против посилниот противник. За среќа, тој повторно се среќава со милионерот, кој го кани скитникот во својот дом и таму му ги дава парите потребни за операцијата на девојката. Но, во домот на милионерот упаѓаат криминалци, кои го онесвестуваат милионерот. Скитникот повикува полиција, но слугата го обвинува него за кражба, па завршува в затвор.
По излегувањето на слобода, тој скита низ градот и случајно застанува до излогот на една цвеќарница. Сопственичка на цвеќарницата е девојката, која повеќе не е слепа, но дали ќе го препознае човекот кој цело време ѝ помагал…
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
29 јули (среда), 21:00 часот.
Светлините на сцената
(Limelight)
Игран филм, САД
1952, 137 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Клер Блум, Најџел Брус, Бастер Китон (Charlie Chaplin, Claire Bloom, Nigel Bruce, Buster Keaton)
Последниот американски филм на Чаплин ја раскажува приказната за еден комичар во мјузикли, чија слава и кариера полека избледуваат, и за еден балетски танчер со самоубиствени мисли. Обајцата мораат да се потпомогнат меѓусебно за да најдат цел и надеж во нивните животи…
Главен момент во филмот е класичниот дует на Чаплин со неговиот единствен вистински ривал во филмската комедија – Бастер Китон. Светлините на сцената е нивното заедничко простување од ерата на немиот филм, пантомимата и комичните филмови во кои остварија величествени кариери и успеси.
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.