Култура
Утре ќе биде погребан актерот Трајче Ѓоргиев

Актерот на Македонскиот народен театар Трајче Ѓоргиев кој почина вчера, ќе биде погребан во понеделник на 5 јуни. Од 14:00 до 15:00 часот ќе биде испрачањето кон вечниот дом во капелата на градските гробишта Бутел, а комеморацијата на која семејството, блиските пријатели, колеги и познаници ќе му оддадат почит, ќе се оддржи во вторник на 6 јуни во Македонскиот народен театар во 12:00 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Костадиновска-Стојчевска: Агенцијата за филм има средства, никој не ја кочи актуелната продукција

Темата за наводно намален буџет на Агенцијата за филм, како и за обвинувањата од филмската фела дека се кочи процесот на продукција, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција ја разјасни со елаборирање на буџетските сметки на Агенцијата и нивната реализација.
„Морам да го повторам истото тоа што им го реков на денешната средба и на дел од продуцентите и на дел од потписниците на јавното писмо за наводно скратениот буџет на Агенцијата за филм дека во ниту еден момент, буџетот на Агенцијата за филм не е скратен, ниту во Предлогот за прераспределба на средствата што е во Собранието. На продуцентите и на авторите им објаснив дека тие имаат погрешни информации и дека, за жал, се можеби изманипулирани дека некој ги замрзнал средствата за филм. Вистината е дека додека трае процесот во Собранието, тие средства се во мирување, но сите пари се на сметката“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа ја објасни динамиката на исплата на средствата на двете сметки што ги има Агенцијата за филм, буџетската и посебната, истакнувајќи дека АФ има ниска реализација на посебната сметка, само околу 30 проценти досега.
„Неточно е дека некој скратил средства, дека некој им злоупотребил средства, или им ги замрзнал, напротив, во ниеден момент буџетот на Агенцијата за филм не е никако допрен. Ве уверувам дека за секој филмски проект кој е подготвен за реализација на фазата снимање, во која се трошат најголемиот дел од парите, и кој ја има комплетирано целокупната документација (обезбедено средства од копродуценти) и има доставено до Агенцијата за филм банкарски гаранции, ќе бидат дообезбедени финансиски средства. Доколку има потреба од дополнителни средства. Зашто и во моментов Агенцијата има пари да финансира снимање филмови, според динамика која претходно самата ја утврдила“, рече министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска на новинарското прашање одговори дека Агенцијата за филм нема испратено план за исплата и дека се извртува информацијата од Министерството за култура дека до крајот на годинава ќе бидат исплатени средства. Таа објасни дека со секој доставен план, како и досега, службите во Министерството навремено ги сервисираат потребите на Агенцијата.
„Замолувам да престанат манипулациите за сопствени цели, особено за гранка која треба да ни е промотор, не само дома туку и надвор. Имаме потпишано Меморандум за соработка во кинематографијата со земјите од „Отворен Балкан“, каде што допрва нè очекува нова соработка, и затоа апелирам да се насочиме кон иднината во развојот на домашната продукција“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Култура
Нарацијата во книжевноста и филмот: Румена Бужаровска и Ана Василева дел од „Браќа Манаки“

На 22 септември, со почеток од 17.30 часот, во битолска „Магаза“, Румена Бужаровска и Ана Василева ќе поразговараат за нарацијата во уметноста и филмот како дел од меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.
„Никаде не одам“, „Мојот маж“ и „Осмица“ од Румена Бужаровска – едни од најчитаните и најпреведувани збирки раскази во нашата земја – се одлична илустрација за визуелниот јазик на раскажувањето, а и за други теми што ќе ги опфати овој едночасовен дијалог. На македонската јавност Бужаровска и Василева ѝ се воедно познати како дуото што стои зад прочуената иницијатива за раскажување женски приказни, „ПичПрич“.
Овој разговор ќе биде вовед во Меѓународниот фестивал на филмската камера, кој со слоганот „Прекрасното непознато“ оваа година се одржува 44 пат.
Култура
Костадиновска-Стојчевска за јубилејот на Институтот за национална историја: Минатото е работа на историчарите, кои ги респектираат фактите

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска, се обрати на меѓународниот научен симпозиум по повод 75 години од основањето на Институтот за национална историја, кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Костадиновска-Стојчевска во обраќањето упати честитки за јубилејот 75 години Институт за национална историја, како што рече, институција од огромна важност за иднината на македонската држава.
„Затоа, основањето на Институтот за национална историја во 1948 година е исклучително важен и, би рекла, далековид чин за нашата држава. Во текот на годините Институтот прераснува во развиена научна установа, со респектиран научен кадар и институција подготвена да се соочи со многубројни предизвици. И во оваа пригода, на сите што го основаа, го подигнаа и го етаблираа Институтот за национална историја им благодарам што подигнаа здрав бедем“, потенцира Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура изрази уверување дека идејата на Институтот за денешната меѓународна конференција „Европа и Македонија: идеи, процеси и личности“, на која учествуваат врвни научници, истражувачи и интелектуалци од Унгарија, Полска, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Северна Македонија, ќе ја потврди суштината на зборовите дека идентификувањето на случувањата во минатото е работа на историчарите што ги респектираат фактите.
„Наша заедничка должност е и да ја поттикнеме страста за истражување и откривање на историските процеси, особено меѓу младите. Историјата, не како товар, туку како идентитетска карта на една држава, која му припаѓа на европското семејство и на европските вредности. И Институтот за национална историја има огромна улога во тоа“, рече Костадиновска-Стојчевска.
На отворањето на дводневниот симпозиум, кој се одржува денеска и утре во МАНУ, се обратија и проф. д-р Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја, и проф. д-р Билјана Ангелова, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Беа доделени и благодарници на пензионирани вработени во оваа јавна установа.