Култура
Филмот „Врба“ ќе се прикажува на уште четири филмски фестивали

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја продолжува фестивалската турнеја со прикажување уште четири европски и светски фестивали, „Фест“ во Белград, „Синеквест“ во САД, „Фантаспорто“ во Португалија и Софија.
По светската премиера на „Врба“ на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година и по македонската премиера и киноприкажувањето, филмот беше дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј и Талин.
На престојниот 48. меѓународен филмски фестивал „Фест“ во Белград (од 28 февруари до 8 март), „Врба“ е во главната натпреварувачка програма, со првата проекција на 2 март и уште две – на 3 и 4 март. Во историјата на „Фест“ впишани се големи актерски и режисерки имиња, кои биле гости, како Марчело Мастројани, Харви Кајтел, Бернандо Бертолучи, Софија Лорен, Роберт де Ниро, Милош Форман, Вим Вендерс, Џони Деп. Досега „Фест“ имал над 4 милиони гледачи и речиси 4.000 значајни филмски наслови како од домашната и регионалната продукција така и од светската.
Од „Фест“, „Врба“ патува на 40. меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто Португалија, (од 28 февруари до 8 март), каде што филмот ќе биде прикажан на 6 март во програмата Недела на режисерите.
Во март „Врба“ ќе ја има и американската премиера во натпреварувачката програма на „Синеквест“, еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД (од 3 до 15 март) во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија.
Исто так, во март „Врба“ ќе биде прикажан и на 24. Интернационален филмски фестивал во Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.