Култура
Филмот „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски од денес во Кинотека во Скопје

Играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски од денеска до вторник ќе се прикажува на репертоарот на Кинотека во Скопје.
Вечерва и в понеделник гледачите ќе можат да го погледнат филмот во терминот од 20, а в сабота и во вторник од 18 часот.
Филмот ја раскажува приказната за настаните поврзани со смртта на еден млад пациент, по која младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на посета кај неговиот дедо. Последен пат бил кај него пред 10 години. Ова е филм за конфликт на генерации, со контраст на морални вредности, моменти за втора шанса.
Пиперкоски за „Дедо и внук“ освои бројни награди на меѓународни фестивали, меѓу кои и наградата во категоријата „Најдобар филм“ на Интернационалниот филмски фестивал во Париз, за најдобра режија на The Buddha International Film Festival, а доби и две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival и уште една награда на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата играни филмови.
Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои се истакна и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм. Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.