Култура
Филмот „Улиште“ ќе се натпреварува за гран-при на фестивалот „Санденс“

Долгометражниот игран филм „Улиште“ (анг. Hive), по сценарио и во режија на Блерта Башоли, копродукција меѓу Косово, Швајцарија, Северна Македонија и Албанија, со уште девет филмови од целиот свет, е селектиран во Главната интернационална натпреварувачка програма на 38. Филмски фестивал „Санденс“ што се одржува во Парк Сити, Јута, САД.
Овој фестивал, основан од страна на реномираниот актер Роберт Редфорд и во организација на „Санденс” институтот, е најголемиот фестивал на независен филм во светски рамки. 38. издание ќе се одржи во период од 28.01. до 3.2.2021 година.
„Улиште“ на „Црна Мачка Продукција“ се базира на вистинска приказна, претставувајќи го ликот на жената Фахрије, чиј сопруг исчезнува во војната во Косово. Додека трага по него, одлучува да започне мал земјоделски бизнис со цел да обезбеди егзистенција за своето семејство. Но, за жал, во традиционалното и патријархално опкружување, нејзината амбиција за еманципација не е прифатена. Нејзиниот бизнис започнува да се развива, додека пчелите во нејзината кошница (улиште), се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своите обиди да најде мир со пчелите, Фахрије наоѓа мир со самата себеси.
Главната улога ја толкува Јилка Гаши, а меѓу актерите кои играат во филмот се: Чун Лајчи, Кумрије Хоџа, Аурита Агуши, Адријана Матоши, Астри Кабаши, и од Македонија – Адем Карага, Зарије Јонузи Челику и Шќелќим Ислами.
Блерта Башоли е млада режисерка родена во Косово. Дипломирала на Универзитетот во Њујорк, на отсекот за Филм и ТВ. Има режирано неколку кратки филмови за кои е и наградувана, а „Улиште“ е нејзиното дебитантско долгометражно остварување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.