Култура
Филм за Леонард Коен и блок македонски филмови за затворање на „Скопје синема сити“

На 2 и 3 октомври ќе се организира вториот филмски викенд во рамките на 6. издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Како и првиот викенд, така и овој ќе биде организиран во дворот на Кинотеката.
На 2 октомври, со почеток од 19 часот, ќе бидат прикажани 4 краткометражни македонски филма, од кои три се анимираните филмови на режисерот Жарко Иванов зад чија музика е потпишан Оливер Јосифовски од бендот „Љубојна“: „Кружниот пат на Марето“, „Кружниот пат на сенката“ и „Кружниот пат на монахот“. Премиерно ќе биде прикажан филмот „Гребнатини на душата“ во продукција на „Види вака“. Во филмот се претставува брачна двојка од Холандија, која ја поседува најбогатата колекција на македонска музика на светот.
Тие посветуваат поголемо внимание на сочувување и собирање на македонското музичко наследство од институциите во државава. Проекциите на овие филмови се бесплатни.
Веднаш потоа, од 20 часот, следува филмот „Модулации: Кино за увото“, кој е всушност историја на електронската музика, од почетоците на авангардните композитори, па сѐ до појавата на современите електронски форми и жанрови, како техно, drum’n’bass, хаус, амбиент.
„Скопје синема сити“ се затвора на 3 октомври со филмот „Мериен и Леонард: Зборови за љубовта“ за Леонард Коен и неговата муза Мериен Илен, која била инспирација за многу од неговите песни. Филмот ја прикажува нивната бурна врска и животни патишта од почетокот на островот Хидра сѐ до нејзиниот крај.
Исто така, во рамките на фестивалот на 2 октомври, со почеток од 18 часот, ќе се одржи промоција на книгата на Елизабета Баковска – „Во главата слушам песна“, во издание на „Или-или“.
Фестивалот е организиран во согласност со здравствените протоколи.
Билетите за проекциите ќе може исклучиво да се набават на касата на Кинотеката.
Фестивалот е во организација на здружението „Номад-арт Скопје“, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Фестивалот е помогнат од Агенцијата за филм на РСМ и е организиран во соработка со Кинотеката на С. Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на оркестарот на Институтот „Фејмс“ со врвниот Емилио Перцан во Сули ан

Скопје ова лето ќе биде домаќин на еден навистина посебен музички настан. Во недела, на 6 јули, историскиот двор на Сули ан ќе се претвори во магична сцена на концерт под ѕвездено небо, каде што ќе настапи еминентниот виолинист и диригент Емилио Перцан, заедно со европскиот оркестар на институтот „Фејмс“, составен од млади музичари од цела Европа.
Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамки на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа.
Публиката ќе има можност да ужива во репертоар кој ги обединува Вивалди, Делабако, Пучини и Рихтер – различни музички епохи – од барокот и романтизмот, па сè до современи композиции со силна општествена порака и со посебен акцент на композицијата „Рекомпонираните Четири Годишни Времиња“ на Макс Рихтер, која претставува модерна реинтерпретација на делото на Вивалди инспирирана од климатските промени.
„Овој концерт е многу повеќе од изведба – тој е прослава на иднината на европската класична музика. Со тоа што младите музичари од различни земји се здружуваат, учат и настапуваат заедно во Скопје, ние градиме уметнички мостови и ја покажуваме моќта на иновацијата во музичкото образование,“ велат од тимот на „Фејмс“.
Емилио Перцан, кој веќе настапувал на сцени како Театро Колон во Буенос Аирес, Берлинската филхармонија и Концертгебау во Амстердам, ќе се појави во двојна улога – како солист и диригент.
Отворениот амбиент во Сули ан ќе овозможи интимна и несекојдневна атмосфера, совршена за љубителите на класичната музика.
Билетите се веќе достапни преку mktickets.mk – со строго ограничен број места.
Култура
Недела на франкофонскиот филм од 23 до 30 јуни во Кинотеката

Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со Амбасадите на земјите членки на Меѓународната организација на Францоконијата: Грција, Бугарија, Швајцарија, Романија, Северна Македонија, Албанија, Белгија, Франција и Канада) и годинава ја организираат традиционалната Недела на франкофонски филм, којашто ќе се одржи од 23 до 30 јуни, во Кинотеката на Северна Македонија.
Манифестацијата ќе започне в понеделник, 23.06. со почеток во 20 ч., во Кинотеката, со проекцијата на филмот „Ривиера“, на Орфеас Перецис, во француска и грчка копродукција.
Настанот ќе го отворат Кристина Василату, Вршителка на должност во Амбасадата на Грција во Северна Македонија, и Иго Бештел, Директор на Францускиот институт во Скопје и Советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција.
Следат проекциите на:
Вторник 24 јуни, од 20 ч., „Странецот“, на Ники Илиев, во организација на Амбасадата на Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар;
Среда 25 јуни, од 20 ч., „Куче на суд“, на Летисија Дош, во организација на Амбасадата на Швајцарија;
Четврток 26 јуни, од 20 ч., „Таа Нова година што никогаш не дојде“, на Богдан Мурешану, во организација на Амбасадата на Романија;
Петок 27 јуни, од 18 ч., „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, во организација на Кинотеката на Северна Македонија;
Петок 27 јуни, од 20 ч., „Слогани“ на Ѓерѓ Џувани, во организација на Амбасадата на Албанија;
Сабота 28 март, од 18 ч., „Вереницата на поетот“ на Јоланда Моро, во организација на Амбасадата на Белгија во Софија,
Сабота 28 јуни, од 20ч., „Вашите лица секогаш ќе ми бидат пред очи“, петкратен добитник на наградите Цезар, на Жана Ери, во организација на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција;
Понеделник 30 јуни, 20ч., затворање на Неделата на Франкофонскиот филм, со проекција на филмот „Ру“, на Шарл-Оливие Мишо во организација на Амбасадата на Канада во Белград.
Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за дел од филмовите од нефранкофонско говорно подрачје обезбеден е и превод на француски јазик.
Влезници за проекциите се резервираат и се подигнуваат во Кинотеката.
Култура
Интердисциплинарна работилница во МНТ за напреден сценски и аудиовизуелен дизајн

Во просториите на Македонскиот народен театар се одржува петдневна работилница посветена на аудиовизуелното и сценско создавање претстава, со фокус на светло и тон.
Работилницата се реализира преку дијалошки пристап, практична работа и теренски активности, со цел учесниците да стекнат конкретни вештини и искуства во процесот на сценско создавање.
Целите и содржината на работилницата се насочени кон процесот на создавање сценска претстава, техничките аспекти на продукцијата: светло, тон и визуелен дизајн и практична примена преку демонстрации.
Предавачите од Финска: Јари Јуутинен, режисер, Теему Нурмелин, дизајнер на светло, видео и сценографија и Виле МЈ Хивонен, аудиовизуелен дизајнер, музички продуцент и кинематограф, преку внимателно структуирана програма на професионалните учесници, низ дискусии и демонстрации, ќе се фокусираат на дизајн на тон, предавања и демонстрации со акцент на дизајнот на светло, креирање сцени и финална демонстрација на резултатите во студио или театарски простор.
Учесниците ќе имаат можност да работат индивидуално или во мали групи што овозможува флексибилен и персонализиран пристап.
Оваа работилница претставува одлична можност за професионалци од областа на театарот, визуелните уметности и продукцијата, кои сакаат да ги продлабочат своето знаење и вештини во комбинирање на светло, звук и наратив во сценска форма.