Култура
Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО во Битола
Во Битола се одржува вториот форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО: Создавање на градот на иднината. На денешната програма од 11 часот во „Бела куќа“ – Битола е предвидено вклучување високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса (Шпанија), Бусан (Јужна Кореја), Лоѓ (Полска), Рим (Италија), Сараево (БиХ) и други градови членки на кластерот филмски градови на УНЕСКО, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис-секторот, кои работат во креативните индустрии и филм. Форумот го организира здружението за филмска уметност Центар за филм – Битола во насока на зголемување на соработката помеѓу градовите во областа на иновациите и едукацијата. Ова е прв форум од ваков вид кај нас и во регионот.
За форумот, кој требаше на едно место да собере повеќе од 20 учесници од странство во овие услови на глобална криза и борба со опасниот и непредвидлив непријател, мораше да се изнајдат нови, алтернативни начини за одржување на предвидените активности. Годинава нема гости од странство, но ќе присуствуваат виртуелно. Обраќањата и дискусиите ќе се одвиваат на два начина, во живо со присуство на домашни гости и преку интернет со снимање со камери и стриминг во живо. Сите настани се одвиваат со строго почитување на протоколите за организација на јавни настани.
Форумот почна вчера со бесплатна проекција на бугарскиот филм „Слава“ на дуото Грозева – Валчанов. Форумот е од исклучителна важност за градот Битола како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015 и еден од 18-те град што се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од Македонија и еден од ретките од регионот. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО. Форумот има цел да придонесе за ефективен развој и промоција на филмската индустрија преку спроведување целосна процена, подобрување на националните капацитети и организирање промотивни настани во оваа област. Меѓу целите на форумот е да дејстсвува како единствена платформа преку која членовите може да ги искористат за да ги унапредат своите партнерства и да донесат нови идеи и соработка.
Проектот е поддржан во рамките на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

