Култура
(Фото) Пласидо Доминго пристигна во Скопје – од аеродром директно на проба
Пласидо Доминго вчера пристигна во Скопје, а неговото слетување го означи почетокот на едно од највозбудливите музички случувања во Македонија.

Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и Балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба.

Со голем ентузијазам и воодушевување успшено заврши првата проба. Во исклучително инспиративна атмосфера маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност, но и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде, дефинитивно, еден од најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена.

Ова доаѓање не е обичен концерт – ова е историски момент за македонската културна сцена. Гласот што одекнувал во најпрестижните театри во светот, на 14 март ќе ја исполни сцената во арената „Борис Трајковски“, а енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта.

Македонија го дочекува Доминго со восхит, а легендата почнува да ја испишува својата најнова музичка приказна.

Фото – Стефан Самандов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот виртуоз на виолина Владимир Костов и камерниот оркестар „Профундис“ ја носат „Candlelight“ магијата во срцето на Битола
Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември, кога ќе се одржи првиот „Candlelight“ концерт во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар Профундис, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
Во рамки на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: „St. Paul Suite“ од Густав Холст, „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и „Македонско капричо бр. 1“ од Драган Шуплевски.

„Овој концерт е особено значаен затоа што за првпат ја носиме уникатната атмосфера на Candlelight концертите во Битола. Под светлината на свеќите, музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно одбрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, Концертхаус – Виена, Линколн центар – Њујорк, Харвард Универзитет и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника, Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Инаку, концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски признат тренд кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиткуваат просторот во топол сјај, создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината која ја приближува публиката до суштината на музиката.
Култура
Овој декември филмот „Мајка“ ќе се прикажува во 𝟤𝟥𝟢 киносали во Франција
Филмот „Мајка“, најновото остварување на Теона Стругар Митевска, од 3. декември официјално почнува со дистрибуција во Франција. Премиерата во Париз помина со исклучителен интерес. UGC Bercy беше целосно распродаден, а проекцијата во Pathé Convention се одржа со висока посетеност, што го потврдува зрелиот интерес на француската публика.
Во рамките на промотивната турнеја, филмот беше претставен пред водечките француски медиуми меѓу кои Télérama, Europe 1, INA, Elle и Le Journal du Dimanche, со силно позитивни критики. Критичарите ја истакнуваат тематската длабочина, авторската зрелост и уметничката актуелност на филмот.
Само во октомври и ноември „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни фестивали каде доби значајно внимание и позитивни оценки од стручните жирија. Филмот е веќе продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што сведочи за неговиот силен глобален досег.

Особено пофалени се актерските интерпретации. Номи Рапас се издвојува со една од нејзините најсилни изведби, а Никола Ристановски носи суптилен и емотивно комплексен настап кој остави длабок впечаток меѓу европските гледачи и критичари.
Филмот е потврден за прикажување во 230 киносали во првите две недели, во комбинација од arthouse простори и големи комерцијални кина. Дополнително, 600 киносали низ Франција го имаат вклучено филмот во своите долгорочни репертоари, што претставува редок и значаен опфат за регионален филм во францускиот дистрибутивен систем.
„Мајка“ оваа есен имаше силно присуство на меѓународната фестивалска сцена, меѓу другите во London FF, Ghent FF, Cannes Rencontres Cinématographiques, Arras FF, Geneva IFF, Mannheim Heidelberg, Seville FF, Haifa FF, Thessaloniki FF, Ljubljana FF, Tallinn Black Nights, како и на прекуокеанските фестивали во Рио де Жанеиро, Токио, Колката и Маракеш. Значајна е и селекцијата на Camerimage FF во Лоџ Полска, еден од најпрестижните фестивали за директори на фотографија.
Во декември филмот пристигнува и пред домашната публика. „Мајка“ ќе биде на редовниот репертоар во Кинотека на Македонија.
Култура
„Макавеј“ го објави новиот роман „Волкот“ од Константин Дораковски
Издавачката куќа „Макавеј“ го претставува романот „Волкот“ од современиот македонски автор Константин Дораковски – дело во кое писателот се оддалечува од широките општествени и историски теми и длабоко навлегува во индивидуалната човечка психа. Дораковски ја отвора вечната дилема за природата на доброто и злото во човекот, градејќи ја приказната околу ликот Велјан, млад човек чија внатрешна борба меѓу светлината и темнината прераснува во драматична, болна и мошне емотивна лична одисеја.
Романот го следи Велјан од неговото детство обележано со загуба и тишина, преку младоста исполнета со чувствителност, неправда и копнеж, па сè до моментот кога неговиот карактер се крши под товарот на низа животни удари. Паралелно со реалната приказна, авторот мајсторски ја вметнува алегориската линија на „штркот“ и „волкот“ – двете спротивставени сили што ги симболизираат добрината и злото во човековата природа. „Волкот“ е роман во кој секоја страница го поттикнува читателот да се праша: што нè оформува – љубовта, болката или изборите што ги правиме?
„Ги покануваме читателите да го откријат овој возбудлив и продлабочен прозен свет. Како завршува приказната на Велјан останува на читателот самиот да го доживее и протолкува – без да откриеме повеќе, ќе кажеме само дека финалето на романот носи силен емоционален удар и отвора простор за длабоко размислување“, изјави уредникот на изданието Владимир Цветкоски.

