Култура
Хуманитарен концерт за Турција и Сирија во „Јадро“

Утре, со почеток од 12 часот, во КСП „Центар Јадро“, ќе се одржи хуманитарен концерт за погодените семејства од катастрофалните земјотреси, во кои загинаа повеќе од 50.000 луѓе во Турција и Сирија.
Од КСП „Центар Јадро“ велат дека како и сите други граѓани во Македонија со големо жалење ја примиле тажната вест.
„Нашата установа, која е плод на колективна грижа и солидарност, чувствува обврска да им даде поддршка на оние што се најпогодени од оваа природна катастрофа. Во ова тешко време веруваме дека секој придонес во каква било форма е од огромно значење за двете земји“, велат организаторите на хуманитарниот настан.
Им изразуваме огромна благодарност на музичарите што несебично ја поддржаа оваа иницијатива.
На канцерот ќе настапат повеќе музичари.
Хана Корнети
Хана Корнети е пејачка, писателка, читателка, гледачка, надежна вештица, повремена градинарка и пропаднат левичар. Првото укулеле го добива подарок по неколкумесечното кенкање и несуптилни алузии. Укулелето го сака бидејќи е релативно едноставен инструмент, кој истовремено произведува убав, специфичен звук. Пред сѐ, укулелето е одлична придружба за она што Хана сака да го прави со својата музика – да раскажува приказни.
музички проект „Фортуна“: Марија Каева – вокална солистка,
музичарка и текстописец, Владан Дробицки – трамбонист,
Дино Милосављевиќ – тапани
Марија Каева е вокална солистка, музичарка и текстописец, како и радиоводител со петнаесетгодишно искуство. Музичкиот проект „Фортуна“ – зад кој стои потпишана заедно со Владан Дробицки, создаваат вистински носач на звук на пролетта! Песните на Фортуна“, освен што може да ви го разубават денот со мекиот вокал, радосните звуци и паметно режирана електроника – тие истовремено еманципираат за заматената зелена оска околу која би требало да се врти светот. Дробицки е тромбонист во оркестарот на Националната опера и Балет и воедно многу добро познат на музичката џез-сцена, кој се занимава и со музичка продукција. На концертот ќе ги придружува тапанарот Дино Милосављевиќ.
Трио: Драган Теодосиев – тапани, Филип Букуршлиев –
електрична гитара, Јордан Костов – хармоника
Драган Теодосиев е активен тапанар на македонската сцена веќе две децении. Со музика се занимава од најрана возраст, а своето музичко образование го има стекнато во средното музичко училиште и на џез-академијата во Штип. Активно работи со бендовите: Shock Troopers, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Cobalt Code Unit, Time Out, Sarah Mace, Miss Machiko’s Jazz Ensemble, Shikachi Ensemble, Invisible Fence Quartet, а соработува и со Јордан Костов, Тони Китановски, Сашо Поповски. Има настапувано во цела Европа, а бил дел и од музичкиот состав на театарска група при организацијата „Мадам Фортуна“ со седиште во Антверпен, Белгија, и работел на повеќе интернационални проекти. Во минатото настапувал и снимал со познати македонски метал имиња, како Aeon Arcanum, Mindfist и Victim Yield.
Гитаристот и композитор Филип Букршлиев е добитник на наградата за најдобар млад џез-музичар. Букршлиев е еден од најактивните и најплодни припадници на новата генерација македонски џезери, кој за краток период создаде богата дискографија. Тој се појави на домашната музичка сцена како фронтмен на „Фајтинг виндмилс“, а во последните години повеќе се фокусира на џезот и импровизирањето. Како еден од најбараните македонски џез-гитаристи, неговото име се појавува на 20-ина изданија во изминатите пет години.
Јордан Костов дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот за хармоника. Неговата музика е под влијание на world music, класичните средновековни мајстори и длабоко се поврзува со музиката од Македонија. Имал настапи на многубројни фестивали, меѓу кои и Fusion Ethno Fest во Белград, Spancir fest во Вараждин, Културен центар Umblock во Солун, Sarajevo Jazz Festival, џез-фестивалот во Кавадарци, Охридско лето и многу други. Костов има изработено и музика за многубројни театарски и филмски проекти во Азија, Европа и во Јужна Америка. Повеќе за работата на Јордан Костов можете да најдете на неговата веб-страница https://yordankostov.com/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.