Култура
„Црно под ноктите“, изложба на Андреј Медиќ Лазаревски на 13 септември во „Буква“

На 13 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, со почеток во 20.30 часот, ќе се одржи првата изложба на Андреј Медиќ Лазаревски со наслов „Црно под ноктите“.
Изложбата се состои од колажи и мини инсталации изработени во последната година. „Црно под ноктите“ е концепт со кој авторот се обидува да го втурне гледачот во гнилото, во црното под ноктите. Во тоа гнило се наоѓаат темите што се преокупација на една цела генерација, но и вечните теми, како потрагата по своето место во заедницата, личното и нелирско јас, уништувањето на природата, љубовта, еротското, стравот, смртта, миграциите.
Некои од колажите се инспирирани и посветени на песни од поети и поетеси од домашната и светската книжевност (Сергеј Есенин, Жак Превер, Имануел Мифсуд, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Ива Петреска, Александра Спасеска, Васил Ханџиски, Милена Сиљаноска, Ангела Бошкоска, Дамјана Видическа…). Во рамките на настанот за музичкиот дел со свој диџеј-сет ќе се погрижи Индог.
Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по филозофија на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет и студира на Катедрата по општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, „Дата песнопој“) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – 2. изменето и дополнето издание, „ПНВ публикации“).
Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура бета“, организатор е на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, главен фестивалски координатор е на Филозофскиот филмски фестивал, член е на извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал, дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а моментно работи во „Кликер маркетинг“. Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали (Стих у регији, Струшките вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Скопскиот поетски фестивал, „Артареа“…).
Негови песни се застапени во домашната периодика и преведени се на српски јазик за книжевните списанија „Блудни стих“ и „Рукописи“, на хрватски за списанието „Поезија“ на Хрватското друштво на писателите и на англиски јазик за Selection from A new birth of the word (an Anthology of Macedonian Young Poetry), издание на Струшките вечери на поезијата. Негови песни се застапени во антологиите „Македонска љубовна лирика“ (прир. Весна Мојсова-Чешишевска и Иван Антоновски, „Матица македонска“, 2024), „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, „ПНВ публикации“, 2023) и „Музика, сега и уште“ (прир. Владимир Мартиновски, Струшките вечери на поезијата, 2022). За песната „Твоја ли е градината, Алиса?“ ја добива наградата „Енхалон“ од Струшките вечери на поезијата (2024).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.