Култура
Шаќири: подготвивме едукативен пакет за промовирање на вредностите на филмот „Медена земја“ меѓу учениците
Преку воннаставни активности пораките од документарниот филм „Медена земја“ кој во 2020 година се натпреваруваше за оскар, се пренесуваат на учениците на возраст од 10 до 14 години. Младите учат колку е важно да ја заштитиме животната средина од уништување и колкава е важноста на пчелите за општото добро.
Ова беше предвидено со меморандумот за соработка кој го потпишаа министерствата за образование и наука и за животна средина и просторно планирање, Бирото за развој на образованието и приватните компании „Фармахем“ и „Аполо“. Тие заедно изработија едукативен пакет кој денес беше претставен пред јавноста, а веќе пилотира во основните училишта во 14 општини од Брегалничкиот регион каде учат над 8.000 ученици од петто од деветто одделение.
На денешната промоција на резултатите од овој заеднички проект министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека едукативниот пакет содржи три авторски дела: илустрирана книга за ученици од основно образование и две интерактивни игри кои се креирани на македонски, албански и турски јазик.
„Во едукативните материјали воведени се пораките од документарниот филм ‘Медена земја’ и истите побудуваат љубопитност, учење и размена на искуства меѓу наставници и ученици, што овозможува унапредување на сопствените вештини за доживотно учење“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека проектот ја зацврсти соработката помеѓу институциите од јавниот, приватниот и меѓународниот сектор, а тоа пак, како што рече, носи зголемена и споделена одговорност за креирање услови за промена во образованието.
„Со овој креативен и уметнички производ, авторскиот тим овозможи одлуката на Владата на Република Северна Македонија за промовирање на вредностите од филмот ‘Медена земја’, да стане реалност“, потенцираше Шаќири. Појасни дека друштвената игра трае од половина час до најмногу 45 минути и овозможува секој од играчите различно да игра и различно да стигнува до победа. Од страна на авторскиот тим целосно се испочитувани 5-те принципи на играта како медиум за учење, односно принципите за важност, интерактивност, уживање, активирање и повторување.
За потсетување, документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, беше во најтесната конкуренција за освојување на две од најпрестижните златни статуетки на 92. доделување на филмските награди. Во 2020 година пред почетокот на пандемијата со Ковид -19 нашите претставници приредија изненадување со квалитет преку споделување на реална приказна за последната жена одгледувач на диви пчели во Европа која живее во симбиоза со природата. „Медена земја“ го исфрли селото Бекирлија како централното место не само во филмската индустрија, туку и во светски рамки токму со топлината и животната победничка филозофија на Атиџе Муратова за еднаква распределба. Во меѓувреме, филмот доби поддршка од владата за поголема промоција на пораките, особено помеѓу младата популација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

