Култура
Шест хит-претстави од 14 до 19 октомври на фестивалот „РУТА Група Триглав“

Драмскиот театар Скопје заедно со пет водечки театри од регионот, мотивирани од силната желба за создавање нови заеднички проекти, копродукции и играње претстави пред публика од целиот регион, ја формираа Регионалната унија на театрите – „РУТА Група Триглав“. Заедно со Драмскиот театар Скопје потписници на протоколот за соработка на Унијата се Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар „Улисис“ од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица. Концептуално фестивалот „РУТА Група Триглав“ се одржува на секои два месеца во еден од шесте театарски центри.
Драмскиот театар е домаќин на десеттата по ред „Рута Група Триглав“ од 14 до 19 октомври.
На сцената на Драмскиот во тек на фестивалската недела македонската публика ќе има можност да види шест репрезентативни и најнаградувани претстави на театрите од регионот.
Свеченото отворање на театарскиот фестивал „Рута Група Триглав“ ќе биде на 14 октомври со Раде Шербеџија и Милан Мариќ (главниот лик во филмот за Тома Здравковиќ) во претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, во режија на Ленка Удовички, според антологискиот текст на Едвард Олби. Претставата е копродукција на театар „Улисис“ и Београдско драмско позориште. Во претставата играат и Катарина Бистровиќ-Дарваш и Вања Ненадиќ.
Београдско драмско позориште настапува на 15 октомври со претставата „Диво месо“.
Извонреден е предизвикот на ансамблот и на режисерот Јагош Марковиќ, претставата по текст на Горан Стефановски да биде изведена во Скопје. Улогите во „Диво месо“ ги толкуваат: Јово Максиќ, Сандра Бугарски, Лука Грбиќ, Марко Тодоровиќ, Александар Вуќковиќ, Андријана Ѓорѓевиќ, Љубинка Клариќ, Вања Ненадиќ, Павле Пекиќ, Стефан Радоњиќ, Милан Ќуќиловиќ, Јана Милосављевиќ и Александар Јовановиќ.
На третата фестивалска вечер публиката ќе има можност да ја види претставата на македонскиот режисер Александар Поповски. Тој своето читање на римскиот поет Овидиј ни го доловува во претставата „Хероини“, во изведба на Месно гледалишче Љубљана.
Улогите им се доверени на: Викторија Бенчик Емершич, Ајда Смрекар, Јудита Зидар, Тања Рибич, Тина Поточник Врховник, Јулита Кропец, Мирјам Корбар, Тјаша Железник, Вероника Железник и Јернеј Гашперин.
На 17 октомври од Црна Гора доаѓа ансамблот на Градско позориште Подгорица со претставата „Коњите убиваат, зар не?“ За оваа претстава на матичната сцена и на сите гостувања се бара билет повеќе поради уникатниот концепт на учество на публиката во претставата. Ограничен број гледачи ја следат претставата сместени на сцената и имаат можност да консумираат вкусна храна и пијалаци слушајќи професионален бенд и актерска изведба на шоу-програма. Режисер на претставата е Кокан Младеновиќ. Улоги: Душан Ковачевиќ, Марија Ѓуриќ, Омар Бајрамспахиќ, Вања Јовиќевиќ, Горан Славиќ, Јелена Симиќ, Дејан Ѓоновиќ, Бранка Фемиќ, Вукан Пејовиќ, Катарина Крек и Жељко Радуновиќ.
Хит-комедијата „Мирна Босна“ во изведба на Камерниот театар 55 од Сараево е на програмата на фестивалот „РУТА Група Триглав“ на 18 октомври. Во претставата две семејства се договараат да почнат нов бизнис. Но, како што вели авторот Борис Лалиќ, во Босна не е лесно да се води чесен бизнис, а уште потешко е чесно да се направи криминална организација, во која преку ноќ ќе се збогатат две семејства. Тогаш настанува вистинска комедија.
Режисер на претставата е Саша Пешевски. Настапуваат: Феѓа Штукан (актерот со забележителни улоги во филмови со холивудската ѕвезда Анџелина Џоли), Гордана Бобан, Ванеса Глоѓо и Давор Голубовиќ.
Свеченото затворање на фестивалот „Рута Група Триглав“ е со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмскиот театар – Скопје на 19 октомври. Режијата е на Зоја Бузалковска, а улогите ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева-Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска-Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вуисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.