Култура
Јоргос Арванитис, лауреатот на „Браќа Манаки“, одржа мастер-клас

Јоргос Арванитис, лауреатот на „Браќа Манаки“, кој вчера пристигна во Битола, одржа мастер-клас. „Кога си млад и ентузијаст, ги преземаш ризиците“, порача мајсторот на европската кинематографија.
Грчкиот кинематографер со култен статус во Европа и светот и со речиси 150 наслови во својата кариера, ужива посебен статус на своевиден родоначалник на арт-филмот во Грција и Европа. Арванитис е роден во едно грчко село во 1941 година, во мрачните денови на Втората светска војна. По разурнувањата во војната, неговото семејство се преселило кај роднини што имале млекарница, па Јоргос како петгодишно дете наутро разнесувал млеко, а попладне одел на училиште. Школувањето го продолжил учејќи за електричар, а првпат отишол во кино на 15-годишна возраст.
Првиот контакт со професионалниот филм му било кога во соседството се снимал некој филм, па Јоргос го замолил кинооператорот од локалното кино да му помогне да работи нешто на сетот. Најмногу бил фасциниран од камерата и вели дека за тогашните деца камерманите биле вистински богови.
„Најдов една црно-бела лента и со помош на две светла го снимив мојот прв филм. Филмот го прикажав во киното и добив понуда да бидам асистент на камера. Следните пет години бев асистент на камера“, се присети Арванитис на својата младешка фасцинација со филмот.
На млада возраст го снимил својот прв филм како снимател, а иако не одел во филмско училиште, го почитувал советот на постариот камерман да гледа и да памети сè на снимањата бидејќи само така може да стекне поголеми знаења.
Пресврт во неговиот живот било кога го сретнал неколку години постариот Тео Ангелопулос, кој во почетокот на 60-тите години се вратил од Франција. Модераторот Масимо Леки забележа дека е необичен спојот на Ангелопулос, кој бил марксистички настроен филмски критичар, и самоукиот кинематографер Арванитис, кој научил сè за камерата снимајќи филмови.
„Заедно со пријателите снимавме некои кратки филмови помагајќи си еден на друг. Еден ден дојде Ангелопулос со негово сценарио. Го прочитав и сфатив дека во него лежи филм. По 33 дена и со четворица актери, од кои само еден беше професионален, го завршивме филмот“, раскажува Арванитис.
Арванитис потенцира дека во пионерските денови на неговата кариера бил голем ентузијаст и ги презел ризиците. Леки, пак, забележа дека уште во првите заеднички дела на Арванитис и Ангелопулос се гледаат пејзажите од Грција, кои ќе бидат доминантни во целиот опус на Ангелопулос.
„Имав проблем со Ангелопулос бидејќи тој во неговите филмови постојано ја избираше истата локација – Воден (Лерин)“, вели Арванитис.
Пресвртна точка во интернационализирање на нивните кариери е филмот „Пејзажи во магла“ од 1980 година, а нивниот последен заеднички филм е „Вечност и еден ден“ од 1998 година. Тој филм беше овенчан со „Златна палма“ во Кан.
Веќе вториот заеднички филм „Деновите од 1936“ е снимен во боја. Во тој период Арванитис бил вработен во едно филмско студио, а секој ден во попладневните и вечерните часови работел со Ангелопулос. Од филтрите што отпаѓале поради неадекватната боја во процесот на снимање филмови во студиото, со Ангелопулос го снимиле нивниот втор филм. Кога требало да снима комедија, Арванитис си дал отказ и ја продолжил кариерата како слободен уметник. Другото е подобриот дел на историјата на грчкиот и европскиот филм од 60-тите години до денес.
Во тој период со Грција владеела воената хунта, па Арванитис раскажуваше анегдоти како ја избегнувале цензурата за левичарските арт-филмови што ги снимале со Ангелопулос.
Раскажувајќи за своето професорско искуство на филмската академија „Фемис“ во Париз, Арванитис потенцира дека може да се направи добра сцена со малку светло и многу организација.
Тоа е и неговото кредо. Арванитис потсети на значењето на зборот фотографија, кој значи пишување со светлина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Проекција на филм по повод Меѓународниот ден на човековите права – почеток на фестивалот „Movies that Мatter”

По повод Меѓународниот ден на човековите права, на 10-ти декември ќе се одржи првата од низа проекции на овогодишното издание на филмскиот фестивал „Movies that Мatter”, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Амбасадата на Кралството Холандија.
Проекцијата ќе започне во 19 часот, во социјалниот клуб Комитет (катна гаража Беко).
Поаѓајќи од тоа дека документариот филм е одличен медиум за да ги прикаже и доближи состојбите и прекршувањата на човековите права, како и борбата за права во различни делови на светот, во вторник ќе биде прикажан филмот ,,Layla, M.’’, на режисерката Mijke de Jong.
Станува збор за приказната на Лејла, млада холанѓанка со мароканско потекло, која се соочува со исламофобија додека живее во Амстердам и се мажи за млад човек кого го запознава на интернет.
Филмот е со превод на македонски јазик.
Култура
Две престижни признанија за документарецот „Медена земја“ во Лос Анџелес

Документарецот „Медена земја“ освои две престижни признанија на 35. Интернационални документарни награди (ИДА), што се одржаа вчеравечер (7. декември) во студијата на „Парамаунт“ во Лос Анџелес.
На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм, кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација) режисерот Љубо Стефанов и снимателот Фејми Даут ги примија призанието „Паре Лоренц“ и наградата за најдобра кинематографија.
Наградата „Паре Лоренц“ на ИДА се доделува за пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривање на социјални проблеми.
Македонскиот документарец беше номиниран во уште две категории: за најдобар филм и за режија.
Вчеравечер во Берлин, Германија, пак, се одржа и свеченото доделување на „Европските филмски награди“, кои ги организира Европската филмска академија. „Медена земја“ беше номиниран во категоријата за најдобар европски документарец за 2019 година.
Во меѓувреме нашиот документарец доби уште неколку номинации и признанија на престижни интернационални филмски фестивали.
„Медена земја“ е македонски кандидат за „Оскар“ за најдобар интернационален филм. Номинациите за „Оскар“ ќе бидат соопштени на 13. јануари 2020 година.
Култура
Второ издание на поетската манифестација „Антево слово“

На 10 декември, со почеток во 19 часот, во спомен-собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Ѓорче Петров, ќе се одржат второто издание и официјалното доделување на наградите „Антево слово“, кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски – „Антево слово“.
Наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација, која се одржува секоја година во градот Каникати на Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид што се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.
Првата награда ја доби еминентната македонска професорка и писателка, академик Катица Ќулавкова, втората награда ја доби Ѕвонко Танески, а третата награда ја делат Ранија Орфанакоу од Грција и Александра Велинова. Како дел од оваа поетска манифестација се и специјалните награди, кои годинава одат кај Александар Наумоски, Наташа Сарџоска и Филип Фиданоски. На манифестацијата ќе настапат повеќе поети учесници и гости, а предвидено е да има и музичка програма.
По објавениот повик за испраќање песна по слободен избор за учество на вториот меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“, се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија со своите дела.
Жирито во кое членуваат претставници од семејството на дојаенот на македонската поезија, Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната/литературната област во Македонија и организаторот на меѓународниот фестивал „Анџело Ла Векија“, односно: Томислав Османли, Геро Ла Векија, Митко Гогов, Александар Поповски и Жорж Поповски, одлучија да ги номинираат сите триесетина автори, а со тоа и да ги застапат сите оние што беа претходно објавени на страната на меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“.
Песната „ Eпистулa до Јулија, ќерката на Октавијан“ на проф. Катица Ќулавкова е компаративна поетска лирика, која освен што нуди историографско патување, доловува емоционален авторски бран, кој ги текстуализира и истражува основните битови прашања на постоењето. Таа умешно и со доза нежност ги обмислува преку поетскиот глас исконските, суштински догледи, еманципирачки и со длабок вознес.
Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“ е создаден со цел да се прослават и овековечат преку „Возвишена поезија“ духот, душата, суштината и есенцијата на животот во Каникатската секуларна академија на Парнас. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.
„Во апстрактниот простор – време што се приближува неверојатно до сите луѓе без најмала разлика не само на пол, вера, националност, возраст, но, исто така и во своето постоење и непостоење, поезијата успева да биде ’медиум’ во ’континуитет’ помеѓу земјата и небото, помеѓу телото и душата, меѓу прагматизмот и утопијата. Целта на овој конкурс е да се шири културата на чувства, емоции, страсти, знаење во текот на целиот живот и реализирање на ’експресивната слобода’ која е од суштинско значење и привилегија за секој современ општествено ангажиран човек“, изјави Митко Гогов од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кој во соработка со семејството на Анте Поповски и меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ ја востанови оваа награда.
Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда што е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат на Сицилија и на територијата на Италија со својата работа како поет, драмски писател, историчар и професор, и наградата „Антево слово“, која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги2 месеци
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Култура1 месец
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци