Култура
„Љубовната соба“ во официјална селекција на фестивалот „Искија“ во Италија
Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, продукцијата „Сузи Кју“ и „Аворд филм и видео“, е избран во официјалната селекција на глобалниот филмски и музички фестивал „Искија“, на истоимениот остров Искија во Италија, што се одржува од 9 до 16 јули 2023.
21. издание на глобалниот филмски и музички фестивал „Искија“ е еден од најпопуларните и најпосетуван летен филмски настан во светот со италијански и меѓународни проекции, на кои присуствуваат реномирани професионалци од филмската индустрија, како и некои од најпознатите имиња од глобалната филмска сцена. Со него свечено ќе претседава режисерот Џим Шеридан, продуцентот и активист Труди Стајлер и пејачот и текстописецот Тони Ренис, сите долгогодишни ветерани на фестивалот.
Се очекува во текот на седумдневниот фестивал да има проекции на речиси двесте филмски наслови, да се одржат многубројни тематски панели и симпозиуми, како и мастер-класи. Годинешниот добитник на „Оскар“ за најдобар актер, Брендан Фрејзер, ќе биде присутен на фестивалот, каде што ќе биде одликуван како глобален актер на годината. Како новина, оваа година фестивалот во Искија во соработка со „Мајмувис“, најважната веб-страница за стриминг на филмови во Италија, со над 500.000 корисници дневно, ја воведува можноста за истовремени дигитални проекции на сите филмови симулирајќи ги кината. Оваа веб-платформа, која постои од 2010 година, од 2015 година е и официјална платформа за стриминг на филмови на Венецискиот филмски фестивал и филмскиот фестивал во Локарно.
Документарниот филм „Љубовната соба“ на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни, во кој главни протагонисти се двете млади жени, чии сопрузи се на издржување затворска казна во КПД „Идризово“. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства преку призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – „Идризово“ и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (продукција „Сузи Кју“), извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во копродукција со „Аворд филм и видео“. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филмот е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревск, и тонски дизајнер е Игор Поповски.
„Љубовната соба“ во периодот од 23 март до 2 април 2023 година имаше светска премиера на филмскиот фестивал „Феникс“ во Аризона, САД (каде што филмот имаше три проекции) во категоријата светски долгометражни филмови и европска премиера на „Загреб докс“, во Загреб, Хрватска (со две проекции), во регионална конкуренција. Беше прикажан на 22 мај 2023 година во Њујорк во официјална селекција на филмскиот фестивал „Биг епл филм фестивал“, во познатото кино „Синема вилиџ“, кое е едно од најстарите независни кина во уметничкиот дел на Њујорк, познат како Гринич Вилиџ, каде што „Љубовната соба“ беше номиниран за награда.
По глобалниот фестивал во Искија, најавено е учество на меѓународниот документарен фестивал „Пелопонисос“, во Каламата, Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.

