Култура
„Ќерки на прашината” на Џули Даш вечерва во Битола, Скопје и Струмица

По повод „Месецот на црнечката историја во САД“, вечерва во 19 часот, Амбасадата на САД во Скопје и Филмската програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ на Тиииит! Инк. – Скопје, во соработка со локалните партнери, организираат симултана проекција на филмот „Ќерки на прашината” на Џули Даш (САД, 1991) во Битола, Скопје и Струмица.
Во Битола, проекцијата ќе се реализира во малата сала на Центарот за култура, во Струмица во Музеј – Струмица, додека во Скопје филмот ќе биде прикажан во Кино Фросина, во Младинскиот Културен Центар.
Визуелно фасцинантното импресионистичко дело на Џули Даш од 1991 година е првиот американски игран филм во режија на Афроамериканка што имал широка кино дистрибуција, а Џули Даш е единствената Афроамериканка чиј игран филм е дел од Националниот филмски регистар на САД. Ова исторски значајно и наградувано дело продолжува да инспирира – албумот „Лимонада“ (Lemonade) на Бијонсе (Beyoncé) е омаж на „Ќерки на прашината”.
„Ќерки на прашината“ е важен филм поради неколку причини: истовремено се спротивставува на линеарното читање на историјата, но и на линеарните структури и форми во филмот, што се историографски поврзани со доминантниот канон на Холивуд. Џули Даш е авторка која е дел од „Одметниците од Ел Еј“ (L.A. Rebellion), група на африкански и афроамерикански филмски автори и авторки со утописки визии и родова чувствителност, кои отворено и храбро ги преиспитуваат сите воспоставени матрици и мудрости, и се идентификуваат со движењата за ослободување во Третиот свет, отворено инсистирајќи на црнечкото. За нас, црнечките слики не се само начин на поставување на црнечкиот американски наратив од маргините кон центарот, туку и на сите други алтернативни наративи: женското, анти-колонијалното, другото,” изјави кураторката Кумјана Новакова.
„И покрај различните мерки и програми за диверзификација на културната сцена, сведоци сме на парадоксална фестивализација и централизација на културата, без систематски, долгорочен план и програма за развој на секторот. Во однос на ова, секој проект од областа на културата и уметноста што обединува различни актери, и што ја отвора и поврзува културната сцена на Македонија, позитивно влијае врз развојот на културата. Тоа е најважната причина зошто се одлучивме филмската програма посветена на различните наративи и другоста да биде претставена паралелно во Битола, Скопје и Струмица. Ова е почеток на нашата определба во иднина програмата на „ПРВО ПА ЖЕНСКО“ да се реализира и надвор од Скопје, во соработка со локалните заедници и институции.“ изјавија од Тиииит! Инк.
Кураторка на настанот, како и на филмската програма, на Фестивалот „ПРВО ПА ЖЕНСКО“ е Кумјана Новакова. Визуелниот идентитет и дизајн е на Елена Диновска – Зарапчиев.
Настанот се организира согласно државните протоколи за организирање настани во услови на актуелната Ковид-19 пандемија.
Согласни истите, за проекцијата во Кино Фросина во Скопје Ве молиме да си подигнете бесплатен билет онлајн или на билетарата на МКЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.