Култура
Балкански фестивал на народни песни и игри
Балканскиот фестивал на народни песни и игри во организација на Националната установа Центар за култура ,,Григор Прличев”- Охрид, од 5 до 8 јули 2019 година година ќе го одбележи 58. реномирано издание како најстара фолклорна манифестација на Балканот на која се афирмираат културните достоинства на народите.
Програмските придобивки, квалитетот на презентацијата на фолклорниот материјал и можноста тој да биде отворена сцена за кумуникација на културите на народите придонесе овој фестивал да биде застапен во каталогот на ИОВ и ЦИОФФ на најзначајни фолкорни манифестации во светот.
Покровител на фестивалот е Собранието. Организирањето на фестивалот е овозможено со материјална помош на Министерството за култура на Република Северна Македонија и пријателите на фестивалот. Во рамките на фестивалот се одржуваат и изложби кои секогаш биле блиски на ориентацијата на фестивалот.
Свеченото отворање на фестивалот е на 05.07.2019 година (петок) во терминот од 20:30 часот на сцената во Долни Сарај, со програмата на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија ,,ТАНЕЦ”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книгата „Милчо за Манчевски“ и проекција на „Прашина“ во Кинотека
Во среда на 22 јануари во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски.
„Книгата претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на Милчо Манчевски, еден од нашите најнаградувани и во светски рамки најреномирани македонски филмски автори – почнувајќи од деновите на неговата младост поминати во родното Скопје па до денес – раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, педагошката дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите итн. – и сето тоа надополнето со исцрпна анализа на начинот на продукција, условите за работа, реализацијата, соработниците, режисерската експликација и филмолошката анализа, дистрибуцијата, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филмови и сите останати кусометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност“, пишува во предговорот Чупоски.
Промотори на изданието се проф. д-р Славица Србиновска, м-р Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и филмскиот критичар Златко Ѓелески.
По промоцијата, во 20 часот ќе се одржи проекција на филмот „Прашина“, кој во 2001 година имаше чест да го отвори фестивалот во Венеција.
Култура
Премиера на претставата „Народен пратеник“ во рамките на јубилејот 80 години МНТ
Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар, на 25 јануари со почеток во 20:00 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).
Во претставата игра внимателно одбрана и веќе докажана актерска екипа: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ.
Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.
Првата реприза е закажана за 30 јануари, а билетите за истата се веќе распродадени.
Култура
Цуцковски: Заедно со новите селектори ќе создадеме врвна уметничката програма на Охридско лето
Симона Ѓорчева, музички менаџер и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и драмскиот дел од програмата на НУ „Охридско лето“.
Директорот Ѓорѓи Цуцковски најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма. Вели дека ќе се залага да се искористи високиот уметнички кадар од Европа а ангажманот на Симона Ѓорчева во Македонија е прв пример за тоа. Според него нејзиниот придонес ќе биде од огромно значење во создавањето на една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековна традиција на Фестивалот.
„Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесиме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика“, вели Цуцковски.
Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.
Годинава од 12 јули до 20 август ќе се одржи 65 фестивалско издание на „Охридско лето“.