Култура
„Бела ноќ“ утре на 13 локации низ Скопје

Оваа сабота се организира „Бела ноќ“ по 17. пат, а граѓаните ќе имаат можност да уживаат во културно-забавната програма на 13 локации низ Скопје.
Скопје и скопјани ќе имаат можност повторно да бидат дел на едно уникатно културно доживување на веќе традиционална „Бела ноќ“.
Многубројните уметници што ќе им се претстават на граѓаните со концерти, изложби, кинопроекции и други културни перформанси на 13 локации ќе го претворат Скопје во центар на културните случувања во државата.
Поради состојбата со пандемијата со Ковид-19, „Бела ноќ“ и годинава, како и минатата година, се одржува една недела порано од предвиденото.
Официјалната програма на „Бела ноќ“ ќе почне утре, 25 септември, сабота, во 19 часот и ќе трае сè до полноќ, а поради состојбата со коронавирусот, работното време на локалите ќе остане исто, односно нема да работат во текот на целата ноќ.
Сите настани ќе се одвиваат според протоколите предвидени од Министерството за здравство, на сите локации ќе биде поставена редарска служба и при влез во локацијата посетителите ќе треба да покажат потврда за вакцинација.
Повеќе детали околу програмата може да најдете на следниот ЛИНК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложбата по повод 45 години од основањето на ФЛУ – Скопје ќе биде отворена до 16 мај

Факултетот за ликовни уметности – Скопје информира дека ревијалната изложба поставена во Музејот на современата уметност, по повод 45-годишнината од основањето на факултетот, останува отворена за посетителите до 16 мај (четврток), 2025 година.
Изложбата, која беше отворена на 3 април, во рамките на централниот настан за одбележување на 45-годишниот јубилеј на ФЛУ, претставува резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу Факултетот за ликовни уметности и Музејот на современата уметност, со цел да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
Изложбата прикажува избор на 45 дела од 45 автори, од колекцијата на МСУ, како и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ, почнувајќи од неговото основање до денес. Преку внимателно селектирани дела и архивски материјали, изложбата нуди ретроспективен поглед врз речиси половина век дејствување на ФЛУ како носител на ликовното образование и уметничка мисла во земјата.
Овој избор има за цел да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле. Таа е и можност за новите генерации да се запознаат со историјата на институцијата, но и со нејзината улога во обликување на иднината на уметноста кај нас.
Култура
Објавени наградите за меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”

Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје денес ги соопшти наградите и признанијата за Меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”.
Фестивалот е традиционален и годинава ќе се одржи на 15 мај, со почеток во 12 часот, во Културниот центар „Феникс” во Скопје.
Како и минатата година, и годинава ќе бидат доделени вкупно седум награди и признанија и тоа: „Балкански книжевни видици” на писателот Селимир Радуловиќ (Нови Сад) – за меѓународни книжевни вредности и релации; „Отворен круг” на писателот Стефан Марковски – за иновации и експерименти во книжевноста; „Премостувања” на писателот Шаип Емерлаху – за презентација и афирмација на македонското литературно творештво на Фестивалот „Денови на Наим Фрашери” во Тетово; „Хаикин“ на писателката Елена Пренџова – за посебен придонес во Хаику поезијата; „Литературни координати” на писателката Роза Бојанова (Бугарија) – за соработка и доближување на литературите; „Македонски корени” на писателот Ивица Челиковиќ (Шведска) – за неговото литературно и преведувачко творештво и „Големиот Принц” на писателот Мито Спасевски – за придонесот на планот на литературата за деца и млади.
Култура
„Ода на радоста“ – музичка посвета за Денот на Европа од Пламенка Трајковска

По повод 9 Мај – Денот на Европа, македонската виолинистка Пламенка Трајковска потсетува на синглот „Ода на радоста“, инспириран од универзалните европски вредности на мир, заедништво и културна поврзаност.
Во духот на Бетовеновата музика и европското мото „Обединети во различноста“, оваа изведба не е само звучна интерпретација, туку порака на надеж и заедништво во време кога светот повеќе од кога било има потреба од сплотеност.
„Нека музиката не потсети дека Европа не е само географија – тоа се вредности што ги споделуваме и негуваме секојдневно“, вели Трајковска, која со години го поврзува класичниот израз со современ културен ангажман.