Култура
„Бизнисот на Задоволството“ на Гоце Цветановски со награда за најдобар филм во Тоскана
Италијанската полиција на свечена церемонија во Тоскана му ја врачи наградата за најдобар филм на „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски, во рамките на фестивалот „Интернешнал Полис Артс Авардс Фестивал“. (International Police Arts Awards Festival – IPAAF).
Се работи за престижна културна манифестација во Италија, каде што полицијата веќе 27 години наградува уметници во областа на филмот, музиката, сликарството, литературата, театарот, телевизијата. Лауреати на овој фестивал биле артисти од рангот на Енио Мориконе, Андреј Кончаловски, Абел Ферара, Никита Микалков, Виторио Стораро, Џина Лолобриџида, Мет Дилон, Колин Фирт.
Фестивалот традиционално се одржа во октомври, но поради неможноста на Цветановски тогаш да присуствува, викендов во Монте Сан Савино му беше доделено високото признание за најдобар филм, како и бронзена статуетка – реплика на Кимерата на Арецо.
„Имавме прекрасни два дена во живописното Монте Сан Савино и ви благодарам за гостопримливоста. Во мојот развој како филмски автор учев од италијанските мајстори на уметноста како што се Фелини, Серџо Леоне, Торнаторе… Среќен сум што оваа награда доаѓа токму од полицијата којашто има благородна задача да ги штити граѓаните. Во филмот се прикажани многу неправди, но ние како луѓе имаме потреба да веруваме дека правдата ќе победи“, рече Цветановски пред присустните гости на свеченоста.
Организаторот и основач на фестивалот, Орацио Ананиа, речиси три децении ја афирмира уметноста од целиот свет, доближувајќи ја до полицијата и населението во Тоскана – регион кој, освен по вкусната храна и доброто вино, е светски познат и по својата богата културна историја.
„’Бизнисот на задоволството’ обработува актуелна тема во која драмата се испреплетува меѓу реалноста и надреалноста, и го држи гледачот во неизвесност до самиот крај. Одличната музичка подлога придонесува за хармонијата меѓу сликата и звукот во раскажувањето на приказната“, рече Орацио Ананиа кој му ја врачи нагрaдата на Цветановски и го покани и на следното издание на фестивалот.
На настанот беше отворена и изложба на фотографии на познатиот италијански автор Макс Анџелони, промовирана книга-есеј на Доменико Палатеља за творештвото на режисерот Франко Зефирели, a беше изложена и слика на Дариа Федотова од Молдавија. Присуствуваа и реномираниот филмски критичар, Игнацио Сенаторе, како и ѕвездата на италијанската висока мода – дизајнерот Давидe Мучинели.
Ова е седма награда за „Бизнисот на задоволството“ на филмските фестивали низ светот и прва во Италија. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.
*За статуетката: Кимерата на Арецо е митолошко чудовиште со тело на лав, на грбот има глава на јарец, а опашката е во форма на змија. Оригиналната статуа е создадена во 400 п.н.е, а откриена е во 1553 година и се смета за ремек дело на Етрусканската уметност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.