Култура
„Битола отворен град“ од 3 до 5 септември

Деветнаесеттото издание на фестивалот „Битола отворен град“ ќе се одржи од 3 до 5 септември. Во рамките на фестивалот ќе има разни изложби, промоции и концерти на македонски уметници.
В четврток, 3 септември, од 12 часот, во КЦ „Магаза“, ќе се одржи изложбата Coolest Dead People на Кристина Карапеоска, потоа во 20 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Македонска дискографија – винили (1958-2019)“, прв том на Тошо Филиповски и Македонската музика од винили со DJ Chiko.
Во петок, 4 септември, на знтичкиот театар „Хераклеја“, од 21 часот, ќе се одржи концерт на Pluto’s Doubts, „Фолтин“ и „Суперхикс“, а в сабота на 5 септември во музејот „Пацио“ од 21 часот се закажани концерти на Вел, Mooger Fooger и Горан Трајкоски.
„На сите настани задолжително е почитување на протоколите за заштита од Ковид-19, мерење температура при влез, носење маска, дезинфекција на рацете и држење физичка дистанца. Организаторот го задржува правото да ги отстрани посетителите што нема да ги почитуваат здравствените протоколи“, се наведува во најавата за настанот.
Задолжителна е онлајн-регистрација за добивање бесплатен билет за концертите со строго дефиниран број посетители (на објавената програма на интернет-страницата на МКЦ има детали на која локација, колкав број публика ќе може да присуствува).
Оваа година фестивалот „Битола отворен град“ е поддржан од Министерство за култура како проект од национален интерес во културата во 2020 година и од Општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Камерниот ансамбл „Консонанс“ настапи на „Охридско лето“

Камерниот ансамбл „Консонанс“ со концертот „Мозаик“ вчеравечер се претстави пред публиката на фестивалот „Охридско лето“.
Извонредните уметници, флејтистката Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ која свири на англиски рог, кларинетистот Здравко Ангелов, Сашо Темелковски на бас-кларинет и Дарко Илиевски на хармоника кои се и професионални музичари во Македонската филхармонија, ја збогатија фестивалската програма на класична музика со дела напишани од македонски композитори.
Концертната вечер започна со „Минијатури“ од Благој Цанев, припадник на четвртата генерација македонски композитори.
-Ова е посебно дело што сакам да го потенцирам бидејќи токму на вчерашниот концерт доживеа премиерна изведба во оваа верзија и за овој ансамбл. Композицијата „Минијатури“ е дело од македонскиот композитор Благој Цанев којшто почина пред пет години и оваа година, ние, на овој начин, јубилејно ја одбележуваме петгодишнината од неговата смрт изведувајќи го ова дело во овој состав. Инаку, аранжманот за овој состав го направи неговиот внук, Филип Иванов, којшто е исто така композитор, вели Маја Чанаќевиќ.
Второто дело што го изведоа уметниците од Консонанс ансамбл „Мозаик“ е посветено и напишано токму за овој состав од Филип Иванов, кој припаѓа на најмладата генерација македонски композитори. На концертниот репертоар беа уште неколку композиции од композиторот Дарко Илиевски кого публиката во црквата „Света Софија“имаше можност да го види со својата хармоника како дел од овој ансамбл.
-Дарко Илиевски свири хармоника, но е и композитор кој пишува прекрасна музика што се базира на македонскиот фолклор. Тоа не се аранжмани на македонски фолклор, туку комплетно нови композиции кои само се инспирирани од македонскиот фолклор, појаснува Чанаќевиќ.
Според неа, „Охридско лето“ преку застапеноста на македонските музичари и композитори на фестивалската програма покажува дека негува посебен однос и почит кон македонското музичко творештво.
-Фестивалот „Охридско лето“ за нас музичарите во Македонија претставува врвот на нашата кариера. Настапот на „Охридско лето“ и со Македонската филхармонија се врвот којшто може да го достигнеме во нашата држава и сме навистина пресреќни поради тоа што директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски и селекторката Симона Ѓорчева годинава ни ја дадоа можноста и нè поканија да учествуваме на 65-издание на „Охридско лето“. Со тоа, тие покажуваат посебен однос и почит кон македонското музичко творештво, значи, не само кон македонските музичари, туку и кон македонското музичко творештво бидејќи на нашиот концерт беа изведени дела исклучиво од македонски композитори, додава Чанаќевиќ.
„Консонанс“, основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на своите почетоци беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денес во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој состав. Музичарите од ансамблот, кои имаат долгогодишно искуство, подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.
Култура
Фестивалот „Културен амалгам“ почна во Скопје, а вечерва продолжува во Крива Паланка

Првата вечер од второто издание на фестивалот „Културен амалгам“ започна во Културно информативен центар – Скопје на 15 јули со впечатлив настан во Скопје, обединувајќи фотографија, документаристика и уметнички експеримент во еден културен мозаик. Публиката во КИЦ Скопје имаше ретка можност да ја проследи изложбата „ФотоСинтеза“, која претстави над 40 автори од Романија специјализирани за алтернативни фотографски техники како цијанотипија, вандајк и гум-бихромат. Делата беа силно поетични, но и технички прецизни, нудејќи свежа перспектива на историските процеси во современ контекст.
Веднаш потоа, беше прикажан документарниот филм „Манaки – Приказна во слики“, режиран од Роберт Јанкулоски, кој со внимателно истражена нарација и автентични фотографии нè врати во времето на првите балкански кинематографери, преку факти кој ретко кој ги знаел. Филмот остави силен печат врз публиката со својот достоинствен пристап кон културното наследство, давајќи историски контекст на приказната.
Со ова, фестивалот започна како што и најави: со јасна визија, културна длабочина и отвореност кон интердисциплинарна уметност.
Вечерва Крива Паланка станува нова станица на патувачкиот фестивал „Културен амалгам 2025“. Во просториите на Градскиот музеј, од 20 часот, публиката ќе има можност да ја проследи ревијалната изложба „ФотоСинтеза“, која прикажува редок избор на алтернативна фотографија од фотоклубот „Ирис“. Техники како цијанотипија, гумоил и вандајк ќе бидат изложени преку дела на над 40 автори, кои го оживуваат минатото со современа чувствителност.
По изложбата ќе следува и проекција на документарниот филм „Манаки – прикзна во слики“, посветен на животот и делото на пионерите на балканската фотографија – браќата Манаки.
Настанот е бесплатен и отворен за сите љубители на уметноста, културата и фотографијата.
Следна станица на естивалот е Куманово на седми август во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Со овие активности Културно-информативниот центар – Скопје настојува да поттикне децентрализација на културата во Македонија и да воспостави трајна соработка меѓу културните институции низ земјата.
Целта е да се заживеат локалните простори преку изложби, проекции, работилници и трибини, како и да се создадат нови услови за самоорганизирано културно делување. Годинешната тема е фотографијата, со фокус на нејзиниот историски развој и алтернативни техники кои повторно стануваат актуелни. Проектот има и амбиција да се прошири на регионално и меѓународно ниво.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Култура
14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Под мотото „Театарот го менува светот“ од 3 до 7 август во НУ Центар за култура – Битола ќе се одржи 14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.
Во традиционалниот термин на две сцени во Центарот за култура ќе се одиграат десет претстави. А покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот оваа година подготви богата придружна програма.
Шест претстави од Грузија, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Македонија ќе се натпреваруваат за фестивалското Гран-при за најдобра претстава во целина. Дел од програмата се театрите „Нодар Думбадзе“ и „Пиро Ќеци“, национални установи од Грузија и Албанија. А ни доаѓаат и признатите независни продукции: „Колибри“ од Унгарија и „Мала сцена“ од Хрватска кои важат за најстари и водечки театри за деца во своите земји. На програмата е и куклениот театар „Сенџу“ од Бугарија кои ни носат јапонски куклен театар по методот на Такеда а за прв пат на „Битолино“ ќе учествува и Театарот „Сенки и облаци“ од Скопје.
„Нашите сцени се место каде што детската насмевка, фантазијата и искрените емоции се во центарот на вниманието. Преку театарот ние не само што раскажуваме приказни, туку и ги воспитуваме идните генерации – во духот на емпатија, разбирање и љубов кон уметноста. Срдечно им се заблагодарувам на сите театари од целиот свет кој изразија интерес да учествуваат. А особено – на децата, нашата верна публика изминатите тринаесет години кои се срцето на сè што правиме.“ – истакна Филип Етмишовски, директор на Бабец театар и Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.
Во годината кога Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, кој важи за носечка платформа за театарските аматери, е оправдано одложен. „Битолино“ одлучи да ја отстапи својата сцена на аматерските театри и театарски школи од земјата. Оваа година во придружната програма ќе бидат Театар Чекори од Скопје и Театарот при ЈОУ Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци. Фестивалот ќе го отвори и затвори Театарската школа „Бабец“ со претставите „Зборови“ и „Аудиција“. Токму со премиерата на младинската постановка на „Аудиција“ по текст на Александар Галин, Бабец театар ќе го одбележи и својот јубилеен 15. роденден.
Во придружната фестивалска програма е и дводневна театарска работилница за куклен театар „Светот на куклите“ со бугарската режисерка и актерка Ефимиа Павлова. Токму директорката на Државниот куклен театар во Сливен, Бугарија ќе биде претседател на фестивалското жири. Останатите два члена се македонските актери со интернационална театарска, филмска и телевизиска кариера: Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.
Фестивалот е поддржан како проект од национален интерес во рамки на Годишната програма на Министерстовото за култура и туризам на Македонија, Годишната програма за култура на Општина Битола а генерален спонзор е Комерцијална банка АД Скопје.