Култура
Вечерва во МКЦ се отвора „Македонска глаголица. Македонска кирилица“ – изложба на Лазе Трипков и Ласко Џуровски

„Македонска глаголица. Македонска кирилица“ е изложба на авторите Лазе Трипков и Ласко Џуровски, која се осврнува кон најзначајните столбови на македонскиот јазик и култура – глаголицата и кирилицата. Изложбата претставува празник, чествување на глаголицата и кирилицата. Првата – запретана во нашето далечно средновековие под бедемите на древниот Охрид, другата – жива, еластична, разиграна, готова да ги прегрне предизвиците на новото време.
Авторскиот проект на Лазе Трипков, „Македонска глаголица“, е модерна интерпретација на глаголицата. Преку визуелен и графички обликуван концепт тој има цел да ѝ ги приближи на публиката функцијата и значењето на глаголицата, како и моќта на гласот сочинет во знакот како еден колективен ликовен систем на изразување и идентификација на Словените. Овој негов проект нуди една поинаква визија за глаголицата, при што ја задржува нејзината образовна функционална форма и нè потсетува на големината на едно од најзначајните културни богатства на Македонија. Глаголицата за нас е артефакт и културолошки споменик од средновековна Македонија, која преку овој проект му пркоси на забот на времето. Оваа азбука стамено и гордо стои исправено пред сите предизвици што доаѓаат однадвор во македонското современо живеење, во кое, за жал, вистинските вредности често го губат своето суштинско значење.
Проектот „Македонска кирилица“ од Ласко Џуровски, претставен овде преку симболичната синтагма ‘По стапките на Кирил и Методиј’ (правилно)/ ‘По сmаnкиmе на Кирил и Меmо∂иј’ (неправилно) – првоучителите, кои иако сесловенски и заеднички за сите Словени, со децении се присвојувани од страна на нашиот источен сосед – треба да ни укаже на проблемите и грешките што се појавуваат кај поголем број нестандардни фонтови при испишување определени букви од македонската кирилица во италик. Овој избор на букви треба да ни посочи барем дел од проблемите и стапиците во кои паѓа македонската кирилица во услови на опкруженост од кирилските азбуки на другите словенски национални јазици. Авторот на овој дел од изложбата, г. Ласко Џуровски, го има решението, но не и моќта за нејзино институционално решавање. Оттука и неговата, но и наша потреба, за свртување на вниманието на јавноста и на соодветните национални институции кон решавањето на овој проблем со кој се соочуваме сите Македонци и корисници на македонската кирилица во модерната дигитална ера.
Изложбата е авторски проект на Лазе Трипков и Ласко Џуровски, со поддршка на МКЦ како дел од официјалната програма за прослава на 50-годишнината од своето постоење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.
Култура
Фестивалот Credence Dance почнува на 16 јуни

Третото издание на фестивалот Credence Dance започнува на 16 јуни, а ќе трае до 21 јуни со програма конципирана тематски, Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц.
Фестивалот оваа година има и дополнителна програма која ќе се состои од работилници и трибини. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда,“„Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други.
Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно ќе бидат изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз и Јована Петровска кој кореографите наменски ги подготвија за фестивалот.
Овогодинешниот Credence Dance фестивал ќе понуди ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Велија Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена.
Во рамки на фестивалот традиционално ќе биде врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Настанот се одржува во Националата опера и балет.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје. Влезот е слободен.
Култура
Во Москва излезе „Пиреj“ од Петре М. Андреевски

Романот „Пиреj“ излезе од печат во Москва на инициjатива на Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа го преведе уште во 2008 година, го обjави издавачката куќа „Феникс“, Скопjе. Како што обjаснува Панкина, романот на руски веднаш предизвика интерес каj публиката, но сепак книгата не можеше да допре до широк круг рускоjазични читатели. Сметаjќи го романот на основоположникот на современата македонска проза Петре М. Андреевски за ремек дело, таа си постави за задача да го преобjави во Москва.
Оваа година идеjата jа поддржа Центарот за книга „Рудомино“ со коj Олга Панкина плодно соработува веќе петнаесет години (Центарот за книга има обjавено творби на над 20 македонски автори).
Ова издание на „Пиреj“ е многу квалитетно (368 страни, тврд повез) и изгледа современо. На корицата има фрагмент од сликата „Стара куќа“ на Олга Панкина. Блескав предговор за книгата напиша Венко Андоновски, коj даде за руска читателска публика основни информации за историјата која е заднина на личната драма на едно македонско семејство од почетокот на ХХ век, семејството на Јон и Велика, jа подвлече актуелноста на романот и го нарече како најголем македонски бестселер на сите времиња.
Тукушто обjавениот роман веќе заживее своj книжевен живот – почна да стекнува читатели. Минатата недела, од 3 до 7 jуни, беше презентиран на Саемот на книга на Црвениот плоштад во Москва на штандот на издавачот Центар за книга „Рудомино“.