Култура
Вечерва завршува 22. издание на „Скопје филм фестивал“
Со проекции на три филма во киното „Фросина“: „Божја љубов“, британскиот „Реј и Лиз“ и „Хотел Мумбаи“ и уште три во Кинотеката, меѓу кои последниот од ретроспективата на Мето Јовановски, „Куќа покрај пругата“ и „Ел Пепе, еден возвишен живот“, вечерва завршува 22. издание на „Скопје филм фестивал“.
И на ова успешно издание на публиката ѝ донесе богата и разновидна програма: повеќе од 50 нови филма, од кои голем број биле дел од големите светски фестивали или го свртеле вниманието на критиката со иновативниот израз и авторски пристап. Тие беа распоредени во програмите „Фокус на француски филм“, „Гала-проекции“, „Програма на европски филм“, „Панорама на светски филм“, „Денови на квир кино“, „Кратки филмови“, „Документарни филмови“, „Македонска продукција“, како и „Омаж на големиот македонски актер“, „Мето Јовановски“, потоа две работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии. Селектори на програмите се Татјана Јаневска, Навид Сарем, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров.
Годинава фестивалот свечено се отвори со македонска и светска премиера на „Втора шанса“, долгометражниот првенец на режисерката Марија Џиџева, а се одржаа и две премиери на кратките македнски филмови – „Запирка“ во режија на Сезер Салихи и новиот краток филм на Ана Јакимска, „Неонски срца“
Ретроспективата во чест на големиот Мето Јовановски се одржуваше во Кинотеката на Северна Македонија и во рамките на оваа програма беа прикажани осум филма, меѓу кои култниот „Тетовирање“ (1991) и поновиот „Пресуда“ (2014) на режисерот Стефан Командарев.
Од минатата година „Скопје филм фестивал“ почна со реализација на програмата „Денови на квир-кино“, а продолжи и на ова издание. Во нејзини рамки се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност фестивалот прави обид да отвори теми што извираат од квир-културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.
Во рамките на годинешното издание на Скопскиот филмски фестивал, во организација на „Креативна Европа медија деск Македонија“ и во соработка со Агенцијата за филм се одржа тренинг-програмата „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса“ со Брајан Мекгил.
Втората работилница, за основните филмски техники, се одржа во соработка со „Млади артивисти“ и „Женска алијанса“, а обучувачи на оваа четиридневна програма беа Крис Белони, продуцент и режисер, и Нинке Ејсинк од Холандија и Салим Салам и Ханис Багашов.
Во кафе-киното „Котур“, нов фестивалски простор, публиката имаше можност да се сретне со Кахејн Куперман, американска продуцентка и режисерка на документарниот филм „Виолината на Џо“, кој во 2017 беше номиниран за „Оскар“.
По проекцијата на филмот „Фрик и шик“ за Жан Пол Готје се одржа дискусија за модата и родовите, сексуалноста и перформативноста со специјална гостинка Луиз Валенберг, професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм. Дискусијата ја водеше Кристина Глигоровска, модна истражувачка.
Гости на фестивалот беа и селекторот Навид Сарем од Франција и актерката од филмот „Киселина“, Анастасија Евграфова.
Автор на плакатите за годинешното издание на фестивалот и омажот на Мето Јовановски е македонскиот дизајнер Зоран Кардула.
„Скопје филм фестивал“ ѝ се заблагодарува на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, на сите помагателии и соработници, на медиумските спонзори, на кината „Милениум“ и „Фросина“, на Кинотеката на Северна Македонија, на кафе-киното „Котур“ и најмногу на својата публика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

