Култура
(Видео) Вечерва премиера на филмот „Сава“ на Македокс
Вечерва, со почеток во 23 часот во Куршумли ан во рамките на фестивалот за документарни филмови „Македокс“ – Скопје, премиера ќе има долгометражниот документарен филм „Сава“. Филмот е копродукција меѓу Сава филмс (Англија) и Ортак филмс (МКД).
Сава е документарен патувачки филм по течението на реката од 990 километри низ земјите на поранешна Југославија. Во траење од 74 минути, сниман е на локации низ Словенија, Хрватска, Босна и Србија. Филмот ги истражува комплексните односи помеѓу луѓето кои живеат по должината на реката Сава и нивните видувања за природата, идентитетот и националното припаѓање.
Режисер и продуцент на филмот е Метју Сомервил од Велика Британија, монтажата е на Горјан Атанасов од Северна Македонија, сниматели се Ден Мекрам и Метју Сомервил. Во овој филм реката има глас и во улога на наратор е ѕвездата на југословенскиот филм и светски позната актерка Мира Фурлан. Музиката е на Робин Шлохтермајер.
Ова е прв долгометражен документарен филм на режисерот Сомервил, која има завршено документарна фотографија на Универзитетот „Фалмаут“ во Лондон.
Филмот неодамна имаше светска премиера на фестивалот „Докуфест“ во Призрен, Косово, а беше прикажан и на Сараевскиот филмски фестивал. Инспирацијата за оваа приказна режисерот ја наоѓа во самите луѓе, кои живеат покрај течението на најдолгата река во некогашна Југославија, која, и покрај тоа што границите се поместени, сè уште ги поврзува луѓето. Сомервил го соединува неговото неколкугодишно истражување за историјата, политичкиот и социјалниот живот на овие народи во самиот филм, сакајќи да ни покаже како природата е поголема од која било нација.
„Реките ги поврзуваат луѓето, повеќе од кое било знаме, култура или етничко припаѓање. Сакам луѓето да се слушнат едни со други. Сакам луѓето да забават. Да се прифатиме едни со други и да комуницираме заедно, околу природата што нè опкружува“, вели Сомервил.
Задолжен за монтажата на филмот и во улога на копродуцент е Македонецот Горјан Атанасов, кој својата наобразба ја доусовршува на постдипломски студии по постпродукција на Универзитетот „Метфилм скул“ во Лондон, каде и се запознава со режисерот Сомервил.
Во потрага по зрел женски наратор, како гласот на реката, стапуваат во контакт со една од најголемите ѕвезди од југословенскиот филм, со светска кариера во Холивуд, Мира Фурлан, која со воодушевување ја прифаќа поканата. Во нивните преписки таа вели:
„Драг Метју, многу ми е драго и се чувствувам почестена што помисливте на мене за овој прекрасен проект. Целиот мој живот го посветив против поделбата и инклузивноста. Можам да го потпишам моето име под твојата реченица, каде зборуваш за природата и човечката поврзаност, кои се над сите опасни илузии за национализмот. Како една од граѓаните кои ја загубија својата земја во онаа бесмислена војна во која се бореа новите елити за финансиска корист, ви благодарам за овој проект. Со еден збор: Да. Би соработувала со вас на овој проект“.
Фурлан пристигнува во Лондон, каде ја снимаат првата сесија за нахсинхронизација. За време на пандемијата успеваат да реализираат уште една сесија преку зум-платформата, додека таа е во нејзиниот дом во Лос Анѓелес, а Горјан и Метју во Лондон.
„Веќе во септември не успеавме да дојдеме во контакт со неа повторно и нејзиниот сопруг нè контактираше да ни пренесе дека Мира е болна. Требаше да ја снимиме со неа последната нахсинхронизација, но не успеавме. Следните 3 месеци беа мачни за чекање. За жал, Мира почина. Филмот е посветен во сеќавање на Фурлан и на нашата фантастична соработка со оваа голема уметница“, вели режисерот Сомервил.
Во март оваа година филмот беше финиширан во Скопје, а постпродукцијата во Лондон во април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

