Култура
(Видео) Во УНЕСКО чествување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески
Денеска, во Париз, се одржа меѓународното чествување на Блаже Конески по повод 100-годишнината од неговото раѓање, а во знакот на Светскиот ден на поезијата, што Македонија го одбележа во УНЕСКО.
По тој повод, официјално беа објавени добитниците на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата“ и на „Мостови на Струга“.
„Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик, во чие творештво се вградени мудроста и мислечките предизвици на постоењето“, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето видеообраќање на настанот.
Потсетувајќи дека 100-годишнината од раѓањето на Конески е запишана во календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО, министерката за култура, Ирена Стефоска, забележа дека ова чествување претставува и омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот. „Не случајно песните на Конески, денеска во УНЕСКО, не ги слушнавме само на македонски туку и на други јазици“, забележа таа,ж пред да додаде: „Поетскиот збор не познава граници од кој и да е вид и не смее да познава“.
Во текот на омажот песни од Конески на своите јазици прочитаа високите дипломатски претставници во УНЕСКО, Ферит Хоџа (Албанија), Вероник Роже-Лакан (Франција), Леонора Клеинова (Република Чешка), Метка Ипавиц (Словенија), Данијела Чубрило (Србија), Гази Герери (Тунис) и Микаел Шулц (Шведска).
„Прифаќајќи ја нашата покана да учествуваат на овој настан, секој од нив прифати да го стави своето камче во повеќејазичниот мозаик на поезијата на Блаже Конески, што му го подаруваме на светот по повод Светскиот ден на поезијата“, изјави амбасадорката на Северна Македонија во Париз и претставник во УНЕСКО, Јадранка Чаушевска-Димов.
Поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, а краткиот осврт „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова-Костиглиола.
Во текот на културниот настан амбасадорката Чаушевска-Димов официјално ги објави имињата на лауреатите на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата“ и на наградата „Мостови на Струга“.
Оваа година „Златниот венец“ ѝ припадна на Керол Ен Дафи, родена во Глазгов 1955 година, една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија, авторка на педесетина книги и досегашна добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања, меѓу кои и почесните титули дама-заповедник на Редот на Британската Империја (2015) и поет-лауреат на Обединетото Кралство (2009-2019).
Наградата за дебитантска поетска книга, доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга“, му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград 1988 година. Наградената книга „Париз, Тексас“, со наслов според култниот филм на Вим Вендерс, на еден мошне суптилен и непретециозен начин говори за љубовната разделба без патетика и нуди поинаква перспектива на оваа вечна тема.
Настанот, со кој Северна Македонија во УНЕСКО ги одбележа Светскиот ден на поезијата и 100-годишнината од раѓањето на Конески, го збогати настапот на дуото „Солипсе“, односно македонската флејтистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио, со интерпретација на две дела од народниот македонски музички опус – „Зајди, зајди“ и „Гајдарско оро“ – во аранжман на Мирослав Тадиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

