Култура
(Видео) „Кајмак“ на Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал
Извонреден прием со преполно гледалиште, многу смеа и аплаузи имаше синоќа „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски на Сараевскиот филмски фестивал.
„Со ‘Кајмак’ го омрсивме Сараево. Убаво е кога некој ви ги цени работата, трудот и уметноста“, изјави Манчевски, кој во Сараево има третман на легенда на европската кинематографија.
Како гостин на Фестивалот, Манчевски доби и почесно место на вечерата со годинешните лауреати, шкотската режисерка Лин Ремзи и американскиот оскаровец, сценаристот Чарли Кауфман.
„Кајмак“ овој месец продолжува со успешниот фестивалски живот, а на 23 август ќе биде и американската премиера на 33-тото издание на ‘Синеквест’ во Калифорнија, еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, специфичен по програмата, која поддржува иновативни и креативни уметнички дела. До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири европски фестивали.

Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак“ е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Иако македонски, филмот е повеќе од 50 % финансиран од странски државни фондови. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми. Филмот ја освои специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија.

„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.
Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од „Еуримаж“, главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг-директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Јан Прајор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Герасимовски: „Џез под ламба“ ги сплоти скопјани, незаборавна џез вечер и празнична магија во Центар
На пјацетата пред Италијанската амбасада граѓаните уживаа во музика, греано вино и печени костени.
Настанот „Џез под ламба“, во организација на Општина Центар, создаде пријатна празнична атмосфера, исполнета со џез верзии на познатите божиќни песни и стари шлагери во изведба на бендот на Мартина Елиора.
„Ме радува што настанов и годинава привлече голем број посетители. Овие радосни и среќни луѓе се доказ дека на градот му недостигаат вакви содржини. Џез под ламба прерасна во убава традиција, која ја збогати културната сцена во градот“, рече градоначалникот, Горан Герасимовски, кој заедно со скопјани уживаше во празничниот амбиент и џез атмосферата.
Герасимовски, ја искористи можноста да ги покани сограѓаните на централниот предновогодишен настан во организација на Општина Центар.
„Ги поканувам сите скопјани на 29 декември на големата предновогодишна забава “Вечер под ѕвездите” на Боемска улица! Преку ден подготвивме богата детска програма, а во вечерните часови музичка журка со Brass Brothers и Либеро бенд. Ветувам добра забава за сите генерации“, порача градоначалникот.
Култура
Почина Брижит Бардо
Француската актерка Брижит Бардо починала денеска на 91-годишна возраст, пренесе „Гардијан“.
Бардо, француска актерка и пејачка која стана меѓународен секс-симбол, а подоцна ѝ го сврте грбот на филмската индустрија и се посвети на борбата за правата на животните, починала во 91. година од животот.
Меѓународната слава ја стекна со филмот And God Created Woman од 1956 година, кој го напиша и режираше нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим. Во наредните две децении, Бардо беше олицетворение на архетипскиот „секс-симбол“. На почетокот на 1970-тите, таа објави дека се повлекува од глумата и стана сè поактивна во јавниот и политичкиот живот.
Нејзината отворена поддршка за правата на животните со текот на времето беше проследена и со контроверзни изјави за етничките малцинства и јавна поддршка на францускиот крајнодесничарски Национален фронт, поради што беше осудувана за расна омраза.
Родена во 1934 година во Париз, Бардо пораснала во богато, традиционално католичко семејство. Како талентирана танчерка, ѝ било дозволено да студира балет и добила место на престижниот Париски конзерваториум. Паралелно работела како манекенка и во 1950 година, на само 15 години, се појавила на насловната страница на списанието „Ел“.
Манекенската кариера ѝ ги отворила вратите кон филмот, а на една аудиција го запознала Роже Вадим, за кого се омажила во 1952 година, откако наполнила 18 години. По неколку помали улоги, се истакна и во филмот Doctor at Sea од 1955 година, кој беше голем хит во Велика Британија.
Филмот And God Created Woman, во кој ја играше улогата на ослободена тинејџерка во Сен Тропе, го зацврсти нејзиниот имиџ и ја претвори во светска икона. Филмот доживеа голем успех во Франција и во светот и ја лансираше Бардо меѓу најголемите француски филмски ѕвезди.
Во 1960-тите години, Бардо се појави во низа значајни француски филмови, меѓу кои The Truth на Анри-Жорж Клузо, номиниран за Оскар, Very Private Affair на Луј Мал и Contempt на Жан-Лик Годар. Подоцна прифати и холивудски понуди, како Viva Maria! и вестернот Shalako со Шон Конери.
Во интервју за „Гардијан“ во 1996 година, Бардо изјави дека притисокот од славата го доживувала како товар, велејќи дека никогаш не била подготвена за живот на ѕвезда. Од глумата се повлече во 1973 година, на 39-годишна возраст. Потоа целосно се посвети на активизмот за заштита на животните, учествуваше во протести против ловот на фоки и во 1986 година ја основа Фондацијата „Брижит Бардо“.
Култура
(Видео) Музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов на годишнината на КИЦ Белград
Македонскиот КИЦ во Белград во петокот ја заокружи првата година од своето постоење со вечер посветена на бардот на македонската и на српската култура, Зафир Хаџиманов.
Во едно исклучително емотивно музичко дружење со неговите најблиски, синот Васил Хаџиманов и легендарната Бисера Велетанлиќ, бројната белграска публика на глас ги пееше големите хитови на Зафир и Бисера, а со долги аплаузи беа поздравени бравурозните интерпретации на Васил Хаџиманов на неколку обработки на традиционални македонски песни, но и неговите теми, „Охрид“ и „Сланкамен“.
Премиерно, во чест на својот татко, Васил ја испеа и првата голема фестивалска песна на Зафир Хаџиманов, „Човјек као ја“, која во далечната 1965 година ја компонира Арсен Дедиќ.
На семејството Хаџиманови, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров му подари неколку раритетни фотографии кои никогаш не биле јавно презентирани, изработени од некогаш познатиот фотограф Иван Иванов.
Овој проект инициран и организиран од КИЦ Белград е поддржан и помогнат од Министерството за култура и туризам.

