Култура
(Видео) Колумбиец пее македонски песни среде Богота: „Како музичар од Колумбија мислев дека сум слушнал сè додека не ја открив вашата музика“

Jaнко Пенафорт е професионален музичар од Колумбија, кој ја обожува македонската музика и со својот бенд има снимено голем број изведби на улиците низ Богота.
Тој има „Фејсбук“ страница насловена „Колумбиец пее на македонски“ на која што ги споделува видеата од македонските песни, а интересно е и што поттикнат од љубовта кон македонскиот фолклор го научил и македонскиот јазик.
Во настапот во срцето на Богота на „Битола мој роден крај“, тој вели:
„Јас не сум роден во Битола, не сум роден во Македонија. Ние сме родени тука, во Богота и Венецуела, но јас многу го сакам вашиот прекрасен убав град Битола и оваа песна е за вас“.
На уште едно од видеата со бендот ја изведуваат „Македонско девојче“.
„Како музичар од Колумбија, мислев дека сум слушнал сè. Ритми, мелодии, приказни што ги раскажува музиката… но потоа ја открив македонската музика. И да ви кажам, тоа е нешто што никогаш досега не сум го слушнал“, вели Пенафорт.
Колумбиецот неодамна ја посетил Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Светска премиера на симфониската суита „Итар Пејо“ од Филип Иванов

Во сабота, со почеток во 12 часот, оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе ја изведе симфониската суита „Итар Пејо“ од македонскиот композитор Филип Иванов како едукативен концерт за деца. Диригентка е Бисера Чадловска, а наратор ќе биде актерот Мартин Јорданоски. Во петок, на 14 март, концерот ќе има претпремиера за организирана посета од училишта.
Делото на македонскиот композитор Филип Иванов „Итар Пејо“, како што кажува и самиот наслов, е инспирирано од популарниот македонски лик од нашата традиција, лукавиот и снаодливиот Итар Пејо. Тој е познат како симбол на итрец, којшто успева да се справи со неправдите и предизвиците преку својата интелигенција и снаодливост. Особено е итар во надмудрувањето на богатите или на оние коишто сакаат да го искористат…
Делото на Иванов е поделено на седум делови со поднаслови коишто укажуваат на течението на нарацијата: „Триумфот на Итар Пејо пред селскиот кмет“, „Танцот на измамата: Маската на Пејо“, „Меланхолија на исчезнатата паричка“, „Шегите на Итар Пејо“, „Итар Пејо во судир со неправдата“, „Инспиративниот говор на Итар Пејо“ и „Свадбата на Пејо“.
Ова е прва симфониска суита од македонски автор која обработува лик од македонската фолклорна традиција, а е наменета за деца и млади. Композицијата е дел од наградените композиции коишто пристигнаа на конкурсот, којшто Филхармонија го распиша минатата година за откуп на дела од македонски автори наменети за симфониски оркестар.
Култура
Македонскиот филм „Лена и Владимир“ освои награда во Седона

Македонскиот долгометражен игран филм, „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, ја освои наградата за Најтрансформациски Филм на 31-от Меѓународен Филмски Фестивал во Седона.
„Ова признание значи многу за целиот наш тим кој ги вложи своите срца и души во оживувањето на оваа приказна“, велат од тимот кој работеше на овој проект.
На фестивалот присуствуваше актерот Тони Наумовски, кој посетата на Седона ја опишува како просветлувачкото искуство.
„Седона беше магична; фестивалот, луѓето, разговорите…тоа беше навистина просветлувачки“, рече Наумовски.
Лена и Владимир е македонска фантастична драма во режија на Игор Алексов, и сценарио на Александар Русјаков. Премиерата се случи на 19 октомври 2023 година. Филмот е современа антибајка за два лика исклучени од општеството. Владимир ја изгубил љубовта и се повлекува во самотија, а Лена е девојка од дом за сираци, силувана, малтретирана, никогаш не почуствувала љубов. Кога ќе им се вкрстат патиштата на „чудовиштето“ и убавицата, животите им се свртуваат наопаку.
Потопени во длабоката болка на своето минато, Лена и Владимир откриваат кревка, но издржлива врска што ги надминува нивните поединечни трагедии. Сместено на заднината на шумско светилиште, нивното патување на исцелување и искупление се развива додека тие се движат низ сложеноста на траумата, простувањето и преобразувачката моќ на љубовта.
Култура
(Видео) Сашко Коцев и Бојана Нушкова се суперхерои во апокалиптично Скопје – Македонија ќе го добие првиот Sci-fi филм со светски специјални ефекти

„Инатиум. Ситна светлина надеж во бесконечниот темен универзум. Ова небесно-сино парче скапоцен камен беше причината за мир и благосостојба низ универзумот се до еден ужасен ден. Во сега веќе разрушено Скопје гледаме како вселенскиот брод константно го емитува светлечкиот сноп црвена плазма со цел да ја апсорбира енергијата од јадрото на планетата…“ – Вака звучи краток исечок од сценариото на првиот македонски Sci-fi (научнофантастичен) 30 минутен филм „Инатиум“ во режија на Игор Стојановски.
Се работи за многу динимичен проект со импресивни специјални ефекти, чијашто премиера е најавена за оваа година. Филмот е во изработка на Старфал Филм Академија и Старфал Продукција. Сценариото е напишано од Кристијан Поповски, прв асисент на режија е Бојан Јуруковски, а режисер на сет е Гоце Цветановски.
Филмот ја раскажува вечната Битка помеѓу доброто и злото. Тоа е приказна за истрајноста, одлучноста како и надежта на протагонистите да се спротистават на негативните сили. Во универзум на работ од уништување, древниот кристал Инатиум е клучот за спас.
„’Инатиум’ ги спојува зачудувачките визуелни ефекти со моќна приказна. Од динамичниот дизајн на ликови до сложеното создавање на светот, секој детал е дизајниран за да остави траен впечаток. Нашиот тим од индустриски експерти, поддржан од години практично искуство, го оживеа ова визионерско дело претворајќи ја нашата страст за дигитално филмско творештво во незаборавно патување за публиката“, изјави режисерот Стојановски, кој е и продуцент на филмот.
Главните улоги на суперхерои кои се борат со злото ги играат Сашко Коцев и Бојана Нушкова, за кои Стојановски вели дека одлично ја завршиле својата работа.
„Сашко Коцев, нашиот етаблиран актер со своето искуство и вештина во актерската игра ја доловува приказната на специфичен начин, а талентираната Бојана Нушкова со својот професионален пристап, иако дебитант во улогата на главен актер покажа сериозен актерски потенцијал“, рече Стојановски, откривајќи дека дејствието на филмот се одвива на градскиот плоштад во Скопје, што на оваа дело му дава дополнителна специфичност и чувство на патриотизам и припадност кон родната земја.
View this post on Instagram
Тој говореше и за деталите, чувството да се создаде свет на спектакуларни вонземски бродови, моќни артефакти и незаборавна атмосфера.
„Овој проект ги комбинира најновите технологии со креативна визија, покажувајќи ја нашата способност за реализација на висококвалитетна продукција со холивудски стандард. Преку волшебни визуелни сцени на галактички војни, распаѓање на цивилизации и свети ритуали, „Инатиум“ ја истражува вечната борба помеѓу светлината и темнината. Станува збор за краток филм што ги истакнува нашите врвни вештини во VFX, 3D моделирање, концепт-арт и користење на Unreal Engine“, додава режисерот и продуцент Игор Стојановски.
Уникатните костими на суперхероите во филмот ги изработија Фросина Ангеловска-студио Фран (костим на Бојана) и Бојана Стевковска (костим на Сашко).